Изгасен е големиот пожар во Карпош, во дел од објектот имало бои, лакови и хемикалии
Пожарот во објектите на поранешната фабрика „Макотекс“ во скопската населба Карпош 4 е целосно локализиран, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али. Дел од екипите на Бригадите за противпожарна заштита се и натаму на местото.
Препорачано
Претходно директорот на ЦУК информираше дека во пожарот беше зафатен поранешен објект на „Макотекс“, во кој сега работи приватна фирма, кај мостот „Обединети Нации“, како и дека се работи за стар објект. Во еден мал дел од објектот има сервис за возила, барака, во која имало бои и лакови и други хемикалии.
Али посочи дека воздухоплов на Дирекцијата за заштита и спасување исфрлил вода над пожарот враќајќи се од извршување на задача за подршка во гаснење на пожарот во Маврово-Ростуше. Пилотот го забележал густиот дим од пожарот на објектот во Карпош и исфрлил вода над запалениот објект. Пожарот го гаснеа неколку екипи (десетмина пожарникари) на Бригадата со пет противпожарни камиони.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов претходно информираше дека во гаснењето учествуваат повеќе возила и екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, под водство на командирот на единицата Звонко Томовски, како и дека нема информации за повредени.
ВИДЕО | Пожар во Карпош, горат магацините на поранешната фабрика „Макотекс“


