Лимени огради околу дивиот паркинг кај Народна Банка / Фото: „Слободен печат“ - Филип Николов

Изградба на зграда го „реши“ тоа што надлежните не можеа — затворен е дивиот паркинг кај Народна банка

Жално е што требаше да започнат градежни активности и поради безбедносни причини да се затвори импровизираниот влез на дивиот паркинг каде што неколкупати беа откорнувани металните столбови за непречен пристап, наместо да има конкретна реакција на Општината за решавање на овој проблем.

Дивиот паркинг до Народната банка каде што подолг период десетици возила секојдневно ја узурпираа и ја уништуваа зелената површина, која во поголем дел е на државно земјиште, а воедно беше и болна тема за Општина Центар земајќи предвид дека ниту еднаш не одговорија зошто дозволуваат ова диво паркиралиште да функционира слободно, изгледа конечно ќе биде затворен, откако местото од неодамна е заградено поради изградба на нова зграда веднаш покрај булеварот „Кузман Јосифовски Питу“.

Лимени огради околу дивиот паркинг кај Народна Банка / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Целото место што до неодамна се користеше како див паркинг е покриено со лимени огради, а во заградениот дел можат да се забележат сериозни градежни активности и уривање на големиот број објекти и бараки, кои го исполнуваа просторот.

Очигледно е дека со заградувањето на просторот, дивиот паркинг не е целосно нефункционален, ама значително му се намалени капацитетите и можностите за дел од скопјани што зелената јавна површина секојдневно ја узурпираа.

Лимени огради околу дивиот паркинг кај Народна Банка / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Речиси цел блок парцели што се во редот до дивиот паркинг во Маџир Маало се во сопственост на една градежна компанија и денес поголем дел од објектите на нив се урнати, а на нивно место набрзо ќе „никне“ уште една голема зграда во оваа населба со навистина атрактивна локација, која ќе гледа кон Водно и ќе биде сместена во првиот ред на булеварот „Кузман Јосифовски Питу“.

Заграден дивиот паркинг кај Народна Банка / Фото: „Слободен печат“ – Филип Николов

Дивиот паркинг сместен зад автобуските постојки спроти „Веро Џамбо“ во Маџир Маало беше една огромна површина каде што возачи непречено секој ден се качуваа на тротоарот со своите возила, минуваат низ пешачката и велосипедската патека за да влезат и да го паркираат својот автомобил. Институциите, освен тоа што не кажуваа која од нив е надлежна за справување со просторот, не ги казнуваа возачите што правеа повеќе прекршоци за да можат бесплатно да си го паркираат својот автомобил во центарот на Скопје.

„Слободен печат“ пред повеќе од една година започна со обидите да најде која институција е надлежна, дали Општина Центар, нејзиното претпријатие „ПОЦ“, или пак Градот Скопје, но увидовме дека оваа тема за сите нив е „болна“, бидејќи ниту една од гореспоменатите институции не ни одговори дали е одговорна за регулирање на ова диво паркиралиште.

ВИДЕО+ФОТО | Див паркинг кај Народната Банка: „Ничија земја“ за надлежните, бесплатна опција за возачите

По првата објава на „Слободен печат“ за дивиот паркинг и импровизираниот излез, за помалку од 24 часа имаше реакција и беа поставени десетина столпчиња во должина на тротоарот зад автобуските станици наспроти „Веро Џамбо“ од страна на ЈП „Улици и патишта“ како дел од нивната поширока акција за уредување на тротоарите низ главниот град.

Сепак, кратко по оваа реакција на претпријатието, граѓаните продолжија по свое и најдоа начин повторно да ја „ослободат“ оваа локација за паркирање, а тоа го направија преку целосно откорнување на металните столпчиња.

Според Катастар, местото каде што се наоѓа ова нелегално паркиралиште се состои од вкупно седум парцели, од кои само две се приватна сопственост, додека, пак, останатите пет се земјишта во владение на државата. Оваа поделеност е веројатно и главниот проблем зошто надлежните не можат да ја „решат“ оваа локација среде центарот на Скопје.

Приватните земјишта кај дивиот паркинг во Маџир Маало

Бидејќи земјиштето што го загради градежната компанија ѝ припаѓа на државата, „Слободен печат“ испрати прашања до Општина Центар дали државните парцели во меѓувреме биле продадени па затоа се и тие заградени, но од локалната самоуправа ни одговорија дека земјиштето е државно, но е заградено поради безбедносни причини поради градежните активности што неодамна започнаа на оваа локација.

– Според издаденото одобрение на ГП 3.1 ДУП „Маџир Маало“ И 05, инвеститорот започнал со градежни активности, а привремената ограда е поставена од безбедносни причини. Државното земјиште што е заградено е во сопственост на државата – накусо одговорија од Општината.

„Слободен печат“ исто така повторно праша што ќе се случува со просторот откако ќе се отстранат привремените огради и дали повторно местото ќе продолжи да функционира како див паркинг, но од Општината, како и сите претходни прашања на темата див паркинг кај Народната банка, не ни одговорија на ова прашање.

Жално е што требаше да започнат градежни активности за приватникот, поради безбедносни причини, да го загради просторот и практично да го затвори импровизираниот влез на дивиот паркинг каде што неколкупати беа откорнувани металните столбови за непречен пристап, наместо да има конкретна реакција на Општината за целосно решавање на овој проблем и контрола на просторот што низ годините премина во диво паркиралиште.

ФОТО | До кога ќе се толерира дивиот паркинг кај Народна Банка?

Местото сега е целосно заградено и пристапот е ограничен, а сега граѓаните како паркинг користат само еден мал дел од земјиштето, така што поголемиот дел од просторот што беше узурпиран од десетици возила, сега на некој начин е ослободен и подолг период нема да биде достапен за паркирање, но „Слободен печат“ активно ќе продолжи да следи како Општината ќе се справи со оваа локација во Маџир Маало, особено кога ќе се отстранат заштитните огради и земјиштето повторно ќе биде „отворено“ за нелегално паркирање, возење преку тротоари, пешачки премини и велосипедски патеки за бесплатен паркинг на зелена површина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот