Стевчо Јакимовски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Јакимовски бара од ФЗОМ да го провери боледувањето на Лукровски: Болен е за на работа, но не и за шопинг

Лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски соопшти дека иако е на боледување и не оди на работа, Сотир Лукровски бил виден како пазари во трговскиот центар „Сити мол“. Затоа, Јакимовски побара од Фондот за здравствено осигурување веднаш да го провери овој случај и јавно да одговори дали се откриени злоупотреби на боледувањето.

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски на вчерашната прес-конференција изјави дека актуелниот прв човек во Општината и негов наследник Сотир Лукровски, бил забележан во трговскиот центар „Сити мол“, иако веќе повеќе од 20 дена е на боледување и не оди на работа.

– „Сити мол“ е на 300 метри од неговото работно место, но не оди на работа затоа што е болен, а не е болен за да оди на шопинг – изјави Јакимовски.

Јакимовски за Лукровски: Дојдовме до народната — кога се мажеше, што ти се чинеше?

Тој нагласи дека ова боледување е, како што вели, обид да се прикрие едно големо кадровско промашување на премиерот Христијан Мицкоски и побара Фондот за здравствено осигурување веднаш да го провери овој случај и јавно да одговори дали се откриени злоупотреби на боледувањето.

– Ова боледување е обид да се прикрие едно големо кадровско промашување на премиерот Христијан Мицкоски. Фондот за здравство не смее да биде партиски сервис, боледувањето не смее да биде изговор за неработење. Затоа бараме од Фондот за здравствено осигурување веднаш да го провери овој случај и јавно да одговори дали овде има злоупотреба на боледувањето бидејќи граѓаните имаат право тоа да го знаат – изјави Јакимовски.

Претходно, на оваа тема, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски одговорајќи на новинарско прашање за боледувањето на Лукровски, изјави дека информации за боледувања може да побара исклучиво работодавачот, што во овој случај е самиот градоначалник.

– Знаете дека јас многу често коментирам боледувања и знаете многу добро дека во ниеден случај не сум споменал име на осигуреник, а не дај Боже, дијагноза. ​Значи, информации за боледувања може да побара исклучиво работодавачот. И работодавачот може да добие информации за процедурата на боледувањето, во ниеден случај за дијагнозата. ​Така што, во основа, ако ве интересираат таков тип информации, можам да ги дадам само на работодавачот, на негово барање – одговори Клековски.

Општината во рацете на заменикот

Лукровски е на боледување повеќе од 20 дена, а откако излезе информацијата дека е болен и поради тоа не е присутен во Општината, „Слободен печат“ дозна дека тој ги пренел своите овластувања на советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Неделчо Крстевски, кој го назначи како заменик-градоначалник на Карпош, а одлуката беше јавно објавена на 7 мај на општинскиот Службен гласник.

Градоначалникот си назначил заменик — дали Крстевски ќе раководи со Карпош доколку Лукровски не даде оставка?

Наводно, како што претходно пишуваше „Слободен печат“ според добро упатени извори, актуелниот прв човек на Карпош сака да поднесе оставка, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо со оглед на тоа колку капацитет, енергија, но и пари беа вложени во неговата кампања за да дојде конечно оваа партија на чело на Карпош.

Доколку дојде до нови избори во случај на негова оставка, според изворите, речиси нема никакви шанси кандидат на ВМРО-ДПМНЕ повторно да победи во Карпош.

Затоа, како што тврдат, решението Крстевски, кој на времето беше портпарол на ексградоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да биде заменик на Лукровски е најбезболно решение – партијата и без избори и понатаму да раководи со Општина Карпош.

Во меѓувреме, Општина Карпош тогаш демантираше дека градоначалникот Сотир Лукровски има поднесено оставка и дека поради тоа не оди на работа.

– Тој во овој момент користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање. Уверуваме дека Општина Карпош продолжува да функционира непречено, со целосен капацитет и посветеност кон потребите на граѓаните. Во согласност со законските процедури, надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски. Општина Карпош апелира до јавноста и медиумите за разбирање и почитување на приватноста на градоначалникот и на неговото семејство во овој период – информираат од Општината.

Општина Карпош побарала Лукровски да се избрише од Централен регистар, а да се запише Крстевски, тврди Јакимовски

Инаку, Фондот за здравствено осигурување прави контрола дали станува збор за лажни боледувања доколку тоа го побара работодавачот, кој во овој случај повторно е токму Сотир Лукровски.

Актуелниот градоначалник последен пат се појави во јавност на 4 мај, а откако замина на боледување, Јакимовски изјави дека Општина Карпош побарала Лукровски да се избрише од Централен регистар, а да се запише Крстевски, а додаде дека боледувањето на актуелниот градоначалник е само, како што вели, бегство од Карпош и незаконско купување време.

Мицкоски: Лукровски нема дадено оставка

Премиерот Христијан Мицкоски на оваа тема изјави дека Лукровски нема дадено оставка и ги обвини сите што прашуваа дали градоначалникот има поднесено оставка дека се „политички глодари“ и дека „се ситат на неговата здравствена состојба“.

Мицкоски ги нарече „политички глодари“ сите што се ситат на здравјето на Лукровски

– Тој е на боледување. Во моментов во Општината има законски избран заменик-градоначалник што го заменува градоначалникот додека е на боледување поради одредени здравствени проблеми. Иако имаше и такви политички глодари што излегуваа и се ситеа на здравствена состојба на човек, јас нема да ги коментирам тие политички глодари. Му посакувам брзо закрепнување на градоначалникот и што поскоро да се врати на својата работна позиција. Повеќе детали околу здравствената состојба ниту сум овластен, ниту би сакал да споделам – изјави премиерот.

„Карпошани ја плаќаат сметката“

Од партијата ГРОМ, пак, велат дека доколку Лукровски не е во состојба и не знае како да ја води Општина Карпош, треба да поднесе оставка, по што ќе следуваат нови избори за градоначалник на Карпош, а тоа, според нив, е најдобро решение.

– Ако Лукровски не може, не сака или не знае да ја води Општина Карпош, чесно е да си поднесе оставка. А по оставка на градоначалник, следуваат избори за нов градоначалник. Решението е јасно: оставка и избори за нов градоначалник на Општина Карпош – рече советничката од ГРОМ Добрила Андоновска.

Ќе ги дочекаат ли карпошанки ветените бесплатни прегледи за остеопороза?

Ексградоначалникот Јакимовски заклучи дека отсуството на Лукровски го плаќаат карпошани.

– Жителите на Карпош имаат право на градоначалник што работи и не сакаат градоначалник што зема боледување за да прави шопинг-терапија – нагласи поранешниот прв човек на Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот