Какви се цените за одмор во регионот? Во Албанија и во Црна Гора поевтино од Грција

Плажа во Атина, Грција / Фото: EPA-EFE/ALEXANDROS VLACHOS

Ако се тргне по крајбрежјето на Црна Гора, поевтините сместувања се понајуг, почнувајќи од Улцињ. Во албанското летувалише Голем има цени за четворица во апартаманско сместување почнувајќи од по 1.500 денари дневно. Во Грција, во сопствена режија, речиси и да нема ноќ под 3.000 денари

Со високите температури што подранија и по долгиот ковид-период, голем дел од граѓаните веќе отидоа на одмор, а дел пак, сега ги прават пресметките. Туристичките агенции веќе ги рекламираат септемвриските понуди и велат дека голем дел од јулските и августовските аранжмани им се исполнети.

„Слободен печат“ побара информации за тоа колку е бензинот во регионот, колку се сместувањата преку платформата Букинг, какви се цените на храната и на пијалоците во Грција, Црна Гора, Албанија и Хрватска.

Сместувањето, секако зависи од многу фактори. Од тоа дали објектот се наоѓа на плажа, дали е хотел, ресорт, апартманско сместување… Но, ние ги „скениравме“ цените што се нудат за поскормно сместување, она што македонците го нарекуваат „домат туризам“ што значи студио со кујна каде може самостојно да се приготвува храната. Пребарувањата покажуваат дека пониски цени имат Црна Гора и Албанија, но и тука има разлики- зависно од тоа во кој регион се бара сместување.

ЦРНА ГОРА

Будва Црна Гора
Свети Стефан, Будва, Црна Гора / Фото: EPA-EFE/ERDEM SAHIN

Ако се тргне по крајбрежјето на Црна Гора поевтините сместувања се понајуг, почнувајќи од Улцињ, а како се оди нагоре така растат и цените. Во Улцињ, во првата половина од јули, може да се најде пристојно сместивање за 2.000 денари по ноќ за едно четиричлено семејство. Во близина, во популарното место Добре Воде еден ден во истиот период, студиа со сопствена кујна, на одалеченост до 500 метри од плажа, се од 2.500 до 3.000 денари за четиричлено семејство со две поголеми деца. Пребарувањето на Букинг за Тиват пак, поажува дека само еден објект нуди сместување од по 2.000 денари за ноќ. Другите беа од 2.500 денари па нагоре. Во најпопуларната црногорска дестинација Будва, исто така има ограничена понуда од по 2.000 денари за ноќ, подалеку од плажата, или пак во околина на Будва. На некоја попростојна одлеченост од плажата во Будва, тие се по 4.000 денари.

АЛБАНИЈА

драч, плажа албанија
Драч, Албанија / EPA/ARMANDO BABANI

Слични цени како во Улцињ има во албанските крајбрежни места Голем, Драч и Велипоље во близина на плажа. Во Голем има цени за четворица во апартаманско сместување почнувајќи од по 1.500 денари дневно. Во Валона може да се изнајмат апартами и по 70 квадратни метри за помалку од 2.000 денари,а во Саранда за 2.000 денари за ноќ, во првата половина од јули, „пронајдовме“ апартман дури и на самата плажа.

ХРВАТСКА

Корчула, Хрватска / Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во Хрватска, цените се највисоки од нашата „обиколка“ по плажите низ регион. Во Макарска едно четоричлено семејство нема да може да најде сместување за помалку од 4.000 денари. За околните мали места во регионот на Дубровник треба да се издвојат најмалку 3.500 денари, но во Дубровник една ноќ чини најмалу 6.200 денари. Секако, кога се зборува за Хрватска, треба да се земе предвид и дачелината, па како и да се оди – дали со сопствен превоз, или со автобус, цените се сосема поинакви отколку кога би се одело во Црна Гора, во делот околу Тирана во Албанија, или на краците во Грција.

ГРЦИЈА

Плажа Лагониси, Грција / EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Во Грција, забалежен е раст на цените на сместувањето. Во поблиските и омилени дестинации за Македонците веќе нема ноќ за помалку од 50 евра. Во Полихроно највтините сместувања се за 3.000 денари, во Певкохори најевтините фамилијарни студија се по 4.000 денари, во Неипори, на Букинг останале само прескапи апартмани од по 10.000 денари дневно, во Сикиа близу Сарти, може да се најде сместување за 6.000 денари по ноќ, додека на островите – на Тасос нема ноќевање без 4.500 денари, а на Лефкада и на Крф има студија и по нешто над 2.000 денари.

Опатија, Хрвтска
Опатија, Хрвтска / EPA-EFE/ANTONIO BAT

Но, не се различни само цените. Од држава до држава има и различни цени на храна, на лежалки, па и на ресторани и на кафулиња. Според цените што ги дознавме од оние кои веќе беа на одмор, во Албанија на плажа кафе и пиво има по 100 денари, а на пример порција риба во ресторан за 400 денари. Во Грција, најачесто, на  плажите „фредо капучино“ е 4,5 евра, а пиво 5 евра. Некаде со тоа се добиваат лежалки, но некаде не. Лебот е над едно евро, а гирото за носење најчесто 4 евра.

Во Црна Гора, особено може да се наиде на скапи лежалки. На пример, во Тиват, на социјалните медиуми излегоа цени од 25 до 30 евра за сет од две лежалки и чадор. Во Црна Гора имаше најголема инфлација во регионот, и во продавниците има нешто повисоки цени од нашите, а според пишувањата во нивните медиуми во Петровец во кафуле алкохолен пијалок има од 1,5 евра до 3 евра, пиво од 1,7 до 3 евра. Во Хрватска пак, треба да се биде особено внимателен во изборот на место за кафе и пијалок. Таму има и многу високи цени.

Бензинот најевтин во Црна Гора, а најскап во Грција

Според сајтот Globalpetrolprices.com на 20.06 (сајтот еднаш неделно ги ажурира цените) бензинот е најевтин во Црна Гора каде што е 1,730 евра за литар,  а најскап е во Грција и се продава по 2,424 евра за литар. Во Хрватска пак, неговата цена е 1,825, а во Албанија 1,975 евра. На денот на ажурирањето, сајтот евидентирал дека цената во Македонија е 1,788 евра.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот