Канабисот останува забранет, пациентите се снаоѓаат во илегала
Иако Македонија во 2017 година доби основно законско решение со кое канабисот би се употребувал во медицински цели, сепак, искуствата покажуваат дека тој процес стагнира. Марихуаната и натаму останува заглавена на црниот пазар, додека „легализацијата“ генерално го фаворизира бизнисот, а не пациентите. Нив државата практично ги третира како криминалци бидејќи немаат друг избор освен да преминуваат во илегала поради своите состојби и болести.
Вкупно 75 отсто од анкетираните граѓани се изјаснија „за“ легализација на канабисот во Македонија, oд кои 40 проценти за поширока легализација, а 35 отсто само за медицински цели, во неодамнешната анкета на „Слободен печат“ за тоа каков треба да биде легалниот статус на оваа зелена билка, периодов повторно актуелна поради запленетите количини во Србија и во Македонија.
Препорачано
Но, освен секојдневните информации дека се „тресат“ и се апсат луѓе за поседување марихуана, како и тоа дека Владата одзеде девет лиценци за производство на канабис, кај властите не се гледа интерес темата за легализацијата да се отвори на пошироко ниво.
Министерот за здравство Азир Алиу единствено спомена нов закон за да се спречи злоупотреба кај лиценцираните фирми, кои од 2020 година наваму, како што неодамна пишуваше „Фокус“, на европскиот пазар извезле масло и сув цвет од канабис вредни 350 милиони евра.
Ваквите политики само со фокус кон фирмите, кои генерално извезуваат во странство, се разликуваат од ветувањата на претходните политички гарнитури дека би имало „по две-три стебла марихуана за лична употреба“ и дека „ќе се воведува декриминализација, легализација и искористување на медицинските и социјалните придобивки на канабисот“.
Македонија се стори извозно „царство“ на марихуана, зашто контролата на производството затаи
Сива зона
Сега за тоа единствено агитираат активисти и организации.
– Во Македонија во полициски билтени читаме како деца во парк се малтретираат за еден-два „џоинта“, или дека кај лиценцираните фирми се утврдени недостатоци: кусок на сув цвет, несоодветно пакување, недостиг на видео-надзор… Акцентот е ставен само на бизнисот од една, и црниот пазар од друга страна. Ај што рекреативната употреба и одгледувањето марихуана во домашни услови се тотално заборавени, јас би прашал каде се пациентите во приказнава? Законот од 2017 година требаше да им помогне токму нив – преку препарати и третмани – да можат да си помогнат себеси, наместо да трчаат по улици како криминалци и да бараат маслени екстракти од ТХЦ (тетрахидроканабинол) и ЦБД (канабидиол) – вели активистот Виктор Пауновски за „Слободен печат“.
Тој потсетува дека во светски рамки со канабис се третираат над 100 болести и состојби како аутизам, Паркинсова болест, Алцхајмер, анорексија, глаукома, мигрена, разни болки, несоници, зависности… Но, кај нас, според законот од пред една деценија, ваквата листа е „заглавена“ само за рак, СИДА, мултиплекс склероза и епилепсија.
-Таа листа не е ревидирана. Лекарите само за тие четири болести може да препишуваат масла со ЦБД, а и воопшто дали препишуваат. Можеби само ентузијасти, па останува да читаш на интернет и да експериментираш на своја рака. Во аптеките има одредени препарати од канабис, но тие апсолутно не се доволни, кога гледаме дека пациентите ги бараат во сивата зона – нагласува Пауновски.
Ова го потврдува и ланското истражување за употреба на дроги на Институтот за јавно здравје. Канабисот е на врвот и во просек се користи од 16 години, а во медицинска смисла, загрижува што 91,7 отсто од испитаниците купувале нелегални производи, 9,7 проценти ги набавувале легално, додека само на 1,9 oтсто им биле препишани на рецепт.

Здружението „Билка“ периодов побара легализација на марихуаната и веќе неколку пати предлага нов закон. Прво, луѓето да дојдат до квалитетни медицински производи од канабис, второ околината да не ги стигматизира, а притоа да се декриминализира и рекреативната употреба.
-Апелираме до сите парламентарни партии итно да работат на закон кој конечно ќе го реши ова прашање со цел пациентите да не зависат од црниот пазар, рекреативните корисници да не се криминализираат, индустрискиот коноп повторно да се јави на македонското поднебје и секундарно, зашто да не, и буџетот да се полни – рекоа неодамна од „Билка“.
Како е решена легализацијата во Европа?
Во април 2024 година, Германија кажа „да“ на рекреативната употреба на марихуана, со што стана најголемата ЕУ-земја со исчекор кон легализацијата. И остатокот од Европа оди веднаш зад неа.
Во моментот, 28 земји имаат некаква форма на легализација – било за медицинска употреба, било за возрасни луѓе.
Канабисот е декриминализиран во Холандија, Естонија, Словенија и во Шпанија, а во исто толку држави – Малта, Луксембург, Германија и Чешка – е легализиран за возрасни. Овие системи се разликуваат од пазарите во САД. Наместо специјализирани пунктови за продажба, овде повеќе тоа се прави преку непрофитни клубови, со членство за марихуана.
Точно 13 земји се во групата на „медицински канабис“. Програмите се разликуваат од држава до држава, но во повеќето случаи продажбата оди преку аптеки.
Бројот на рецепти за канабис драстично се зголеми по делумната легализација во Германија
Некои земји, како Кипар, дозволуваат само масло од канабис. Данска дозволува фармацевтски лекови базирани на канабис, но и ботанички форми на марихуана преку пилот-програма. Обединетото Кралство дозволува употреба на цвет од канабис.
Засега, пазарот на ЕУ е мал во споредба со американскиот од 32 милијарди долари кога станува збор за легална продажба – но расте. Ако во 2025 година продажбата била 1,7 милијарди долари, се очекува до крајот на 2026 година таа да порасне на 2,4, а до 2029 годишниот обем да достигне 3,8 милијарди долари, раст од над 124 проценти во однос на претходниот период.
Со сето ова, европскиот „зелен бран“ на легализација сè појасно се профилира како значаен економски тренд, но и социјално и здравствено прашање.


