„Јаху“ се повлече од Кина

Логото на Јаху/ Фото EPA/MICHAEL NELSON

Американската компанија Јаху денеска објави дека се повлекува од Кина, повикувајќи се на се попредизвикувачкиот деловно и правно опкружување, пренесува Си-Ен-Ен.

Компанијата изјави дека пристапот до нејзиниот пакет на услуги веќе нема да биде возможен од континентална Кина од 1 ноември.

„Јаху останува посветен на правата на своите корисници и слободниот и отворен интернет“, се вели во соопштението.

Повлекувањето на компанијата се совпаѓа со вчерашното стапување во сила на кинескиот Закон за заштита на личните податоци, кој одредува какви информации може да собираат компаниите и поставува стандарди за нивно складирање.

Јаху претходно ги намали операциите во Кина, а во 2015 година ја затвори канцеларијата во Пекинг. Повлекувањето на таа компанија од Кина е претежно симболично бидејќи некои нејзини услуги, вклучително и сајтот, се веќе блокирани во таа земја.

Кина во војна со социјалните мрежи

Кинеските власти не се откажуваат од строгата контрола на интернетот и бараат компаниите кои работат во таа земја да цензурираат содржина и клучни зборови кои се сметаат за политички чувствителни или несоодветни.

Кина ги блокираше повеќето меѓународни социјални мрежи и пребарувачи, како што се Фејсбук и Гугл.

Корисниците во Кина кои сакаат да пристапат до овие услуги ја заобиколуваат блокадата со користење на таканаречената виртуелна приватна мрежа (VPN).

Јаху е втората по големина американска технолошка компанија која го намали својот бизнис во Кина во последните неколку недели.

Платформата ЛинкедИн, во сопственост на Мајкрософт, минатиот месец објави дека ќе го затвори кинескиот сајт.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот