Јакимовски: Скандал и срам – спортскиот херој на Македонија нема да учествува на ЛОИ Токио!

Македонските атлетичари со нов настап на меѓународната сцена/Фото: Facebook/Jovan Stojoski/Dario Ivanovski

Тренерот на македонскиот атлетичар Дарио Ивановски го изразува незадоволството после одлуката на МОК и федерацијата кој да ја претставува нашата земја на игрите во Токио.

Денеска Македонскиот олимписки комитет ги објави имињата на спортистите за кои е потврдено учеството во Токио каде што ќе ја претставуваат нашата земја на Летните Олимписки игри. Атлетиката ќе ја претставува Јован Стојоски, и како што воедно известуваат од тамошната федерација, селекцијата, односно изборот е направен согласно критериумите за пријава на спортисти кои се без остварена норма.

Светската атлетска федерација наведува дека треба да се испрати најдобриот рангиран атлетичар во дисцилиплината во која што настапува. Со неговиот резултат од 46,82 на 400 метри Стојоски успеа да го обезбеди својот пласман за Олимпијадата во Токио.

МОК: За пет македонски спортисти е потврдено учеството на Олимпијадата во Токио

Претходно беше објавено дека Дарио Ивановски постави нов државен рекорд во дисциплината 3000 метри во Европскиот куп – Трета лига во Лимасол, Кипар каде што ја освои бронзата со време 08:06,66 минути.

Неговиот тренер Игор Јакимовски секако веднаш ја сподели оваа убава вест, и не само тоа, Ивановски по 16 пат во својата кариера руши сениорски рекорд на нашата земја, во сезоната 2021 дури шестпати руши национален рекорд. Изминатите 30 дена тоа го направи дури четири пати што доволно зборува за неговата фантастична олимписка година на натпреварување и докажување.

Јакимовски го изразува незадоволството поради денешната одлука од страна на МОК и Атлетската федерација на Македонија:

– Почитувана спортска јавност во Македонија…Мојот став кој го изнесувам јавно пред сите Вас, а во врска со изборот на наш репрезент/атлетичар на ЛОИ Токио. Во ова мое изјаснување нема никакво влијание и споделено мислење од никој друг па ни од самиот Дарио. Секој мој збор, реченица и став е лично мој став.

Драги мои…
Изборот на наш репрезент за летната олимпијада ќе биде запаметен како еден од најскандалозните во историјата на македонскиот спорт. Избор кој е резултат на шестмесечна матна игра во која влогот беше голем, добивката уште поголема, а крајот олицетворение и врв на целиот спортски хаос кој се случува во кралицата на спортовите во Македонија.

Замислете:
Единствениот балкански шампион што го имала Македонија во поновата историја, единствениот што освојува медали на балканијадите, единствениот што освојува злато на Европско првенство за мали земји, единствениот што два пати фаќа норма за европско првенство, единствениот што сруши 6 пати рекорд за една полусезона, единствениот во машка категорија кој постигна најјак и недостижен резултат на сезоната по ИААФ таблица…
Единствениот и недопирлив во многу работи. Миленикот и брендот на Македонската атлетика. Спортскиот херој на Македонија цели 7 сезони. НЕМА ДА ОДИ НА ЛОИ ТОКИО!!!

фото: Атлетска федерација на Македонија

Најпрво да се обратам до сите инволвирани па на крај да заклучам.

1. Спортска јавност:
Драги наши пријатели, роднини и искрени љубители на атлетиката.Од срце Ви благодарам за неверојатната поддршка кон нашиот шампионски тим.Знам дека сте разочарани до бескрај што Вашиот национален херој и вистински Македонец нема да го гледате во нова акција на олимпискиот собир.
Бидете сигурни во едно.
Дарио од ова ништо не губи и ќе излезе како поголема легенда на македонскиот спорт.Следната олимпијада е за три години и секако таму ќе го гледате во неговиот препознатлив стил.Тој и понатаму ќе продолжи да трча со душа и срце за Вас и за нашата Македонија.
Но неговиот животен пат ќе продолжи далеку од Македонија за многу кратко време.
Таму каде што навистина се цени сиот негов труд и неоспорен талент кој го поседува како дијамант.Нашиот моментално главен животен приоритет е токму тука и за многу брзо тоа ќе го видите.Сите заедно ќе продолжиме да го почитуваме, сакаме и да го бодриме легендарниот Дарио Ивановски кој ќе продолжи со својата спортска мисија.

2. Почитувано семејство Ивановски:
Бидете горди што го имате родено, израснато и воспитано на секое поле момчето кое е синоним за нашиот национален спорт.
Бидете сигурни дека Дарио е идол на секое дете во Македонија како што тоа ми го кажаа во Кавадарци Јохан и Ана Ничевски.
Бидете уверени дека Дарио ќе успее на секое поле во животот и ќе се гордеете со него до небо.
Бидете среќни што го имате за најблизок ДАРИО ИВАНОВСКИ.
И не лутете ми се што го сакам како мое дете ❤

3. Почитувани наши спонзори во спортот.
Бидете сигурни дека секој Ваш влог во нашата спортска мисија ќе биде еквивалент на барем една секунда од секој актуелен државен рекорд на Дарио Ивановски.
Вие сте заслужни за секој наш успех, рекорд, победа и титула.
Вие иако сте наши мали и скромни спонзори, сепак за нас сте нај најголеми затоа што секоја Ваша помош и подршка е искрена и од срце.
А тоа многу ни значи.
Затоа Ви изразувам голема благодарност за постојаниот ветер во грб кој не прави брзи и моќни токму поради Вас.

4. Почитувана претседателке на АФМ:
Се сеќавате на извршен одбор пред 6 месеца кога рековте дека Ви е жал што сите ние трпиме заради Вашата војна со МОК ?
Затоа дојде до ова ?!
Затоа сега има оградена објава од АФМ дека МОК одлучил кој да оди во Токио ?1
Пак трпиме ние ?!
Значи сакате да кажете дека АФМ нема никаков удел, име, авторитет и моќ да одлучи сама за изборот на олимписки кандидат ?!
Оставивте немоќни се на МОК за Вашиот спорт ?!
Воопшто не чувствувате одговорност ?!
И сама сте свесни дека сите не изигравте што Ви ја дадовме подршката за да дојдете на власт во федерацијата.Нели го сменивме Крсто затоа што бил старомоден а Вие левел АП во модерната атлетика.Но сега сфаќаме дека Крсто ваков таков барем ја сакаше атлетиката и со стар шмек знаеше да го отвори секој натпревар, но и да го затвори.Вас никаде Ве нема.Недопирлива, недостапна и постојано зафатена.
Немате време за никого па ни за најстарите атлетски работници во нашата атлетика.
Затоа цела сезона доаѓате скришно на трки и со познатиот гард околу себе.
Се беше случајно за Дарио, нели ?!
Ваучерот, ФБ објавите, заборавањето за рекордите, потписот во МОК за промената на стипендијата, заборавениот годишен избор на тренер, промената на официјалите/тренерите за заслуженото…..
Се беше случајно, така и ненамерно ?!
Многу случајни работи за да биде НЕнамерно ?!
Почитувана престедателке…
Требаше денес да му се јавите на Дарио и достоинствено да му ја соопштите веста за изборот на кандидат за Токио.
Не да читаме од социјални мрежи.
Истото како што прочитавме за промената на стипендист минатата година.
Се сеќавате како имавте најмоќен ФБ статус кога се пофаливте дека Дарио е Балкански шампион ?! Кога сите Ви честитаа што токму вие ја имавте таа среќа да бидете на власт во федерацијата кога Македонија после долги години доби број еден на Балканот.
Така требаше и денес да му се јавите во таков стил.
И кога е на врвот и кога е подолу.
Да бидете искрени со него.
Вие може да бидете уште 50 години на таа функција.
Вака или онака…
Но треба да знаете дека таа федерација е на Македонија.
Не е ни моја ни твоја ни на Крсто.
Таа е на сите нас.
Авторитетот тешко се твори во животот и патот до него е мачен, долг и тежок.
Вашиот Ве уверувам дека го изгубивте кај 99% од нашата национална атлетика и Ве уверувам дека патот за враќање е скоро невозможен.
Пробајте да направите лична и неутрална анкета.
На било каков начин и ќе се уверите во ова што Ви го тврдам.
Толку за Вас.

5. Почитуван генерален секретаре на АФМ.
Ти си за мене вистинска легенда на нашата атлетика.
Ти си уште едната легенда на Илинден со која сите ние тука се гордееме.
Ние сме долги години другари и верни пријатели.
Сме испиле 1000 кафиња, сме поминале милион километри заедно во кола, сме биле цимери во еден куп хотелски соби и секако сме куќни пријатели.
За тебе знаеш дека се би направил без размислување и ќе срушам ѕид за да ти помогнам.
Но верувај дека ме имаш разочарано за твојот искрен и реален ангажман во атлетиката како генерален секретар.
Знаеш дека илјада пати сум ти кажал – ПРЕСЕЧИ И УДРИ ВО МАСА па макар бил и во криво.
И во овој случај ти од се се оградуваше.
Многу години е така и во многу случаи кога треба да пресечеш.
Но ти секогаш си резервиран и ограден од секоја ваква или онаква одлука.
Шест месеци молев, кукав и поднесував официјални барања преку АК Делта за да се јасно прецизираат критериумите за избор на нашиот кандидат.
Цели шест месеца јас не добив ни приближно конкретен и јасен одговор.
И нашето барање од АК Делта остана неодговорено.
Зошто ?!?!?!?!?!?!?!?!
За да се игра до крај за план А, план Б, план Ц, нели ?!
На крај испадна планот К.
Драг мој Самурају…
Биди сигурен дека ќе те сакам и понатаму како роден брат, но ова нема да ти го заборавам и на тебе.

6. Почитуван Јован Стојоски.
Нека ти е со среќа изборот и учеството на ЛОИ Токио.
Твојот неоспорен атлетски талент е забележан и од мене и јас како реалист во атлетиката многу пати сум постирал за тебе за многу твои успеси, рекорди и победи.
Но како што не изигра мене и Дарио во Белград на 22.02.2021 година за заедничко одбивање на настап на ЕП во Полска, а после замина за да бидеш убедливо последен, така и играш цело време на твој својствен начин што нема допирна точка со атлетиката и спортот.
Дојде во Македонија да се натпреваруваш за нас без да ни кажеш дека веќе си се натпреварувал за Р.Србија.
Јадевме кнедли од европската и светската атлетска федерација за твојот свесен преседан.
Тука почна да се однесуваш како да си Усеин Болт и да ги строиш сите кои не ти одат по ќејфот за една мега легенда, нели ?!
Те предупредивме најдобронамерно за да бидеш во секој поглед успешен и да се изградиш како Дарио за да те засака целата наша спортска јавност.
Ти до ден денес нас не не послуша.
Ниту твојот ментор од Охрид кој го батали Охридскиот маратон и клубот во пакет за да дига галама со тебе, односно готов производ.
Дури и со мене се замери, односно со најголемиот промотер на Охридскиот маратон.
Не спомнуваш на која држава рушиш национален рекорд, не зборуваш наш јазик, не престојуваш тука, немаш никаква македонска подршка…
Стави само дрес од МКД и толку, завршена работа.
Сите лајкови и коментари ти се од твои сограѓани и на туѓ јазик.
Ама баш ти е гајле, планот успеа за Токио.
Зошто е тоа така ?!
Се сеќаваш колку пати ти пишав дека Шпанци во Вардар научија наш јазик, а ти не сакаш ни на транслејт да преведеш обична објава ?!
Сега јасно ти е зошто немаш навивачи и фанови од тука ?!
Сега јасно ти е зошто никој освен оној среќник што се прошета со тебе до Полска мора единствен тука да те фали ?!
Јасно ти е, ама целта ги оправдува средствата.
Или можеби ефектот го постигна што на некои лаици им остави слика дека можеби си пласиран за друга моќна држава на ЛОИ ?!
Интересно…
Треба да знаеш едно и да бидеш уверен.
Тоа што го оствари Дарио оваа сезона е далеку, недостижно и превисоко за тебе во оваа сезона. И ти тоа најдобро го знаеш само мораш да молчиш.
Дај боже и ти да станеш балкански шампион или медал да освоиш или да здрмаш 1090 бода, но мора да признаеш дека си далеку оваа сезона од тие цели.
И наместо да се повлечеш спортски пред подобриот, ти сега се ситиш на ФБ дека си бил број 1 во минатото, сегашноста и за понатаму. Дека си успеал, а до вчера молчеше во твојот бункер додека ја слушна одлуката.
Хероите се тие кои се надвор од бункерот и галамат додека е војната.
Херои после војна има колку сакаш.
Е тука е твојата големина на спортист.
Наместо паметно да премолчиш и да си одиш во Токио ти галама како Усеин Болт.
Убав престој во Токио, те поздравува Игор МС.

7. Македонски олимписки комитет.
На Вас нема што да ви замерам до толку.
Го имате Даниел Димевски кој е вистински човек и на вистинско место.
Еден од луѓето во спортот со свое ЈАС и свој АВТОРИТЕТ.
Поради немање на елементарна комуникација со АФМ поради лични интереси и сметки на нашата претседателка со комитетот беа ставени пред свршен чин за одлуката.
Замислете тие побараа мислење од европски и светски атлетски авторитет при наша федерација тука.
Замислете само што си помислеле луѓето кога го читале барањето за да ни помогнат при изборот на кандидатот во нашиот заеднички спортски дом
СРАМ И СКАНДАЛ – стои во објавата на Јакимовски на својот фејсбук профил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот