Издавачот „Или-Или“ објави два романа од босанско-херцеговскиот писател Дарко Цвијетиќ
Во последниот месец од 2025 година издавачката куќа „Или-Или“ ги објави преводите на два романа на еден од најзначајните и најнаградувани регионални автори, босанско-херцеговскиот писател Дарко Цвијетиќ.
Препорачано
Станува збор за романите „Шиндлеровиот лифт“, во превод на Елизабета Баковска (поддржан од „Традуки“) и „Зошто наземи спиеш“, во превод на Калина Буневска Исаковска. Дизајнот на кориците е на Соња Станковска. Двата романа се дел од едицијата „ПРОаЗА“.
За романот „Шиндлеровиот лифт“ Цвијетиќ ги доби наградите „Кочиќево перо“ (Бања Лука/Белград), „Фриц“ (Мирослав Крлежа) за најдобра прозна фикција во Хрватска во 2019 година, како и актуелната книжевна награда на централна Европа „Ангелус“ (2025) во Вроцлав. Според мотивите на овој роман во „Камерен театар 55“ во Сараево е направена истоимената претстава во режија на Кокан Младеновиќ.
Романот „Зошто наземи спиеш“ беше финалист за НИН-овата награда во 2020 година. Според мотивите на овој роман во копродукција на театрите „Гавела“, Српскиот народен театар од Нови Сад и Народниот театар од Сараево е направена истоимена претстава во којашто улогата на Дарко Цвијетиќ ја игра авторот.
Доколку требаше да се напишат искуствени книги за крвавата војна во поранешна Југославија низ призмата на обичниот човек, тогаш тоа се романите на Дарко Цвијетиќ, кој неформалната книжевна трилогија ја заокружи со романот „Премногу ми е тоа. Осум девојчиња“ (2024), кој „Или-Или“ ќе го објави во 2026 година.
Дарко Цвијетиќ (1968, Љубија Рудник) е босанско-херцеговски прозаист, поет и режисер во театарот во Приједор. Има објавено десетина стихозбирки, две збирки со кратки раскази и три романи. Во театарот режирал дела од Бекет до Чехов, а ги глумел Раскољников, Новски, Естрагон…
Член е на ПЕН-центарот на БиХ, на Друштвото на писатели на БиХ и на Хрватското друштво на писателите. Со својот препознатлив јазик и емпатија кон „малите луѓе“ на историјата, Цвијетиќ е еден од највлијателните современи гласови на босанската и регионалната литература. Неговите книги се преведени на десетина светски јазици, а себеси се смета за постјугословенски писател, известија од „Или-Или“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)


