Црквата може да им фрли анатема на пратениците кои ќе гласаат за спорниот закон, се закани владика

Фото: Православна охридска архиепископија (ПОА)

„Пратениците кои ќе гласаат за Законот за родова еднаквост се соочуваат да бидат исклучени од црковната заедница. Тие би биле лишени од свештенодејствија, односно за нив ќе биде забрането извршување на црковните обреди, како што се крштевки, венчавки и погреби. Ваква јавно предупредување упати владиката од Скопската епархија, Давид.

Во пресрет на утрешниот црковен собир против законите за матична евиденција и за родова еднаквост, организиран од МПЦ-Охридска Архиепископија, на својот блог, довчерашниот епископ на ПОА (која се претопи во МПЦ-ОА) оценува дека законското решение за родова еднаквост е „израз на најновиот вид анархија, продуцирана директно од државата, бидејќи таа не го слуша гласот на народот“. Тој вели дека ниту државата, ниту црквата нема против правото на избор, но оти е недозволиво „насила да се наметнува стилот на живеење на некоја минорна група“.

„Да не постои погрешно разбирање, црквата никогаш не ги осудува и не е против луѓето, кои имаат некаков свој, помеѓу останатото и сексуален избор. Тоа е нивен личен избор, кој се однесува на нивната совест. Истовремено, црквата одлучно смета дека тие луѓе не смее да бидат подложени на дискриминација или на казни! Од друга страна, пак, не е возможно да биде дозволен еден специфичен вид на „апартхејд“, поточно едно издвојување на било каква минорна трансродова група, која на тоталитаристички начин ќе му го наметнува својот стил на постоење на севкупното општество. А, новиот предлог закон за родова еднаквост го има токму трансхуманизмот како своја појдовна точка: се искоренува досегашниот модел на човек со сето негово достоинство и историја, и, се воведува нов модел на човек, кој лебди на површноста од своето постоење На крајот на краиштата, христијанскиот модел на човек секогаш подразбира сопостоење со другиот, кој и да е тој, додека пост-човечкиот модел ја подразбира слободата единствено како целосна ослободеност од другиот, како поништување на различниот!!“, пишува тој во објавата.

Сепак, викарниот епископ на Скопската епархија укажува дека е свесен за фактот дека државата е секуларна и дека црквата нема право да донесува закони во Собранието, па според тоа, доколку законот биде изгласан, тој ќе мора да биде почитуван. Но, тој потсетува дека за разлика од државата, црквата има свои внатрешни правила.

„Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација! Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. Значи, доколку се декларираат како христијани, тие пратеници би биле лишени од крштевки, венчавки, погреби и сите други богослужби, кои го сочинуваат свештенотаинскиот живот на црквата, барем до мигот кога јавно ќе се преумат. На тој начин, не само поединци, туку сите заедно како општество, хармонично, еманципирано и без анархија, во мир и целосно меѓусебно почитување, ќе можеме да ги уживаме благодетите, кои ги нуди секуларното општествено уредување“, вели владиката Давид.

За утре во Скопје е закажан „сенароден собир“ организиран од црквата, кој ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски”.

Инаку, на последната седница на Синодот на МПЦ одржана пред една недела, по канонскиот отпуст ги врати во своја канонска јурисдикција дотогаш одметнатите владици на ПОА, предводени од Јован Вранишковски. Меѓу нив и Давид Нинов, кого го назначи за викарен епископ на Скопската епархија, со титула Епископ Дремвитски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот