Јалдз Веапоска бара судиите да престанат да се пензионираат само за нејзиниот предмет и да добие правда за извадените органи

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Медицинската сестра од Дебар, Јалдз Веапоска која во 2020 година при царски рез остана без матка, јајник и бубрег, за што на обвинителна клупа седнаа тројца гинеколози од Општата Болница Струга, сега остана и без судечки судија. Поминаа повеќе од три месеци од последното рочиште од предметот каде на тројцата гинеколози им се суди за тешки дела против здравјето на луѓето, но ново рочиште за предметот на Веапоска, судот нема закажано. Адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев, за „Слободен печат“ вели дека оваа ситуација е невидена, односно дека Законот за кривична постапка не препознава нешто што се случи на минатото рочиште – предметот да биде одложен на неодредено време. Веапоска пак, со претставки до судскиот совет и до судот во Струга моли да се најде судија или пак нејзиниот предмет да го преземе суд каде што судиите нема да одат во пензија и правдата да биде задоволена брзо и ефикасно. Веапоска пак прашува, како судијата Живко Аврамовски за нејзиниот предмет е во пензија, а за други предмети во септември и во октомври имал закажано судења.

-Од страна на нашиот адвокат беше пратено барање до претседателот на судот во Струга да се закаже рочиште. Јас се јавив во судот во Струга и ми кажаа дека судијата Живко Аврамовски користи одмор, а потоа ќе оди во пензија. Но, како што гледаме онлајн, судијата има закажани рочишта и во септември и во октомври. Затоа се чудам, дали судијата Живко Аврамовски само за мојот предмет е пензиониран? Потоа пратив претставка до судскиот совет со барање да ја испитаат работата на судот во Струга. Очекувам да има рочиште и да ја добијам правдата. Нека го земе мојот предмет суд каде што судиите нема да одат во пензија и ќе се суди ефикасно. Во меѓувреме мојот предмет е во фиоката на струшкиот суд, а Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јовановска слободно работат како доктори без никаква одлука од судот. Колку години треба правдата да ја барам во нашата држава и дали ќе ја најдам? Што чека нашата држава, уште некој инвалид да остане како мене или чекаат уште органи да се вадат?- изјави Веапоска за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ се обрати до судот во Струга со прашања дали има судија кривичар кој ќе може да постапува во ваквите предмети, со оглед на тоа што вчера во дел од медиумите беше објавено дека овој суд останува без судија кривичар. Одговорите ќе ги објавиме откако ќе ги добиеме. Според објавите во медиумите струшкиот суд нема да може да постапува за потешките кривични дела поради немање судии односно нивно пензионирање, па тие ќе бидат делегирани од друг суд во регионот.

Поради недостиг на судии правдата за некои граѓани се влече со години. Крунскиот доказ кој беше користен во судската постапка досега е медицинското вештачење од Институтот за судска медицина. Тројца вештаци констатирале дека има скандалозни пропусти во лекувањето на Веапоска, кои што довеле до тоа здрави органи да и бидат извадени.

Со вештачењето изработено на барање на обвинителството, се бара да се одговори за секој од осомничените дали примениле подобен начин на лекување, дали постапиле несовесно при лекувањето и со тоа довеле до влошување на здравствената состојба, дали постои причинско последична врска меѓу несовесното постапување и неподобното лекување со вадењето на органите, дали морало така да се постапи, дали со вадењето на органите дошло до тешко оштетување на здравјето на оштетената и дали ако не се отстранеле органите можело да дојде до потешки последици по здравјето на оштетената. За оваа цел судски вештаци направиле детален увид во списите на предметот и во медицинската документација, и го донеле следниот наод односно мислење:

Несовесноста и примената на очигледно неподобен начин и средство на лекување кај Веапоска се гледа во постапките на здравствените работници кога варирањето на крвниот притисок и варијациите на бројот на крвни елементи и хемоглобин бил решаван само со заместителна терапија. Воопшто не е обрнато внимание на причината зошто се случува тоа, туку била давана терапија за надоместување течност и крвни елементи. Нема никакви податоци во медицинската документација дека е направен гинеколошки преглед кај оштетената да се види дали губи крв низ вагината, дали е со потекло од матката ниту пак ултразвучен преглед да се утврди од каде е губењето на крв. Нема никаков податок дека нешто сериозно е преземено за влошувањето на нејзината здравствена состојба освен што е давана заместителна терапија. Исто така, иако здравствената состојба кај Веапоска се влошувала и не била стабилна, и третиот и четвртиот постоперативен ден воопшто немала редовна и честа контрола на крвниот притисок и лабораториските вредности на крвната слика. Дури откако таа паднала во шок и загубила огромно количество крв, биле преземени мерки за да се види причината за влошувањето на здравствената состојба. Тогаш бил направен ултразвучен преглед и била почната нова операција.

Вештаци од судска медицина, според документот кој го поседува нашата редакција, констатираат дека влошувањето на здравствената состојба кај Веапоска до степен да биде загрозен нејзиниот живот, настанало заради оштетување на левата бубрежна артерија при изедување на царскиот рез. Заклучокот дека артеријата е оштетена за време на царскиот рез произлегува од два факти. Едниот е дека влошувањето на здравствената состојба почнува по царскиот рез што се гледа преку лабораториските наоди, висината на крвниот притисок и пулсот. Вториот факт е тоа што кај Веапоска никогаш не биле констатирани никакви заболувања во крвните садови кои би довеле до спонтано прскање на бубрежната артерија. Очигледно е дека оштетаната според симптоматологијата што ја имала и лабораториските наоди, крварела.

Основен проблем и пропуст во лекувањето на Веапоска е непреземањето никакви мерки да се открие од каде крвави и која е причината за крвозагубата, пишува во вештачењето од судска медицина.

Затоа може со сигурност да се тврди дека постои причинско последична врска меѓу постапките на лекарите и влошувањето на здравствената состојба на Веапоска, пишува во медицинското вештачење.

Понатаму во него се вели:

По утврдувањето на тешката состојба кај Веапоска, пак се направени пропусти односно погрешно се поставени дијагнози. Оперативните зафати не го решиле проблемот односно матката и левиот јајник не е јасно зошто се извадени бидејќи според наодот од институтот за патологија нема никакви повреди на овие органи. Не е јасно зошто се отстранети матката и јајникот бидејќи главното крвавење било во просторот зад стомачната марамица каде матката и јајникот не се наоѓаат.

Изворот на крвавење според вештачењето од судска медицина, бил пронајден за време на втората интервенција а тоа е оштетување на бубрежната артерија а заради неможност да се реконструира артеријата морало да се подврзе и отстрани и левиот бубрег. Оваа постапка била неопходна за да се спаси животот на Веапоска. Сепак и оваа постапка не довела до санирање на состојбата  бидејќи на КТ снимањето во Скопје, утврдено е дека на местото на подврзување активно се излева контраст, што значи дека подврзаниот крвен сад не бил добро подврзан и крвавењето не престанало, навдуваат од Судска медицина.

На ова укажува и оперативниот наод од Клиниката за урологија каде во просторот зад стомачната марамица се нашле и биле евакуирани крвни коагулуми и дополнително била подврзана вена од јајникот.

Што се однесува до прашањето за индивидуална одговорност на здравствените работници, од судска медицина во вештачењето кажале дека:

Одговорноста за здравјето на оштетената е на целиот медициски персонал од лекари оператори, анестезиолози и останатиот медицински персонал кои учествувале во лекувањето според својата струка. Сепак на прво место според нив е одговорноста на гинеколозите кои го направиле царскиот рез. Со тоа не се ослободуваат од одговорност останатите здравствени работници кои понатаму биле должни да ја следат состојбата на оштетената.

,,Со ова сакаме да кажеме дека гинеколозите кои ја извеле операцијата не можат да бидат 24 часа на работа и дека се единствено одговорни за текот на постоперативниот период. Немало континуирана и правилна комуникација меѓу здравствените работници ниту некој сериозно ја сфатил лошата здравствена состојба на Веапоска, особено што сакале да ја испишат на домашно лекување со изразот дека е испишана во добра здравствена состојба. Единствениот лекар кој постапил правилно е тој што го направил ултразвучниот преглед пред да ја испишат оштетената и кој сигнализирал дека нешто критично се случува како и лекарите од ТОАРИЛУЦ и УК за Урологија во Скопје кои го спасиле животот на оштетената”, се вели во вештачењето.

Понатаму како заклучок што се изведува во вештачењето е тоа дека основна причина за влошување на здравствената состојба на Веапоска е тоа што и била оштетена левата бубрежна артерија при царскиот рез. После тоа не се преземени никакви мерки за утврдувањае на причината за лошата здравствена состојба и давана е заместителна терапија со што дополнително ја влошиле состојбата и задоцниле со реакцијата. Матката и левиот јајник се отстранети без медицинска причина додека бубрегот морало да биде отстранет заради неможноста да се реконструира повредената лева бубрежна артерија, пишува во вештачењето.

За крај, во документот се вели дека доколку навремено биле преземени мерки за откривање на причината за лошата здравствена состојба со сигурност ќе се избегнело отстранувањето на матката, бубрегот и јајникот и можноста за спасување на левиот бубрег би била многу поголема. Здравствената состојба на Веапоска во тој случај не би била критична, со потреба од интернзивно лекување и нова операција.

Индивидуалната одговорност треба да ја одреди судот ама таа лежи првенствено кај лекарите кои го извршиле породувањето а потоа и кај тие што ја следеле оштетената. Дури и кога ја откриле причината, операцијата била погрешно изведена, бидејќи причините за крварењето не биле до крај отстранети. Слободно можеме да констатираме дека лекарот кој го направил ултразвучниот преглед и кој сигнализирал дека состојбата е критична и лекарите од Скопје го спасиле животот на оштетената, пишува во вештачењето.

На ова вештачење има контра-вештачење на одбраната.

Адвокатот на Веапоска Сашо Јанев на минатото рочиште коментираше дека овој предмет е врел костен кој ниеден судија не го сака во свои раце, со оглед на тоа што двајца судии веќе се пензионираат додека трае случајот.

-Секој бега како ѓавол од крст од овој предмет, ама нема каде да бегаат јас ви гарантирам. Еден ден ќе падне пресуда и јас ви гарантирам дека таа ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и од правдата, рече Јанев.

Тој додаде дека тактиката на одбраната е да издејствува супервештачење. Во засебен случај, неповрзан со овој, но каде Веапоска беше сведок, беше утврдено дека гинекологот доктор Мухамед Асани, имал гинеколошка ординација на диво дома, во својата семејна куќа каде ја прегледувал и Веапоска и други пациентки. Таа му беше затворена и за ова тој доби условна осуда, откако Веапоска и другите пациентки во суд сведочеа и дадоа нотарски изјави опишувајќи како стигнувале на овие прегледи, каде се наоѓала ординацијата, а во постапката тврдеа и дека за неговите прегледи му плаќале пари на рака, а тој никогаш не им издал фискални сметки. После компликациите и губењето на трите органи, Веапоска остана и без жолчката која мораше да ѝ биде отстранета со хируршка интервенција.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот