Фото: Принтскрин од видео на Зеленски

ВИДЕО | Зеленски му одговори на Путин: Русија повторно избира војна

Откако Владимир Путин во Санкт Петербург изјави дека не гледа никаква смисла во средба со Володимир Зеленски, следуваше одговор од украинскиот претседател.

Зеленски на Телеграм порача дека таквиот став значи дека Русија „повторно избира војна“, а реакцијата на Путин ја нарече „слаба“.

„Не сака да признае дека војната му се допаѓа само нему“

„Тој едноставно не сака да ја заврши војната“, додаде Зеленски, тврдејќи дека Путин „не сака ништо да промени и не сака да признае дека неговата војна му се допаѓа само нему и на оние кои од неа извлекуваат пари“.

Украинскиот претседател потоа рече дека сите што го поддржуваат Путин денеска се смеат во Санкт Петербург, од што заклучи дека тоа значи дека во Русија треба да има помалку пари, а повеќе притисок.

Што напиша Зеленски?

Да потсетиме, Володимир Зеленски му испрати отворено писмо на Путин, во кое му упати лична покана и му понуди средба лице в лице за да се заврши војната. Писмото беше објавено еден ден откако Украина изведе голем напад врз Санкт Петербург, погодувајќи големо складиште за нафта и воени цели истото утро кога Путин во градот ги пречекуваше светските лидери на својот клучен економски форум, пишува „Кијив индипендент“.

Во писмото Зеленски ги изнесува аргументите зошто Путин треба да го заврши судирот и поставува услови за повторно отворање на преговорите.

„Оваа војна е ваш личен избор“

„Речиси половина од своите 26 години на власт во Русија ги поминавте во војна против Украина“, напиша Зеленски.

„Што и да зборувате за НАТО, геополитиката и рускиот јазик, оваа војна е ваш личен избор — војна без вистинска причина. Историјата така ќе ја памети“, додаде тој.

Зеленски во писмото потсети на неуспехот на Русија да го освои Киев и да го скрши украинскиот отпор за време на инвазијата во 2022 година, разорните ефекти од меѓународните санкции врз руската економија, огромните човечки загуби и растечкото незадоволство кај руското население додека војната се одолговлекува и сè повеќе се чувствува дома.

Путин одговори

Владимир Путин изјави дека во моментов не гледа смисла во средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како одговор на неговото претходно отворено писмо.

Говорејќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин рече дека претходните директни средби не донеле конкретни резултати.

„Досегашното искуство покажува дека таквите средби служат за купување време. Нам ни се потребни договори, а не средби“, рече Путин.

Путин: Состанокот со Зеленски не би имал смисла

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот