Книгата е 245. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“

Издавачката куќа „Или-Или“ објави збирка раскази од политикологот, прозаист и сликар Емил Крстески

Во „Бистро“ (театар „Комедија“) на 24 декември (среда), во 13 часот, ќе се одржи промоцијата на збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески, која е 245. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“.

Збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески пред присутните ќе ги претстави писателот Александар Прокопиев, а извадоци од нив ќе прочита актерката Калина Наумовска.

„За какви раскази, всушност, станува збор и кога бившата жена на нараторот од последниот расказ вели такви („Зошто пишуваш такви раскази“) и кога јас уште во насловот на поговорот велам вакви? За лични, сочни, јадри, отворени, полнокрвни и жуборливи, напати дури и скокотливи и смели, сугестивни, кокетно и хедонистички раскажани и во јас-форма и во сезнајно трето лице; автофикциски прошетки низ сопствениот, но и низ туѓите животи; стварносни вдомени во фикција, но и фикциски вдомени во стварност; документаристичко-патописни со недвосмислена прозна амбиција наспроти лежерноста на нарацијата и дневничкиот тон“, вели писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска во поговорот од книгата.

Авторот Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“ (преведена на српски јазик, промовирана во Нови Сад, Шибеник и Прага), и „Флик ен флак“. Има реализирано и три самостојни, а учествувал на две групни изложби.

Бил државен советник во Кабинетот на Претседателот на Собранието, директор на Државниот архив и наш вонреден и ополномоштен Амбасадор во Чешката Република. Четири години живеел во Стразбур (ги следи сесиите на Европскиот парламент) и три години во Њујорк (докторска дисертација), известија од издавачката куќа „Или-Или“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот