Карпош ќе ги укине бесплатните ужинки за основците?
Родителите на децата од основните училишта „Вера Циривири-Трена“, „Јан Амос Коменски“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“ се жалат дека и покрај тоа што треба да бидат бесплатни ужинките кои ги добиваат нивните деца во училиштата, тие ги плаќаат од почетокот на оваа учебна година. Во другите училишта кои се наоѓаат во Карпош, сметките за ужинките ги покрива Општината.
– Не знам како може општината цела учебна година да не може да обезбеди снабдувач на храна, па мора да одиме со анекс на старите договори од лани. Не сум сигурна ниту дали Законот за јавни набавки дозволува цела година да е покриена со анекс. Дополнително навистина иритира тоа што не добиваме бесплатна ужинка, а плаќаме исто колку и во другите училишта – вели една револтирана родителка, чие дете учи во „Јан Амос Коменски“.
Од општина Карпош тврдат дека за ужинките имаат процедурален проблем, односно дека е истечен договорот во тие школи за снабдувач, така што проблемот бил повеќе административно – технички.
– За бесплатните ужинки општината годишно одвојува по пет милиони денари, а голем број од родителите викаат дека децата ги фрлаат, затоа што не се доволно квалитетни. Градоначалникот имаше повеќе средби во училиштата во врска со тоа. Моментално се размислува тие пари, од следната учебна година да си останат со намена за школите, но да се користат за уредување на училишните дворови или обезбедувања во склоп на самите училишта – велат од Општина Карпош.