Фото: Pexels

Категоризација: Домашните хотели ги китиме со ѕвезди, но тоа не е доволно за Мишелин

Ниту еден македонски хотел не се најде во ѕвезденото друштво на најновиот водич на Мишелин. Туристичката понуда на земјава вклучува 255 хотели, кои се категоризирани според европски стандарди. Меѓу нив има дури 20 хотели со 5 ѕвезди, од кои најмногу се во Скопје, Гевгелија, Охрид, Струга, Берово и Велес. Некои од нив се плус означени и со „супериор“, но тоа не е доволно да се биде дел од престижната светска листа.

Оценети со 4 ѕвезди се 85 хотели, од кои по еден во речиси секој град во внатрешноста и повторно најмногу во Скопје и Охрид. Приличен број се оценети со 3 ѕвезди, додека на туристите кои не претпочитаат луксузни услуги на располагање им се капацитети од пониска категорија и тоа со две ѕвезди. Само 4 угостителски објекти, „заблескале“ со 1 ѕвезда. Само еден угостителски капацитет не ги исполнил условите за категоризација.
За разлика од нашите сместувачки капацитети, во Србија има 4 хотели со Мишелин ѕвезда, во Хрватска нивната бројка е 10, во Словенија и Црна Гора по 6. Грција може да се пофали со 68 ѕвездени хотели, додека во Бугарија има 4 такви.

Уште три ресторани во Белград добија „Мишелин“ ѕвезди

Ознаката Мишелин клучеви – хотелскиот еквивалент на Мишелин ѕвездите за рестораните, кој сега влегува во својата втора година – е доказ дека најдобрите хотели во 2025 година се сè друго освен ексклузивен домен на најголемите градови. Опфаќајќи 143 хотели од типот Три-клуча, 572 од типот Два клуча и 1.742 хотели од типот Еден -клуч, инспекторите пронајдоа хотели кои заслужуваат да го носат ова високо одличје во секој агол од светот.

-Истражете и ќе најдете хотели на места кои се добро скриени, во платнени шатори во пустината и стаклени кутии во шумата, во ѕидовите на античките ријади и кулите на сосема нови градби. Секој од над 7.000 хотели во нашиот избор ги исполнува строгите критериуми на инспекторите. Оние што носат ознака Клуч се најизвонредни. Најдобриот начин да ги запознаете е сами да ги истражите – советува водичот на Мишелин.

Според туристичките работници, токму оваа категоризација овозможи Македонија да се позиционира на светската туристичка мапа.

Поранешниот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, за „Слободен печат“ неодамна изјави дека е вистински погодок да се инвестира во хотелиерството и да имаме што е можно повеќе високо категоризирани сместувачки капацитети, кои ќе овозможат повисока додадена вредност во дејноста.

– Нашите закони се добри, но една работа е вреднувањето, а сосема друга работа е дали тоа се применува во практиката. За нас е важен секој турист, а нивните оценки потоа го шират добриот или лошиот глас за македонската туристичка понуда. Добро е што се градат вакви капацитети и нека ги има што повеќе во Скопје и Охрид, кои се најпосетувани туристички дестинации. Но важно е да се вложува и во човечкиот капитал и да се нудат што е можно повеќе дополнителни услуги за да има конкуренција. Цената не е секогаш најбитна. Добро е и да се носат повеќе светски брендови во хотелиерството – објаснува Јаневски и додава дека воспоставувањето реална категоризација е основата за успешен туризам и добра клима за привлекување и туристи, но и инвеститори.

Многу ѕвезди светат, ама ниту една не е Мишелин!- потребна е нова категоризација на домашните ресторани

Новиот правилник за категоризација на угостителските објекти е од 2013 година и за да се избегнат обвинувањата за субјективизам при рангирањето, тој е правен според теркот во поголем број европски земји. За хотелите од сите категории е предвиден одреден минимум што треба да го имаат, а понатаму, за секоја услуга ќе добиваат поени. Вкупниот резултат ја дава и категоријата.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, во јули нè посетиле 209.932 туристи, од кои 42,1 отсто биле домашни, а 57,9 отсто странци. Во јули во македонските хотели вкупно се сместиле 133.070 лица, а од нив 110.772 биле странци. Во хотелите со 5 ѕвезди биле сместени 34.347 странски, додека во хотелите со 4 ѕвезди престојувале 57.616 странски гости. Останатите гости престојувале во хотелите со 3,2 ѕвезди, а само 290 странски гости за својот престој ги избрале хотелите со 1 ѕвезда.

Што „осветлуваат“ хотелските ѕвезди?

Рангирањето на хотелите се движи од една ѕвезда, за оние со најмало ниво на луксуз, до пет, каде што можете да очекувате најдобар квалитет. На пример, хотелите со една ѕвезда се наоѓаат во предградијата, мора да имаат секојдневно чистење на собите, бања со туш и када, маса со стол и ТВ, рецепција што работи најмалку 8 часа секој ден, факс и телефон достапни за гостите и задолжителен појадок и пијалаци. Задолжително во хотел со две ѕвезди е појадокот да се служи како шведска маса, во собите за гости мора да има светло за читање и посебен плакар за работи, када со туш и крпи.

Луксузен хотел со 5 ѕвезди има пространо лоби со бар, во секоја соба ќе бидете пречекани со подарок, сеф за чување скапоцености и брз интернет. Можност за пеглање на гардеробата што ќе ви биде достапна по еден час, 24-часовна рецепција, лице задолжено за паркирање на возилото, вратар, како и вработени што носат багаж во собата, врвна услуга, феноменално опремени соби, чистота на највисоко ниво, во центар на градот и во близина на сите важни знаменитости, ресторан со врвна кујна, фитнес, паркинг, базен, многу често спа-центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот