Ја лажирал сопствената смрт: Шокантен пресврт во исчезнувањето на поранешното момче на Оливија Њутн-Џон

Фото: Инстаграм

Новата истрага за исчезнувањето на момчето на ѕвездата на „Брилијантин“ Оливија Њутн-Џон, Патрик МекДермот, кој исчезна во море пред 17 години, води во насока дека МекДермот ја лажирал сопствената смрт, бидејќи бил во долгови и не можел да го следи холивудскиот начин на живот, пишува „Дејли мејл“.

Корејско-американскиот снимател Патрик МекДермот (48), кој девет години бил во врска со покојната австралиска пејачка и актерка Оливија Њутн-Џон, последен пат бил виден жив на 30 јуни 2005 година, кога заедно со уште 22 лица отишле на ноќен риболов на крајбрежјето на Лос Анџелес.

Интересот за случајот порасна откако Њутн-Џон почина од рак во август, а сега иследниците открија нови тврдења во јавноста.

Новиот криминалистички подкаст на Спотифај „Casefile Presents: Pseudocide“ ја истражува широко распространетата теорија дека МекДермот ја лажирал сопствената смрт. Серијата од шест дела содржи претходно необјавени интервјуа и се занимава со фактите и шпекулациите што следеа години по инцидентот. Откако Мекдермот исчезна на 30 јуни 2005 година, медиумските извештаи сугерираа дека тој бил во големи долгови. Тој поднел барање за стечај поради долг од повеќе од 30.000 долари.

Приватниот истражител Филип Клејн, пишува „Дејли мејл“, сугерирал дека банкротот на МекДермот бил важна алка во оваа мистерија. Тој исто така рекол дека Мекдермот, кој е роден во Сеул и посвоен од американско семејство кога имал две години, го мразел холивудскиот начин на живот во текот на неговата врска со Њутн-Џон, а особено не ги сакал црвените теписи.

„Холивуд е место за пари, но исто така, е место на многу сиромашни луѓе кои се обидуваат да ги заработат. А тој едноставно никогаш не успеал таму“, рекол Клејн.

Во друго откритие, Клејн тврдел дека МекДермот ѝ оставил на Њутн-Џон белешка и куп рози непосредно пред да исчезне. Пораката му била пренесена на Клејн додека тој го истражувал исчезнувањето на Мекдермот за американската информативна програма Дејтлин.

„Во пораката ѝ пишуваше дека секогаш ја сакал, дека секогаш ќе ја сака. Но, тие имаа многу проблеми. Патрик се повлече од врската затоа што не го сакаше Холивуд – не му се допаѓаше тоа што таа го правеше“, раскажал тој. Писмото може да се протолкува како последното збогување на Мекдермот со Њутн-Џон и можеби сугерира дека знаел дека нешто лошо ќе се случи.

„Мислам дека никогаш нема да се помирам со тоа“, признала Њутн-Џон за „Вуменс викли“ во 2009 година. Ѕвездата на „Брилијантин“ ја започнала деветгодишната романса со Мекдермот откако се развела од првиот сопруг Мет Латанзи во 1995 година. Њутн-Џон била на турнеја во Австралија кога исчезнал Мекдермот. Екипажот на рибарскиот брод ги пронашол неговите клучеви од автомобилот, пасошот и паричникот, а неговиот автомобил бил паркиран во пристаништето Сан Педро во Лос Анџелес. Но, и понатаму никој не сфатил дека исчезнал сѐ додека не се појавил на семеен настан на 6 јули, а полицијата конечно била повикана на 11 јули.

Меѓутоа, дотогаш, трагата се изладила – а инспекторите не пронашле ништо. Истрагата на крајбрежната стража не нашла докази за криминално дело, самоубиство, несреќа или измама при исчезнувањето на Мекдермот. Тригодишната истрага на рибарскиот брод „Слобода“ открила дека екипажот не ги пребројал луѓето на денот на патувањето, поради што исчезнувањето на Мекдермот поминало незабележано. Заклучено е дека Мекдермот најверојатно се изгубил во морето во текот на ноќта и се удавил. Оттогаш се смета за мртов. Меѓутоа, менаџерот на марината Сан Педро каде што Мекдермот се качил на бродот е уверен дека не умрел на риболовот.

„Верувам дека се симнал од бродот, но можеби грешам“, рекол тој во 2005 година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FiND iT (@finditnuus)


Мистеријата доби уште еден пресврт кога рибарот кој бил на патувањето, Тони Мајо, рекол дека го сретнал Мекдермот на бродот само три и пол часа по патувањето.

Најмалку шест сведоци се јавија во текот на една година од исчезнувањето на Мекдермот и рекоа дека го виделе жив и здрав во Мексико. Таму повторно бил „виден“ во 2010 година. Според „Си-би-ес“, во 2016 година, еден приватен истражител тврдел дека го пронашол исчезнатиот човек.

„Патрик веројатно сега работи во индустријата за јахти за угледно семејство таму“, рекол тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Yvette Nipar (@officialyvettenipar)


Њутн-Џон ја оставила трагедијата зад себе, запознавајќи го идниот сопруг Џон Истерлинг во Перу во 2008 година. Но, мистеријата продолжила да ја прогонува, иако таа се помирила со фактот дека Мекдермот најверојатно е мртов.

„Тој се изгуби на море и никој, всушност, не знае што се случило. Човечки е да се запрашате. Затоа што секогаш кога поминувате низ тешки моменти, секогаш постојат тие грижи. Тоа се работи во животот што мора да ги прифатите и да ги пуштите. Се разбира, секогаш се појавуваат прашања и тоа е човечки. Но, јас живеам понатаму“, изјавила актерката за „60 минути“ во 2016 година.

Оливија Њутн-Џон почина на 8 август на 73-годишна возраст по долга борба со ракот.

Почина познатата актерка Оливија Њутн-Џон

Животот на Оливија Њутн-Џон: Богата музичка кариера и лавовска борба со ракот

Оливија Њутн откри зошто со Џон Траволта не играа во продолжението на „Брилијантин“!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот