Казна подолга од новата ера: Ривалот на Ердоган се соочува со 2.430 години затвор
Уште 407 поддржувачи на поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, исто така, се изведени пред суд, обвинети дека „управувале со криминална корупциска мрежа“ на чие чело, според обвинителството, стоел токму опозицискиот лидер, кого го опишуваат како нејзин „основач и лидер“.
Поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, треба да стане главниот обвинет во голем судски процес за корупција, за кој неговата опозициска партија и организациите за човекови права тврдат дека е политички мотивиран, објави „Би-би-си“.
Препорачано
Имамоглу се соочува со повеќе од 140 обвиненија, меѓу кои и за корупција и раководење криминална организација. Обвинителството бара затворска казна до 2.430 години.
Тој и неговата Републиканска народна партија (CHP) ги негираат сите обвиненија. Тие го обвинуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговите сојузници дека започнале пресметка поради падот на популарноста на власта.
Пред почетокот на судењето, кое треба да започне во понеделник, Имамоглу беше широко сметан за еден од ретките политичари способни да го победи Ердоган, кој е на врвот на турската политика од 2003 година.
Имамоглу зазеде пркосен тон пред судењето, во коментари што ги дал неговиот правен тим, повикувајќи го Ердоган веднаш да распише избори.
Расте популарноста на Имамоглу, иако во затвор, би победил на претседателски избори во Турција
Стотици поддржувачи на Имамоглу се пред суд
Уште 407 поддржувачи на Имамоглу, исто така, се изведени пред суд, обвинети дека „управувале со криминална корупциска мрежа“ на чие чело, според обвинителството, стоел токму опозицискиот лидер, кого го опишуваат како нејзин „основач и лидер“.
Поранешниот градоначалник беше уапсен во март минатата година, на денот кога беше именуван за лидер на CHP и за претседателски кандидат на партијата за изборите во 2028 година. Оттогаш се наоѓа во притвор во затворскиот комплекс Мармара, каде што треба да се одржи и судењето.
Неговото притворање предизвика најголеми улични протести во земјата во повеќе од една деценија, по што следуваа стотици апсења и полициска акција за нивно задушување.
Покрај случајот за корупција, обвинителството го товари и за други дела, меѓу кои шпионажа и фалсификување на универзитетската диплома – квалификација која е неопходна за да може да се кандидира за претседател и која во меѓувреме му е поништена.
Амнести интернешнал: „Ова е политички прогон“
Турските власти негираат дека судството се користи како политичка алатка, но судењето наиде на силни критики од организациите за човекови права.
— Судењето на градоначалникот Екрем Имамоглу следува по повеќе од една година инструментализирање на кривично-правниот систем против неговата партија и други избрани функционери на CHP, додека тој се наоѓа во затвор. Кога ќе се погледнат сите овие случаи во целина, тешко е да се избегне заклучокот дека обвинителите се обидуваат да го отстранат Имамоглу од политиката и да ја дискредитираат неговата партија на начин што ја поткопува демократијата — изјави заменик-директорот за Европа и Централна Азија во „Хјуманс рајт воч“, Бенџамин Ворд.
„Амнести интернешнал“ ги нарече апсурдни обвиненијата против Имамоглу.
— Ова политички мотивирано гонење, кое речиси целосно се темели на сведоштва од тајни сведоци, е исполнето со сериозни проблеми во однос на правичното судење и владеењето на правото — изјави во петокот заменик-директорката за Европа во „Амнести интернешнал“, Динушика Дисанајаке.
Турската влада, пак, инсистира дека судството функционира независно.
— Јас едноставно ја извршував својата должност како јавен обвинител. Мојата совест е чиста — изјави во петокот министерот за правда Акин Гурлек, поранешен главен обвинител кој ја водеше истрагата против Имамоглу.
Имамоглу првпат беше избран за градоначалник на Истанбул во 2019 година, а беше реизбран во април 2024 година, кога го победи кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) со речиси еден милион гласови разлика.
Неговата победа го изненади Ердоган и неговата партија, при што многу политички коментатори во Турција ја опишаа како „најтешкиот пораз досега“ на турскиот претседател.
Издаден налог за апсење на веќе затворениот Имамоглу поради „политичка шпионажа“


