Пука трпението кај богатите Руси: „Високите камати ја турнаа економијата во стапица“

Дел од најбогатите руски бизнисмени денеска јавно ја критикуваа строгата монетарна политика на централната банка во државата, при што еден од нив оцени дека високите каматни стапки создале „стапица“ за економијата, пренесе Ројтерс.

Станува збор за најострата јавна критика кон финансиските власти од зголемувањето на каматните стапки во 2024 година.

Рускиот економски раст, според очекувањата, годинава ќе забави на 0,4 проценти, по растот од ч4,9 проценти во 2024 година. Како причини се наведуваат високите каматни стапки, преценетата рубља и западните санкции, додека предложените владини мерки не се очекува значително да го поттикнат растот.

Повеќето руски милијардери од 2022 година ја поддржуваа војната на претседателот Владимир Путин во Украина, и покрај западните санкции што им го ограничија пристапот до имоти и луксузни јахти во Европа и Северна Америка.

Но, додека војната влегува во петтата година, без видлив крај, а профитите паѓаат, даноците растат, пристапот до западните пазари останува затворен, а приватниот имот се национализира, согласноста меѓу бизнисмените околу воените цели почнува да пука.

Роман Троценко, милијардер од транспортот, ѓубривата и недвижностите, ја спореди монетарната политика на Централната банка со „Волкеровиот шок“, алудирајќи на агресивното зголемување на каматните стапки во САД од 1979 до 1982 година, под водство на Пол Волкер.

„Ова беше голем експеримент и никој потоа не го повтори, освен ние“, рече тој пред високи функционери, банкари и бизнисмени на панел за раст, организиран од најголемата руска банка Сбербанк, во рамки на најголемата руска економска конференција во Санкт Петербург.

Клучната каматна стапка во Русија сега изнесува 14,5 проценти, откако претходно достигна 22 проценти. Но, таа и натаму се смета за превисока за бизнисите да инвестираат, особено откако инфлацијата се намали на 5,6 проценти, од околу 10 проценти.

Обраќајќи се на главната пленарна седница на конференцијата, Путин рече дека има разбирање за „длабоката тага и алармантните повици“ на бизнисмените поради високите трошоци за задолжување, но додаде дека економските темели на Русија се стабилни.

Троценко рече дека учебниците по економска историја ќе ја опишуваат воената политика на каматни стапки како „стапицата на Заботкин, во која Русија по грешка падна“, алудирајќи на првиот заменик-претседател на Централната банка, Алексеј Заботкин, кој се смета за еден од креаторите на сегашната политика.

Заботкин, кој присуствуваше на дискусијата, му аплаудираше на говорот на Троценко, но подоцна пред новинарите рече дека Централната банка е целосно свесна за тешкотиите со кои се соочуваат руските компании.

Дмитриј Мазепин, сопственик на производителот на ѓубрива Уралхем, ги спореди потезите на Централната банка за ладење на економијата со напорите на непријателските западни сили.

„Што прави надворешниот предизвик? Покрај тоа што, како што рече претседателот, сакаат да ни нанесат стратешки пораз, тие едноставно сакаат да нè забават. Што се случува внатре? Што прави Централната банка кога вели дека сака да ја олади економијата?“, рече Мазепин.

Најбогатиот човек во Русија, според Форбс, милијардерот Алексеј Мордашов, сопственик на производителот на челик Северстал, рече дека домашната побарувачка за челик паднала за 30 проценти во последните три години. Поради тоа, компанијата го намалила инвестициското портфолио за 24 проценти, а нејзиниот паричен тек станал негативен.

„Сигурен сум дека речиси сите во оваа сала сериозно ја преиспитуваат својата инвестициска програма. Јасно е дека со ваква нестабилност и променливост ќе се соочиме со уште поголем пад на инвестициите и уште поголем пад на бруто-домашниот производ“, рече Мордашов.

Руските милијардери обично избегнуваат јавно да коментираат за војната во Украина. Многумина формално се откажаа од контролата врз своите компании и водат судски постапки за укинување на западните санкции.

Герман Греф, извршен директор на Сбербанк, кој ја подготви првата економска програма на Путин во раните двеилјадити години, што тогаш доведе до силни стапки на раст во текот на неколку години, по панелот им рече на новинарите дека скромниот раст на Русија во сегашните услови е „веќе чудо“.

Претставничкиот дом му пркоси на Трамп — изгласа закон за помош на Украина и за нови санкции кон Русија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот