Калеска-Ванчева до епископ Давид: Вештерки ли сме па на клада да нѐ стават?

Треба инквизиција и на клада да ме стават затоа што се залагам за родова еднаквост. Што сме, вештерки? Нека ме стават на клада, не се откажувам и силно верувам во вредностите кои ги застапуваат социјалдемократите за еднаквост на сите и почитување на различностите до максимим, вели пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ за пораката на викарниот епископ на Скопската епархија, со титула епископ Давид Дремвитски, да се запишат имињата на пратениците во македонскиот парламент кои ќе гласаат за законот за родова еднаквост за Црквата да може да ги лиши од венчавки, крштевки, погреби.

„Законот за родова еднаквист прво не е стасан во Собрание, тој се уште не поминал ниту во Владата. Силно верувам во вредностите кои ги застапуваат социјалдемократите за еднаквост на сите и за почитување на различностите до максимум. Што значи дека ние кои се залагаме за родова еднаквост не ги почитуваме семејните вредности? Што треба инквизиција? Да ме стават на клада? Нека ме стават, не се повлекувам од своите размислувања и идеи во никој случај. Давид нека се запраша дали е во духот на христијанската вера да прави списоци на пратеници. Тоа не е во духот на ниедна вера. Вештерки ли сме, прашува Калеска Ванчева.

Таа додава дека семејните вредности подразбираат многу повеќе. Дека родовата еднаквост не ги загрозува семејните вредности. Калеска Ванчева вели дека законот се подготвува три години и дека процесот е максимално инклузивен.

Во пресрет на црковен собир вечерва против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, организиран од МПЦ-Охридска Архиепископија, на својот блог, довчерашниот епископ на ПОА (која се претопи во МПЦ-ОА) оценува дека законското решение за родова еднаквост е „израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот“. Тој вели дека ниту државата, ниту црквата нема против правото на избор, но оти е недозволиво „насила да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група“.

Тој укажува дека е свесен за фактот дека државата е секуларна и дека црквата нема право да донесува закони во Собранието, па според тоа, доколку законот биде изгласан, тој ќе мора да биде почитуван. Но, тој потсетува дека за разлика од државата, црквата има свои внатрешни правила.

„Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација! Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување“, вели владиката Давид.

Професорката Мирјана Најчевска, пак, вели дека ова е црковна мафија.

„Ова во духот на христијанството, и она нека фрли камен тој што не грешел, и сврти го и другиот образ, и сакај го ближниот свој, и само Бог казнува, и сите сме Божји деца и…
А можеби кога веќе имаме ваква агресивна црква во Собранието да бидат само некрстени како мене, кои не се зависни од црковната мафија“, порача Најчевска на својот фејсбук-профил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот