Македонија се стори извозно „царство“ на марихуана, зашто контролата на производството затаи
Строгиот режим за одгледување канабис за медицински цели во Македонија се „распадна“ во делот на неефикасната контрола, коментираат за „Слободен печат“ поранешни членови на меѓуресорската комисија под услови на анонимност.
Препорачано
Според нив, главната причина поради која земјава се соочува со ситуација во која канабис нелегално се одгледува за немедицински цели и се шверцува на тони, е во тоа што системот за контрола е неефикасен и полн со процепи што може да се злоупотребат.
За контрола на секторот прва инстанца според нив е Комисијата формирана од министерот за здравство, која брои пет члена. Овие пет луѓе имаат законска надлежност да одобруваат барања за исполнување на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за издавање одобрение за одгледување канабис.
Во комисијата членуваат двајца претставници на Министерството за здравство, еден од Министерството за земјоделие, еден од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековитите растенија. Нивна задача меѓу другото е да го одобрат елаборатот, односно петгодишниот план за одгледување на канабисот кој до нив го доставува фирмата и да вршат контрола над одгледувањето на канабисот во периодот од сеењето до бербата.
Комисијата според Законот, го врши увидот во извршената берба на канабисот заради утврдување на собраните стебла и е надлежна да ја контролира документацијата на целокупниот процес на одгледување на канабисот.
Втора инстанца за контрола е Државниот инспекторат за земјоделство, велат нашите извори.
Фирмата што има одобрение за одгледување на канабис, пред започнување со сеење/садење е должна да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за добивање одобрение за сеење/садење на канабис. Државниот инспекторат за земјоделство треба да врши инспекција дали фирмата обезбедила соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот, односно преработувачкиот капацитет на правното лице за одгледување на канабис.
Проверуваат и дали просторот е атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку четири метри, со бринов елемент пред оградата во котури во три реда и бодликава жица над оградата, како и дали има обезбеден 24 часовен видеонадзор над целиот простор. Контролираат дали просторот има 24 часа физичко обезбедување и дали се вработени најмалку четири лица од кои најмалку едно лице дипломиран фармацевт со најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата и едно лице агроном-насока полјоделство со најмалку три години работно искуство во областа.
Инспекцијата од Земјоделство исто така треба да контролира дали фирмата по добивање на одобрението за сеење/садење на канабис, а пред започнување со сеење/садење на семето од канабис ги известило Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за лекови и медицински средства и меѓуресорската комисија формирана од министерот за здравство за започнување со сеење/садење.
Државниот инспекторат за земјоделство исто така треба да проверува дали одгледувачот на канабис води евиденција за бројот на стеблата и дали до Министерството за земјоделство ги пријавил сите настанати промени и отстапувања во одгледувањето на канабисот претходно планирани во елаборатот во рок од три дена од денот на настанокот на промената и отстапувањето.
Одгледувачот е должен 15 дена пред денот на започнување со бербата на канабис да го извести Министерството за здравство за денот на започнувањето на бербата. По завршената берба, тој треба собраниот надземен дел од растението канабис да го суши во посебен наменски уреден простор, со големина во зависност од количестовото на одгледан канабис, сместен на истата локација каде што го одгледува канабисот.
Инспекторатот за земјоделство исто така е надлежен да провери дали одгледувачот на канабис поднел извештај до Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за лекови и медицински средства за завршениот процес на одгледување и добиената вкупна сува маса и тоа во рок од три дена од денот на завршениот процес на одгледување.
Елаборатот е план за одгледување на канабисот за медицински цели во примарното производство и е петгодишен.
Комисијата формирана од министерот за здравство Азир Алиу досега извршила надзор на 10 од вкупно 43 фирми што имаат лиценца за одгледување медицински канабис. Резултатите од контролата се дека од овие 10 фирми, постапка за одземање на лиценцата е почната кај 6.
Од досега извршени вонредни инспекциски надзори во десет компании што имаат лиценци за одгледување и производство на канабис за медицински цели, шест се во постапка за одземање на лиценцата, затоа што не ги исполнуваат условите за лиценцирање предвидени во законот за опојни дроги. Во моментот, во интерес на постапката која е сè уште во тек, не може да се информира за повеќе детали.
И натаму продолжуваат вонредните контроли во сите правни субјекти што се спроведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД, Инспекторатот за земјоделство, ДСЗИ и други надлежни институции, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.
Министерот Алиу не ги прецизираше имињата на фирмите чии лиценци ќе бидат одземени, ниту пак врз кој основ ќе биде направено тоа, односно кој дел од Законот за контрола на опојни дроги не го исполниле.
Во Државниот инспекторат за земјоделство прашавме дали имаат извршено контроли во фирмата „Алфафарм“ во 2025 и во 2026 година, колку се на број извршените контроли и какви наоди имаат констатирано. До објавувањето на овој текст, одговор не добивме. „Алфафарм“ се поврзува со шверц на канабис во Србија од Македонија, преку претовар на количествата марихуана од еден камион во друг, кој пак бил деклариран дека ќе пренесува „квалитетни меки перници од Прилеп за Манчестер, Англија“.
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, Обвинителството презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство. Од ОЈО велат дека го утврдиле целото движење на осомничените и на товарот со дрогата во камион со приколка, преку границата, до фабричката хала во српското село Коњух.
„Осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во неутврден период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година, се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Секој од членовите на групата имал јасно определена улога при преземање, држење и пренесување на наркотичната дрога марихуана, заради нејзина понатамошна неовластена продажба. Двајца од осомничените, за кои српското обвинителство за организиран криминал води постапка, заеднички и по претходен договор со првоосомничениот во овој предмет, кој е сопственик на правно лице од Скопје, како и со други неидентификувани лица, организирале набавка на наркотична дрога марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Република Северна Македонија до Република Србија со товарни возила, заради натамошна продажба“.
Им дале на работниците да ја спакуваат „тревата“, па ги пуштиле на колективен одмор
„Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор. На 13.01.2026 година, во пладневните часови, двајцата ортаци (едниот осомничен во РСМ, а другиот во РС), организирале пренесување на поголема количина сув цвет од канабис со товарни и патнички возила од објектот на правното лице во Скопје до локација во атарот на Свети Николе. Првоосомничениот, заедно со други неидентификувани лица, организирал кутиите да бидат натоварени во возилата и во два наврати пренесени до наведената локација“, велат од Обвинителството.
Во исто време, според соопштението во атарот на селото Сарамзалино, останатите петмина осомничени на паркинг простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило. Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. По извршениот утовар, осомничените на кои претходно им беше определен краткотраен притвор со товарното моторно возило и приклучното возило, заедно со уште тројца осомничени со возила, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата.
На 6 февруари „Слободен печат“ од Владата ја побара листата на компании што добиле лиценца и работат во дејноста, листа на компании што добиле одобрение, а не започнале со дејноста, и листа на компании што добиле одобрение, а потоа им е одземено или се во фаза на одземање на одобрението. Владата четири дена подоцна на седница на 10 февруари разгледа информација во врска со злоупотребата на лиценци за производство на канабис за медицински цели.
Листата на компании што имаат лиценца и активно работат во дејноста што ја добивме од Владата ги содржи следните правни лица: ENDO CANNA – Куманово, SINCERITAS – Скопје, HAPA PHARM – Скопје, NJSK – Скопје, BUL BILDING – Струмица, GREEN MEDICALS – Кочани, OAZA ALKALOIDI – Карбинци, Штип, SEA OF GREEN – Врапчиште, LAJTING LUKS – Струмица, PURELI PLANT – Петровец, TETRA HIP – Кочани, ALPHAPHARM – Скопје, GREEN HOUSE – Кавадарци, CITI 13 HOLDING – Битола, OHRID ORGANICS – Охрид, NEDCANN – Охрид, ACPV DOO – Гостивар, HEMS MEDICAL SOLUTIONS – Гевгелија, GREEN LIFE – Валандово, MAR MEDIKA – Куманово, PHARMAROLLY – Скопје, FLOWER POWER – Вевчани, SATIVA 19 – Гевгелија, КАНАБИНОИД – Куманово, ЊУ ГАРДЕН ФАРМА – Скопје, ЛИФЕ ПЛАНТ – Струмица, ЦБД МЕДПЛАНТ – Ново Село, ЧИЛАМ – Скопје, КАННА ИНТЕР ФАРМ – Велес, БОТАНИКУЕ – Гевгелија, СПЕЦКАН – Скопје, ГРЕЕН ХОУСЕ 024 – Сопот, Кавадарци, А&Ј ГРЕЕН ХОУСЕ – Врапчиште и ЕУРО КАН ФАРМА – Скопје.
Листата на компании што имаат лиценца, но не отпочнале со дејноста е пократка. На неа се КАНАБИС МЕД ГРОУП – Струга, ГРИН БОКС КУЛТИВАЦИЈА, КАНБИО МЕДИКАЛ – Скопје, СИНО БИО, ГОЛД ЛЕАФ ЕУРОПЕ – Скопје, МАРИЈУПХАРМА – Скопје, ГМ ЛАЈТ МЕДИКАЛ – Скопје, ЕУРО КАНН – Демир Хисар и ФАРМ КРЕАТИВА – Струга.
Листата на компании на кои им е одземена лиценцата или се во постапка на одземање на лиценцата согласно одговорот од владата за „Слободен печат“ од 6 февруари се состои од фирмите: RSB SOLUTIONS – Карбинци, Штип, ГРЕН СТРАИН ХОЛДИНГ – Врапчиште, Гостивар, ГРЕН БИ БИ – Струга, ФРСТ МЕДИКАЛ КАНАБИС – Кавадарци, БЕЛАНЏ – Битола, ТХЦ КУАЛИТИ ГРОУП, МЕДИКАЛ СУПЛИ ЕКО, ЕКО ЕНЕРЏИ КОСМОС – Ново Село, МКК ДООЕЛ – Кривогаштани, СЕЈФ ФАРМА – Демир Капија, Ф&М 2017 – Гостивар, КАНАБИС-ПРО – Струмица, МИКЕСИ – Зелениково, ХЕРБ ИНДУСТРИ – Струмица.
Во фаза на одземање се лиценците на АТА ФАРМ ГРОУП – Скопје, ГРЕСТО ДООЕЛ – Свети Николе, КАНАБИНОИДС – Кочани и МАМ – Свети Николе.


