Самитот ЕУ-Кина/ Фото EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS (CORRECTION)

Како што се очекуваше: Самитот ЕУ-Кина без конкретни резултати

Како што беше и најавено самитот ЕУ-Кина не беше рутински и не донесе резултати, освен обид за дијалог во контекст на руско-украинската војна.

Дваесет и третиот самит помеѓу лидерите на ЕУ институциите и на кинеската држава беше фокусиран пред сѐ на војната во Украина.

Во име на ЕУ претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, побарале од кинескиот претседател Зи Џинпинг да помогне да се стави крај на војната во Украина и да се заштити меѓународниот поредок заснован на повелбите на Обединетите Нации.

-Ја повикавме Кина да помогне да се стави крај на војната во Украина, не може да се биде слеп пред нарушувањето на меѓународното право од страна на Русија, изјави Шарл Мишел.

Тој додаде дека ова значи и дека Пекинг не смее да и помага на Москва да ги заобиколи санкциите на ЕУ.

-Секој обид да се заобиколат санкциите и да и се помогне на Русија ќе ја продолжи војната, ќе доведе до повеќе загубени животи и поголеми економски последици кои не се во ничиј интерес, рече Мишел.

Европската Унија ќе остане внимателна во однос на можна воена помош од Кина кон Русија, рече тој.

Мишел и фон дер Лајен додадоа дека европската јавност ќе го поздрави секој обид од страна на Кина да помогне да се прекине војната.

-Над 40 земји во светот се придружија кон нашите санкции против Русија, ако Кина не ги поддржува, барем нека не ги попречува, нашите граѓани не би имале разбирање за поддршка кон Русија во оваа војна, и тоа би нанело и штета врз репутацијата на Кина, изјави фон дер Лајен.

ЕУ нагласи и дека дијалогот со Кина не значи дека ЕУ и Кина нужно се согласуваат.

Прес конференцијата по самитот ја одржаа само ЕУ челниците, без присуство на кинеската страна, чии ставови во Брисел денес не можеа да бидат слушнати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот