Катарски танкер пловел кон Ормускиот Теснец на пат кон Пакистан – Иран сака да гради мостови на доверба?
Катарски танкер за течен природен гас вчера пловеше кон Ормускиот Теснец на пат кон Пакистан, според податоците за поморски сообраќај, потег за кој извори велат дека бил одобрен од Иран со цел градење доверба со Катар и со Пакистан, кои се посредници во војната, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Доколку танкерот успешно стигне до Пакистан, тоа ќе го означи првиот транзит на катарски ЛНГ брод низ теснецот откако САД и Израел ја започнаа војната на 28 февруари.
Техеран во голема мера го блокираше неиранскиот поморски сообраќај низ тесниот премин, низ кој пред војната поминуваше една петтина од светската понуда на нафта.
Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп треба да ја посети Кина оваа недела, расте притисокот да се стави точка на војната, која предизвика глобална енергетска криза и претставува растечка закана за светската економија.
И покрај прекинот на огнот, ескалираат тензиите во Ормускиот Теснец. Забележани се судири меѓу американски и ирански пловила, нов напад врз Обединетите Арапски Емирати и погоден товарен брод во близина на Доха. Како одговор, Иран подготвува закон за забрана на премин на бродови од „непријателски држави“ кои ги почитуваат американските санкции.
Додека Трамп тврди дека примирјето опстојува, Техеран ги обвинува САД за воени авантури. Истовремено, Вашингтон се соочува со слаба меѓународна поддршка за својата поморска блокада, чија ефикасност се доведува во прашање и од наводни извештаи на ЦИА.
Во меѓувреме, европските сојузници подготвуваат независни поморски мисии за обезбедување на теснецот.


