Јончевски: Во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо

фото: kfsm.mk

Видно изменениот и подмладен состав на македонската сениорска кошаркарска репрезентација не успеа да обезбеди пласман во следната фаза од претквалификациите за Олимписките игри во Париз. На турнирот во Талин нашите најдобри кошаркари забележаа три порази во дуелите Израел, Чешка и домаќинот Естонија.

Доволно за едно резиме на селекторот на националната селекција, Александар Јончевски. Прво за последниот натпревар со Чешка во кој неговите играчи прикажаа и најмногу за време на престојот во естонската престолнина:

– Направивме низа на грешки, и тоа во серија, што нè чинеше,Чесите да се одлепат резултатски. Повторно се вративме но не целосно, за да успееме и да изненадиме. Сепак се работи за селекција во која имаат играчи од НБА и од Евролигата, за кои, во одредени делови од натпреварот и немавме адекватен одговор. Таков всушност беше и целиот турнир. Додека сите други екипи имаа играчи од најсилните светски лиги, ние имавме огромни проблеми и да го составиме тимот по многубројните откажувања. Па така шанса за настап добија играчи, многу поголема и од онаа која ја имаат во нивните матични клубови – рече Јончевски.

Токму тој краток простор за маневар, за ваков, турнирски систем на натпреварување, е и основната причина за овие резултати кои се далеку од некои поранешни, смета Јончевски.

– Можеби тоа е и најголемиот проблем, каде дел од нашите стандардни, а сега и потенцијални репрезентативци не добиваат доволно простор каде би можеле да напредуваат, а со тоа и самата репрезентација. Некои од нив ги одиграа и првите минути во сениорска репрезентативн кошарка оваа сезона. Верувам дека од овој турнир ќе извлечеме огромна поука, не само ние во стручниот штаб, туку и самите играчи. А тоа е дека во моментов сме далеку од квалитетот на репрезентациите со кои сме биле рамо до рамо, а некогаш и многу подобри. Треба да сфатиме дека тоа време помина, и дека сега е времето на новата генерација која треба да даде резултат во наредниот период. За да се случи тоа треба огромна работа, пожртвуваност и желба од страна на потенцијалните репрезентативци, а секако и услови во клубовите во кои настапуваат – вели Јончевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот