Фото: Pexels

Како поместувањето на часовникот влијае врз луѓето со деменција и кои симптоми не смеете да ги игнорирате

Поместувањето на стрелките на часовникот овој викенд може дополнително да ги влоши симптомите на дезориентација кај луѓето со деменција, предупредуваат експертите. Преминувањето на летно сметање на времето може да предизвика немир и вознемиреност кај заболените. Ноќта од сабота кон недела, 29 март, часовниците се поместуваат од 2 часот на 3 часот.

Додека за повеќето тоа значи само еден час помалку сон, за луѓето со когнитивно оштетување таквата промена може да биде тешко разбирлива бидејќи го влошува симптомот познат како вечерна конфузија. Поради нарушувањето на биолошкиот часовник, кај заболените може да дојде до промени во однесувањето, интензивирана збунетост и немир, пишува британски „Експрес“.

– Додека за повеќето луѓе поместувањето на часовникот е само мала непријатност, за луѓето што живеат со деменција тоа може да биде многу дезориентирачки и понекогаш да предизвика вознемиреност и немир. Бидејќи денот започнува порано, а завршува подоцна, на заболените може да им биде тешко да разликуваат шест часот наутро од шест часот навечер. Ова може да им го наруши внатрешниот биолошки часовник, поради што и тие и нивните старатели потешко доаѓаат до потребниот сон. Недостигот на сон може да доведе до прекумерен замор, што предизвикува лошо расположение и влијае на способноста за јасно размислување. Тие исто така можат да станат раздразливи и вознемирени – објасниле од Здружението за Алцхајмерова болест.

Експертите од британската организација Деменција објавиле совети за тоа како да се справат со вечерната конфузија при менувањето на часовникот.

Како да препознаете вечерна конфузија

Вечерната конфузија често кај луѓето со деменција може да предизвика силно чувство дека се наоѓаат на погрешно место. Тие можат да кажат дека мора да одат дома, дури иако се дома, или дека мора да ги земат децата од училиште, иако нивните деца одамна пораснале. Други симптоми може да вклучуваат викање, расправии, одење напред-назад или збунетост околу тоа кои се луѓето околу нив и што се случува.

Совети за справување со вечерна конфузија

– Користете техники на одвлекување на вниманието: преместете се во друга соба, понудете ѝ на личноста пијалак или ужина, пуштете музика или изнесете ја на шетање.
– Прашајте го личноста што ја мачи. Внимателно слушајте го одговорот и, ако е можно, обидете се да ја решите причината за нејзината вознемиреност.
– Зборувајте бавно и со смирувачки тон.
– Користете кратки реченици и давајте едноставни упатства за да избегнете конфузија.
– Држете ја раката на личноста или седнете блиску до неа и погалете ја по раката.

Совети за спречување на вечерна конфузија

– Воведете вечерна рутина со активности во кои ужива личноста со демеција и настојувајте телевизиските и радиопрограмите да бидат смирувачки и тивки.
– Придржувајте се до дневната рутина со активности што ги сака личноста со деменција.
– Обидете се да го ограничите внесувањето на кофеински и алкохолни пијалаци, па понудете алтернативи без кофеин и алкохол.
– Обидете се да ги ограничите дневните дремки за да поттикнете квалитетен ноќен сон.
– Затворете ги завесите и вклучете ги светлата пред самрак за да го олесните преминот во ноќ.
– Покријте ги прозорците, огледалата и стаклените врати со чаршаф или завеса бидејќи рефлексиите можат да бидат збунувачки за луѓето со деменција.
– Избегнувајте обилни вечерни оброци бидејќи тие можат да го нарушат спиењето.

Ако некој што го познавате покажува знаци на деменција, а нема поставена дијагноза, треба да се обратите кај лекар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот