Изменет е Кодексот на новинарите за да одговара на дигиталната ера и новите форми на известување, вели ЗНМ
Како да се користи вештачката интелигенција во новинарството, како да се известува од судски спорови, како да се разграничи реклама од новинарски текст е впишано во новиот, изменет Кодекс на новинарите, кој изминатиот период го правеше работна група составена од претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика.
Препорачано
Како што објаснуваат од ЗНМ, се работи за измена и дополнување на постоечкиот Кодекс, па сега, откако е направена новата нацрт-верзија, очекуваат од фелата и сите медиумски работници до 18 мај да дадат свои забелешки и коментари.
„Процесот на измена и дополнување на Кодексот на новинарите се спроведува како инклузивна и повеќефазна иницијатива, чија цел е унапредување на етичките стандарди во новинарството и нивно усогласување со современите медиумски предизвици. Измената опфаќа два дела: ревизија на постојните одредби и воведување нови правила кои одговараат на дигиталната ера и новите форми на известување“, посочуваат од ЗНМ.
Според ЗНМ,во рамки на досегашната работа се направени значајни измени во повеќе делови од Кодексот. Изменета е Преамбулата, а корекции се направени во членовите 1, 4, 6, 8, 10, 12, 14 и 17, со цел, како што велат, појаснување и зајакнување на професионалните и етичките стандарди.
„Дополнително, направени се измени и во завршните одредби. Како значаен чекор во модернизацијата, воведени се и три нови членови кои се однесуваат на користењето на алатките за вештачка интелигенција во новинарството, на прашањата поврзани со тајно прибирање на податоци и на известување за случаи на самоубиства и обиди за самоубиства. Во моменталната работна верзија етичкиот кодекс брои осумнаесет членови“, соопштува ЗНМ.
Дополнително, како дел од аналитичката поддршка за реформата, изработени се и два документа кои ги адресираат актуелните етички предизвици и нудат насоки за модернизација на новинарските стандарди.
„Тие се фокусираат на справување со дезинформации, говор на омраза, заштита на ранливи групи, проверка на факти и влијанието на новите технологии врз новинарската професија“, наведуваат од Здружението.
Очекувањата од овој процес се создавање на појасен, поразбирлив и применлив Кодекс кој, велат оттаму, ќе им помогне на новинарите во секојдневната работа.
***
„Слободен печат“ во продолжение ги објавува сите членови од нацрт-верзијата од Кодексот на новинарите:
ЧЛЕН 1
Новинарот има право на слободен пристап и одговорно користење на сите извори на информации од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни и проверени информации, нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Прикривањето факти е еднакво со нивното намерно искривување.
ЧЛЕН 2
Новинарот треба да ја провери точноста на информацијата колку што е тоа можно и од меѓусебно неповрзани извори. Доколку информацијата има еден извор, не може да се потврди или станува збор за претпоставка, тоа треба да се нагласи.
ЧЛЕН 3
Плагијаторството, фалсификувањето и/или манипулирањето со содржини се спротивни на новинарската етика и се неприфатливи. Цитатите не треба да се користат без да се нагласи изворот или авторот. Доколку изворите бараат да останат анонимни, новинарот има обврска да ги заштити.
ЧЛЕН 4
Новинарот има обврска да овозможи фер и навремено објавување демант или исправка што може значително да влијае врз објавената содржина, односно секогаш кога станува збор за изнесени факти што се непроверени или очигледно неточни.
ЧЛЕН 5
Новинарот има обврска секоја измена на веќе објавена содржина да ја означи јасно и без одлагање. Исправките треба да бидат лесно видливи и директно поврзани со основната информација.
ЧЛЕН 6
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Насловот и визуализацијата треба да ја одразуваат содржината на новинарскиот производ.
ЧЛЕН 7
Новинарот не смее да ја злоупотребува својата професионална позиција за лична корист. Подароците, услугите, паричните надоместоци, патувања, привилегии, вработувања или какви било поволности што може да влијаат врз неговата независност или да создадат перцепција за пристрасност, се неприфатливи. Тргувањето со влијание, корупцијата, изнудата и конфликтот на интереси се спротивни на новинарската етика. При потенцијален судир на интереси, новинарот има обврска за транспарентност кон јавноста.
ЧЛЕН 8
Новинарската содржина мора да биде јасно разграничена од рекламна или спонзорирана содржина, за јавноста да не се доведе во заблуда.
ЧЛЕН 9
Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е од јавен интерес. При известување за трагедии, несреќи и лични страдања, треба да се покаже воздржаност и емпатија
ЧЛЕН 10
Известувањето за несреќи, трагедии, војни, болести и други чувствителни теми мора да биде ослободено од сензационализам. Новинарот треба да информира со воздржаност и со почитување на достоинството на засегнатите лица.
ЧЛЕН 11
Известувањето за самоубиствa и обиди за самоубиства не смее да води кон детални описи и споделување експлицитни фотографии и видео материјали.
ЧЛЕН 12
Новинарот е должен да ги почитува правата, достоинството и најдобриот интерес на децата, лицата со попреченост и другите ранливи групи граѓани. Децата и лицата со ограничена способност за расудување не смеат да се интервјуираат, фотографираат или да се објавуваат содржини поврзани со нив, без согласност од родител/старател, освен кога тоа не нанесува штета и станува збор за јавен интерес.
ЧЛЕН 13
При известување за кривични дела и за судски постапки, новинарот ќе ја почитува презумцијата на невиност и никого нема да прогласи за виновен пред тоа да го направи судот. Идентитетот на лице/та опфатени во постапката може да се објави, само кога за тоа постои јавен интерес.
ЧЛЕН 14
Новинарот нема да создава или преработува содржини што ги загрозуваат човековите права и слободи. Не смее да користи говор на омраза, ниту да поттикнува насилство или дискриминација по која било основа.
ЧЛЕН 15
Новинарот треба непристрасно да известува за политички прашања, вклучително и за избори, што не значи само привиден баланс, туку и фер претставување на релевантни факти и ставови Новинарот не смее да ја користи својата професија за лична политичка промоција, промоција на политички и бизнис-елити, ниту да учествува во активности што можат да го доведат во директен судир на интереси. Секоја форма на политичко рекламирање или спонзорирана содржина мора јасно да биде означена.
ЧЛЕН 16
Создавањето новинарска содржина со вештачка интелигенција мора да биде јасно означено. Новинарот е целосно одговорен за точноста на информациите и интегритетот на медиумскиот производ. Забрането е користење вештачка интелигенција за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини кои можат да ја доведат јавноста во заблуда. Новинарскиот производ не смее да претставува целосно генерирана содржина од вештачка интелигенција.
ЧЛЕН 17
Тајното прибирање податоци и снимање не се дозволени, освен ако информацијата не може да се обезбеди на друг начин и за тоа постои јавен интерес.
ЧЛЕН 18
Новинарот има право да одбие работна задача доколку е во спротивност со принципите на овој Кодекс.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Новинарите кои работат во согласност со овој Кодекс, ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација. За почитувањето на одредбите од Кодексот се грижат новинарските и медиумските саморегуларни тела.


