Фото: Пекселс/ anna-shvets

Како мирисале старите Римјани: Научници реконструираа парфем од шише старо 2000 години

Научниците успеале да го реконструираат „рецептот“ според кој старите Римјани правеле парфеми, врз основа на остатоците од содржината на шише старо околу 2000 години, пишува српскиот „Нејшнал џеографик“.

Во 2019 година, за време на изградбата на базен во градот Кармона во Шпанија, случајно и неочекувано бил откриен влез во подземна просторија. Се покажа дека се работи за римска гробница од 1 век, а археологот Хуан Мануел Роман од Универзитетот Пабло де Олавиде во Севиља беше првиот што ја испита просторијата, која стоела недопрена речиси 2000 години.

Покрај човечки и разни други остатоци, тој открил и мало шише направено од камен кристал во кое имало стврдната компонента со непозната содржина. Заинтригиран, тој решил подетално да го испита ова ретко откритие. Испаднало дека е парфем, а за работите да бидат поинтересни, тимот успеал да го реконструира рецептот и да ја открие главната нота на мирисот.

Сè што досега знаеле научниците за парфемите на старите Римјани доаѓало од пишани извори, што е извор на информации кои често знаат да бидат кратки и нецелосни. Сепак, од нив се добиени некои основни информации, како на пример дека се направени од различни масла, но не и од алкохол. Меѓутоа, новото истражување покажа дека и двете компоненти се присутни во испитуваниот материјал.

Откривањето на сесквитерпен во масата јасно покажува дека парфемот содржел есенцијално масло, додека понатамошните истражувања покажале дека е добиен од растението Погостемон Каблин (Pogostemon Cablin), односно од индискиот пачули.

Мирисот веројатно го носел некој од членовите на семејството закопани во гробницата. Материјалот од кој бил направен малиот сад за парфем им помогнал на научниците да претпостават дека семејството е богато, бидејќи камениот кристал во тоа време се сметал за луксузен материјал.

Од древниот Египет, преку античка Грција, парфемот го најде својот пат до Римјаните. Записите за Римјаните кои користеле миризливи води и тинктури датираат од 2 век п.н.е., а според Роман и неговите колеги, ова откритие укажува дека тие користеле парфеми не само во секојдневниот живот, туку и во посебни прилики како што се погреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот