Како паметно да купувате овој „Црн петок“: Избегнете ги замките и беспотребното трошење пари
Сезоната на големи попусти е на прагот, а со неа и вечната дилема – дали станува збор за вистински заштеди или за мамки што водат до каење? Black Friday односно „Црн петок“, е „феномен“ кој потекнува од САД, кој стана глобален настан и кај нас предизвикува вистинска потрошувачка треска.
Препорачано
Но, дури и оние кои се противат и не сакаат да трошат пари, можат да ја искористат оваа „капиталистичка гозба“ ако играат паметно и се фокусираат на она што навистина им треба, пишува „Гардијан“.
1. Проценете што навистина сакате
Ако планирате да ги искористите попустите, било да е тоа во продавница или онлајн, започнете со јасна листа на производи што ви се потребни. Секој трговец има интерес да ви ги покаже најдобрите понуди, за да потрошите повеќе, а многумина од нас не можат да им одолеат на 50 отсто попуст.
Важно е да запомните, ако производот не сте го посакувале пред да го видите попустот, всушност не сте заштедиле 50 отсто — вие потрошивте 100 отсто повеќе од планираното.
2. Одредете колку ќе потрошите и држете се до тоа
Со понудите што излегуваат насекаде, лесно е да се претерува. Неколку купувања одеднаш и веќе сте во минус. Погледнете ги приходите и расходите и одредете колку навистина можете да потрошите. Можете да бидете малку флексибилни ако купувате божиќни подароци, но не се оправдувајте премногу за да не трошите повеќе од планираното.
3. Следете ги омилените брендови на социјалните мрежи
Ако постојат одредени брендови што ги очекувате со овие попусти, вреди да ги следите. Не само што ќе дознаете први за поголеми намалувања, туку можете да добиете и купони, ран пристап или понуди резервирани за следбеници.
4. Почнете однапред
Желбата на купувачите доведе до тоа дека понудите почнуваат порано и завршуваат подоцна. Бидете подготвени, но запомнете дека продавниците секогаш чуваат нешто специјално токму за „Црн петок“, па не се исплати да купувате премногу рано, освен ако не сте сигурни дека нема подобра понуда.
5. Следете ги цените
Ако имате конкретен производ на ум, следете ја неговата цена во реално време и купете го во вистинскиот момент.
6. Запрашајте се зошто нешто е на попуст
Попустите можат да бидат збунувачки. Понекогаш попустот е затоа што производите не се продале по редовната цена, или затоа што постои нов, подобар модел. Не брзајте да купите нешто само затоа што „цената е добра“.
7. Проверете рецензии, особено негативни
Тоа што не сте чуле за брендот не мора да значи проблем. Ако производот работи добро и е со добар попуст, може да биде паметна зделка.
Клучот е да ги проверите рецензиите, и добрите и лошите. Ако се повторуваат исти проблеми, прескокнете го купувањето без разлика на попустот.
8. Одолејте на импулсивните купувања
Понекогаш понудата е толку привлечна што ве заведува дури и ако производот ви не ви бил потребен. Застанете и запрашајте се: Зошто ми треба ова? Дали ме привлекла само цената? Ако одговорот е „само попустот“, прескокнете го купувањето.


