Земјиштето кај Холидеј ин под лупа на Антикорупциска, еве ги забелешките

Фото: Слободен печат

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска денеска ги повика институциите кои учествуваат во одобрувањето на Деталните урбанистички планови да водат сметка за стандардите и нормативите со кои се обезбедува системот на хуманост на живеењето, со плански одредби кои ќе ја штитат приватната сопственост, но на начин на кој што нема да го повредат јавниот интерес.

-По сопствена иницијатива беше отворен предмет за спроведената јавна набавка еден денар метар квадратен за изработка на просторно урбанистички планови и од анализата на тендерската постапка не констатиравме слабости во спроведување на постапката кои се спротивни на Законот за јавни набавки. Но, за одбележување е дека во поединечниот договор за јавна набавка предвидени се одредби со кои е потребно економскиот оператор да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремео извршување на договорот во износ од 10 проценти од вкупната вредност. Исто така предвидена е договорна казна во износ од еден промил од вкупната договорена цена на услугите кои се предмет на единечен договор за секој ден закаснување. Имајќи ја предвид вредноста на договорот од еден денар произлегува дека во овој случај општината не располага со соодветни и ефикасни правни механизми за наплата на штета и постои ризик од ненавремено и неквалитетно извршување на договорот без сериозни правни финансиски последици за економскиот оператор, рече Ивановска.

Таа нагласува дека оваа состојба Комисијата за јавни набавки требало да ја има во предвид и да ја согледа при оценувањето за прифатливоста на образложението за невообичаено ниска цена доставено од страна на економскиот оператор.

-Станува збор за изработка на план кој претходно е изработен од истиот планер а со одлука на Советот на општината не се применува поради неусогласеност со ГУП-от. Неусогласеноста се однесува на нумеричките податоци, бруто развиената површина и максимално дозволената нето густина на населеност, односно максимален дозволен број на жители, вели Ивановска.

Овој план го опфаќа и паркингот спроти Холидеј Ин за чија продажба реализирана во време на мораториум кога ДУП-от се ревидира и може да претрпи измени ДКСК веќе се произнесе дека постои реален ризик од влијание на сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка за ревидирање и донесување на ДУП-от од страна на општината.

Фактот дека планот се изработува по исклучително ниска цена го зголемува и ризикот од коруптивно однесување, односно вклучување на зделки помеѓу планерот и сопствениците на земјиштето кои се идни инвеститори. Од увидот во документацијата утврдивме дека забелешките кои Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот во повеќе наврати ги упатувала до планерот но не се прифатени во целост но општината како нарачател на услугата не го искористува правото да не ја прифати извршената услуга која е предвидена со договорот со економскиот оператор, нагласи првиот човек на Антикорупциска комисија.

Градоначалникот не постапил согласно законот за просторно и урбанизтичко планирање со кој е предвидено обезбедување инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање преку задолжително формирање на партиципативно тело кое ги претставува ставовите, мислењата и интересите на граѓаните но и на стучната фела. За формирање на ова тело не е објавен јавен оглас на веб страната на општината  ниту во писмена форма е изложен оглас на јавно место во траење од 30 дена како што пропиушува законот.

ДКСК препорачува органите на локалната управа особено да водат сметка за квалитетот на плановите што ќе ги донесат. При тоа имајќи ги предвид и почитувајќи ги одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање во кој е наведено дека ДУП-от како план од понизок ранг мора да биде усогласен со ГУП-от и дека е формирање на партиципативното тело и обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност на процесот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот