Путин: Состанокот со Зеленски не би имал смисла
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во моментов не гледа смисла во средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, одговарајќи на неговото претходно отворено писмо, објави АП.
Препорачано
Говорејќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин рече дека претходните директни средби не донеле конкретни резултати.
„Досегашното искуство покажува дека таквите средби служат за купување време. Нам ни се потребни договори, а не средби“, рече Путин.
Спорна намера на писмото
Тој додаде дека писмото на украинскиот претседател го прочитал дури откако на него му укажал портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Путин оцени дека во писмото има елементи на грубост и ја доведе во прашање неговата вистинска намера.
„Што е тоа? Обид за организирање средба или создавање услови во кои таа станува невозможна?“, праша рускиот претседател.
За својата возраст и изборите во Украина
Осврнувајќи се на наводите од писмото што се однесуваат на неговата возраст, Путин ги отфрли.
„Авторот на писмото ја споменува мојата возраст. Постојат луѓе постари од мене кои и натаму ги извршуваат своите должности. Најважни се ефикасноста и здравјето“, кажа тој.
Путин го повтори и ставот на Москва дека во Украина треба да се одржат избори, наведувајќи дека мандатот на Зеленски истекол во мај 2024 година, а изборите биле одложени поради воената состојба.
„Се согласувам дека изборите треба да се одржат. Узурпацијата на власта е кривично дело, нема потреба да се плашат од избори“, рече Путин.
Гаранции за мир и порака до Трамп
Рускиот претседател го доведе во прашање и одбивањето на Киев да прифати можни меѓународни гаранции во рамки на идно мировно решение.
„Не разбирам зошто не ги сакаат САД како гарант. Сакаат американско оружје, но не ги сакаат САД како гарант“, рече тој.
На крајот се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп, кому, како што рече, му е благодарен, со напомена дека има уште работа што треба да се заврши.
Ако Зеленски сака средба со Путин, слободно нека дојде во Москва, вели Песков


