Јаневски: Развојот на туризмот не смее да запре, Отворен Балкан треба да напредува, а не да се гаси

Љупчо Јаневски - директор на агенција за туризам / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Сите три земји од Отворен Балкан во 2023 година имаат раст во туристичката индустрија – Албанија, која според растот е меѓу првите пет во светот, Србија, која е меѓу првите во Европа по раст на туризмот како економска гранка, и Македонија, како земја која има значаен, односно одличен раст на девизни приливи. Тоа покажува дека сме дестинација за четири сезони, доволно конкуретна со сите останати дестинации. Вака директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски во изјава за „Косово оналјн“ одговори на прашањето – дали Отворен Балкан ја исполнил задачата.

Тој смета дека процесот на развој на туризмот не смее да запре и дека Отворен Балкан треба да напредува, а не да се гаси. Во интервјуто тој предупредува дека евентуална блокада на иницијативата би значело дека земјите од регионот треба да почнат од нула. Според него, земјите кои се отворени за туристички и економски напредок треба да размислат за приклучување кон иницијативата Отворен Балкан.

 

– За мене како човек од туризмот не постојат граници, само дестинации. А дестинациите се шират или стенсуваат во зависност од тоа каде туристите се заинтересирани за патување. Мораме да креираме мотивација и инспирација за туристите да не истражуваат такви какви што сме. Балканот како дестинација ќе биде се попривлечна за европските туристи кои ќе бидат мотивирани од досега можеби неистражените дестинации во Европа – рече Јаневски.

Тој изјави дека Балканот плени со својот гастро-концепт, но и природата, можностите за авантуристички туризам и културата која изобилува со мултикултурализам. Според него, политичките и економските прашања треба да се раздвојат и иницијативата Отворен Балкан да го продолжи патот, бидејќи, туризмот имал најмногу бенефит од заедничките настапи и пазари.

 

– Општо земено, туризмот е поврзан со Отворен Балкан, но туризмот ќе постои и со и без Отворениот Балкан. Сепак, мислам дека ова е одлична порака до другите земји од Западен Балкан и Јадранскиот регион дека ќе бидеме доволно конкурентни. Тоа можеме да го направиме само преку промоција на Македонија, преку промоција на Отворен Балкан, бидејќи сметам дека Отворен Балкан треба да се заснова на многу повеќе културни, економски и туристички вредности – потенцира Јаневски.

Берлинскиот процес и Отворен Балкан се едно исто, а Отворен Балкан треба да биде катализатор и успешна практика за тоа како Берлинскиот процес треба да се развива од економска гледна точка, нагласи Јаневски.
Тој додава дека лесно е да се напушти Отворен Балкан, но тоа би значело дека сите земји ќе треба да почнуваат од почеток.

 

– Според мене, Отворен Балкан треба да се одржува и проширува. Всушност, тоа што се очекува од Отворен Балкан се видливи резултати. Отворен Балкан треба да се ослободи од политиката и да се фокусира на економијата. Да се фокусира на овозможување подобри услови за работа на приватниот сектор, но и за вмрежување за да бидеме поконкурентни на други пазари – рече Јаневски.


Тој истакна дека голем број инвеститори дојдоа во регионот изминатите четири години, откако е почната иницијативата и дека нивниот интерес не стивнува и дека би било непромислено да се прекине тој процес.

– Отворен Балкан е сјајна прилика за инвеститорите, главно странските, бидејќи веќе не говориме за два милиона луѓе, туку за десет милиони луѓе. Говориме за пазар кој ќе биде уште поатрактивен и од туристичка гледна точка во привлекување поголем број странски брендови во хотелиерството, што ќе овозможи поголем број странски туристи – рече Јаневски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот