Монт Еверест / Фото: Х

Водич на Монт Еверест преживеал шестдневна голгота јадејќи чоколадо и џвакајќи мраз

Непалски водич, кој бил пронајден како ползи надолу по Монт Еверест шест дена откако последен пат бил виден жив, изјави за Би-би-си дека преживеал така што „џвакал мраз“ и изел неколку чоколади што ги нашол во џебот.

Дава Шерпа тврди дека не бил „исчезнат“ за време на спуштањето, туку дека бил принуден да „остане зад другите“, откако останал без кислород.

Се претпоставувало дека загинал на планината, а неговото семејство во непалската престолнина Катманду веќе почнало да ги извршува последните погребни обреди, кога екипа за чистење на планината го забележала како се „спушта лизгајќи се“ кон базниот камп.

Планинарот Крис Трол бил последната личност за која се знае дека го видела Дава Шерпа жив пред да биде спасен во близина на ледениот водопад Кумбу во четвртокот.

Поранешниот британски војник изјавил дека педесет и седумгодишниот Шерпа седел на својот ранец над Кампот три, на околу седум илјади и петстотини метри надморска височина, „како што тоа го правел стотици пати претходно кога правел кратка пауза“.

Трол продолжил сам да се спушта уште околу педесет до сто метри, кога наишол на друг член од нивната група – „полски планинар без кислород, со сериозни смрзнатини“.

„Моето внимание веднаш се насочи кон најслабиот член од тројката. И тоа беше тоа“, изјави тој за програмата на Би-би-си „Њусауер“.

„Додека му помагав на тој човек да се спушта, погледнав назад нагоре по планината. Хилари Дава не изгледаше како да се поместил, а сигурно не се спушташе, бидејќи ќе ја видевме светлината од неговата ламба“.

Заробен во пукнатина

Дава Шерпа раскажал дека неговите проблеми почнале кога му снемало кислород.

„Кога кислородот исчезна, не можев да одам“, рече тој.

„Првите два дена не јадев ништо. Потоа почнав да џвакам мраз. Ме болеа забите. Силно го гризев“.

Подоцна во џебот нашол неколку чоколади и успеал да стопи малку мраз за да има што да пие.

Полека продолжил да се спушта, но потоа паднал во ледена пукнатина, според наводите на две лица кои разговарале со него за неговата голгота.

Во неа бил заробен два и пол дена, неспособен да најде излез.

Тогаш лавина урнала снег во пукнатината и му дала прва надеж по повеќе денови.

„Застанав на снегот, се исправив и погледнав нагоре… почувствував дека можам да излезам оттаму“, изјави тој за Би-би-си.

Кога се извлекол, пронашол јажиња што му помогнале да продолжи да се спушта по највисоката планина во светот. Потоа уште една лавина го загрозила неговото напредување, но тој не се откажал.
„Поминав низ снегот и продолжив да се спуштам. Одев цела ноќ. А потоа се приближив до базниот камп, по скоро една недела видов луѓе. Тоа беа момци кои одеа да собираат отпад. Ги сретнав. Тие ме однесоа долу“.

„Неверојатно“

Веста дека преживеал предизвикала шок и воодушевување меѓу шерпасите, планинарите кои биле со него и неговото семејство.

Во текот на овогодишната сезона на искачување на Еверест загинале пет луѓе, додека од дваесеттите години на минатиот век, откако се води евиденција, искачувањата однеле повеќе од 300 жртви.

Пемба Шерпа, извршен директор на компанијата „Ејт кеј експедишнс“, која ја координирала потрагата, го нарече неговиот подвиг „вистинско самоспасување“.

„Дава успеа да преживее со денови и покрај сите изгледи. Тоа е вистинско чудо“, рече тој.

Кога Трол на социјалните мрежи првпат видел објави дека Дава Шерпа, познат и како Хилари Дава Шерпа по славниот планинар Едмунд Хилари, бил пронајден жив, помислил дека станува збор за лажна вест.

„Неверојатно е. Во еден момент едвај ги задржувате солзите со неговата ќерка, а веќе во следниот гледате како доползува до населбата“, изјави тој за Би-би-си.

Неговата сопруга Даму Шерпа изјави за Франс прес дека ја изгубила секоја надеж сè додека не ја видела фотографијата од својот сопруг.

„Мислевме дека повеќе не е меѓу живите и веќе ги почнавме последните обреди“, рече таа додека го чекала во болница. Бев толку изненадена кога ги видов фотографиите и го препознав – сè уште ја носеше капата што му ја имав исплетено“.

Повеќе од илјада луѓе се искачиле на „покривот на светот“ сезонава, која е најпрометна во историјата.

ВИДЕО | Историски ден на Монт Еверест — 274 алпинисти се искачија на „покривот на светот“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот