Предвидената втора фаза од проектот „Лимак“ / Фото: Принтскрин

Заврши тендерот за вториот дел од булеварот „Македонија“, предвидена е изградба на два кружни тека

Откако ќе заврши втората фаза, треба да започне можеби и најкомплицираниот дел од проектот, а тоа е изградбата на големиот кружен тек кај Нова Македонија, проект за кој градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека ќе биде распишана јавна набавка до крајот на годината.

Слушај ја веста

Еден ден откако беше пуштен во употреба првиот дел од булеварот „Македонија“, со што во сила стапи нов сообраќаен режим на движење на возилата, веќе денеска заврши тендерската постапка за втората фаза од овој проект, која опфаќа изградба на два кружни тека и нивелирање на влезот во подземната сообраќајница кај „Лимак“.

Град Скопје уште пред да биде завршена првата фаза од проектот распиша тендерски постапки за втората фаза. Јавната набавка за втората фаза од проектот завршува денеска, па во наредниот период треба да се разгледаат понудите и да се избере изведувачот за делот од булеварот, каде што ќе има два кружни текови, од кои едниот ќе биде во правец кон „Рамстор мол“, додека, пак, другиот ќе биде поставен на крстосницата на булеварот „Јордан Мијалков“ со улицата „Павел Шатев“.

Пуштена првата фаза од булеварот „Македонија“, во сила стапува нов сообраќаен режим

 

Нови правила и насоки

Со пуштањето во употреба на првиот дел од проектот „Булевар Македонија“ кај Рампа, сообраќајот од „Јужен булевар“ кон Кисела Вода ќе се одвива по улицата што минува покрај кафеаната „Ив“, која од денеска е еднонасочна. На крајот од улицата е поставен нов семафор за свртување лево на булеварот „11 Октомври“, а има и посебна лента за десно со која возачите би се приклучиле на булеварот „Борис Трајковски“, каде што 50-ина метри подолу има семафор за свртување лево кон улицата „Есенинова“ во правец кон Аеродром и Железничка станица.

Булевар Македонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Булевар Македонија – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Промени има и на улицата покрај објектите на Државниот пазарен инспекторат, која води кон Тутунски комбинат, на местото познато како Рампа. Иако претходно беше двонасочна, оваа улица отсега ќе биде еднонасочна и ќе функционира со обратна насока на движење.

Тоа значи дека од „Јужен булевар“ повеќе нема да биде дозволено свртување лево кон Аеродром и Тутунски комбинат, туку кон Аеродром ќе се вози преку улицата „Есенинова“.

Исто така, како дел од измените, на улицата „11 Октомври“ е извршено и стеснување на коловозот. Наместо досегашните три сообраќајни ленти, по поставувањето нова жардиниера, сообраќајот ќе се одвива по две ленти.

Подземната улица зад „Рамстор“ уште долго време нема да излезе над земја

Како што соопштија од ЈП „Улици и патишта“, од неделата се веќе пуштени во функција новите семафори на крстосниците помеѓу булевар „Македонија“ со улица „11 Октомври“ и улица „Пролет“ и на крстосницата булевар „Македонија“ со булевар „Борис Трајковски“.

Според новиот сообраќаен ред, возилата ќе се движат во правец од полициската станица „Пролет“, покрај Тутунски комбинат кон „Јужен булевар“, со директен влез во подземната сообраќајница, кога таа ќе биде пуштена во употреба.

Огромен кружен тек за „воздишка“ од метежот

Откако ќе биде завршена оваа фаза, ќе започне можеби и најкомплицираниот дел од проектот, а тоа е изградбата на големиот кружен тек кај „Нова Македонија“, проект за кој градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека ќе биде распишана јавна набавка до крајот на годината.

– Распишана е постапката за втората фаза, која подразбира нивелација пред подземната улица, поточно кај оној подвозник и изградба на два кружни текови. До крајот на годината ќе ја започнеме тендерската постапка за она што би значело голем кружен тек кај „Нова Македонија“, кој треба да се поврзе со Католичка црква и ни останува уште проширување на улицата кај Рамстор со уште една дополнителна лента, односно четврта лента таму – изјави Ѓорѓиевски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Предвидениот кружен тек кај НИП-от од проектот „Лимак“ / Фото: Принтскрин

Овој кружен тек треба да го опфати просторот од крстосницата кај „Нова Македонија“ до крстосницата на почетокот на Водњанска, а ќе опфати и дел од сегашниот Парк на новинарите и зеленилото, како и делот каде што сега има стари куќи, но и бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Преку овој кружен тек без застој би циркулирал сообраќајот накај центарот на градот, кон Водно, Капиштец и покрај Рамстор, каде што сега се создава сообраќаен хаос, особено во часовите кога луѓето одат или се враќаат од работа.

Започна изградбата на булеварот „Македонија“ – Ѓорѓиевски се надева дека ќе заврши во неговиот мандат

Изградбата на овој, можеби и најголем кружен тек во Скопје, е комплицирана бидејќи ќе предвиди затворање на повеќе сообраќајници и шест семафори, со што при неговата изградба „жртва“ ќе бидат дел од жителите на Центар, особено оние од Водно и Капиштец.

Првичната процена колку ќе чини изградбата на трите кружни текови, која ја даде Шилегов во 2021 година, беше 22 милиони евра. Сепак, реалната вредност на овие текови ќе се знае по нивната изградба.

Од целиот проект завршена е само третата фаза, односно подземната улица што располага со шест ленти – четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки.

Започна изградбата на булеварот „Македонија“ – Ѓорѓиевски се надева дека ќе заврши во неговиот мандат

Преостанатите фази од проектот ќе опфатат проширување на булеварот „Народен Фронт“ и на булеварот „Кирил и Методиј“.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски првично најави дека очекува проектот да се реализира до крајот на неговиот мандат, но во текот на изведувањето го намали рокот на изведба, посочувајќи дека очекува до половината на мандатот, Скопје треба да ја добие првата подземна сообраќајница, што сериозно би го растоварила сообраќајот во овој дел од градот.

Освен за центарци, со реализацијата на овој проект „здив“ од прекумерниот метеж ќе земат и жителите на Кисела Вода и на Аеродром, кои ќе можат многу побрзо да стигнат до Карпош или Ѓорче Петров и обратно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот