Весна Јаневска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Јаневска: Ќе почнеме со лиценцирање на психолозите за да детектираат проблеми во училиштата

Министерката за образование и наука најави лиценцирање на училишните психолози за да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки. Од Комората на психолозите ќе побара да организира додатни обуки за психолозите бидејќи едни учеле по стари, а други по нови програми.

Во врска со случаите на педофилија кај наставници, Јаневска изјави дека во образованието има многу проблеми, но, рече, овој е еден од најтешките и  преземале мерки за справување. По случаите, кои се познати во јавноста, нагласи таа, постапил Државниот просветен инспекторат и е пријавено и во полиција и во јавните обвинителства.

„Се обраќам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние што го вршат нелегалното дело, но се и наставници на учениците што треба да бидат заштитени од оние што прават недозоволиви дејства. Ќе го зајакнеме приправничкиот испит затоа што таму се неопходни промени и, дополнително, ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки. Лиценцирањето ќе се однесува за целокупната нивна работа. Постојат и други алатки што ние ги применуваме. Сè што е забележано им се пријавува на соодветните институции“, изјави денеска Јаневска.

По најавата за воведување дежурство на наставници во училишните ходници и во дворовите за обезбедување мирна средина, Јаневска посочи дека тоа не е нов облик и во некои училишта тоа функционирало.

„Наставници ќе дежураат за време на одморите“ – Јаневска најави мерки за безбедност во училиштата

„Но во многу училишта не функционира. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја, но и во странство. Тие се луѓето одговорни за однесувањето на учениците и за мирната средина во училиштето. Но, сакам да нагласам дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија во училиштата, па затоа не е одговорноста само на наставниците, на целото општество, и треба да се работи и со родителите и со социјалните служби. Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни“, додаде Јаневска.

Во однос на забраната за поседување мобилни телефони за време на наставата, таа одговори дека во најголем дел од училиштата директорите и наставниците веќе презеле мерки со кои на учениците им се одземаат телефоните и ги добиваат за време на одморите.

„Со оглед на тоа што целата земја не е покриена со интернет-мрежа, со паметни табли и со таблети, доколку наставникот процени дека е потребно да се употреби мобилниот телефон на децата, тогаш тој ќе даде посебна дозвола. Сметам дека овој начин за справување со мобилните телефони во училиштата е добар. Проблем е што учениците ги добиваат телефоните од родителите, надвор од училиштата, и тогаш тие неконтролирано се користат“, рече Јаневска пред денешниот националниот натпревар на вештини 2026, во организација на Занаетчиската комора – Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека додека бил поранешен градоначалник на Кисела Вода, не биле дозволени електронски уреди во наставата и, според него, оваа општината била меѓу првите што забранила користење телефони.

„Тоа е добро да се практикува и во средните училишта и за тоа ќе разговараме со сите директори на средните училишта. Онаму каде што ќе има потреба да се користат и е во согласност со наставата, таму  ќе биде овозможено со посебна дозвола од наставниците, како што кажа и министерката, а сè друго ќе биде посветено учење за време на часот“, изјави денес Ѓорѓиевски, кој најави дека за 15 дена ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта, што ќе биде соработка на надворешен оператор со Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот