Изборниот праг преголем за малите партии и за независните кандидати!

Избори / Фото: МИА

Помалите партии и групите граѓани што сакаат да се вклучат во изборите за локална власт бараат да се спушти цензусот, односно прагот од два процента за независните и три за отворените листи од вкупниот број гласачи во општината.

Тие сметаат дека со овие услови се штитат големите партии и се оневозможува демократизацијата на изборниот процес. Затоа најавија дека кога во Собранието ќе се дебатира за измените на Изборниот законик, ќе се обидат со амандмани да ги спуштат задолжителните проценти.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека за конечниот концепт за локалните избори ќе се дискутира откако Собранието ќе ги донесе измените на Изборниот законик.

– Прагот за еден советник да може да влезе по тој преференцијален метод е три проценти од вкупно запишаните гласачи во општината во која се гласа. Ако во општината има запишани 10.000 гласачи, тогаш ќе треба да освои 300 гласа за да може да влезе на тој начин – појасни Маричиќ.

Тој нагласи дека Изборниот законик ги содржи препораките, односно забелешките од ОБСЕ/ОДИХР од парламентарните избори, што треба да се имплементираат и дека би било несоодветно која било партија да ги блокира измените на Изборниот законик.

Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ, вели дека предложените проценти се високи и најавува амандмани кога измените ќе дојдат на дневен ред во Собранието.

– Ние како пратеници не сме го добиле предлог-законот за измени и дополнување на Изборниот законик. Кога ќе го имаме, ќе видиме да се направат амандмански измени, затоа што треба да се олесни можноста граѓаните, кои не се членови на политички парти, да се вклучат во локалната власт сега, односно тој процент да биде подостапен за нив. Предложените се навистина високи – вели Морачанин за „Слободен печат“.

ДОМ смета дека не треба да има цензус, а според Морачанин, ако веќе големите партии сакаат да го има, тој да важи само за отворените листи, односно да се примени босанскиот модел.

– Кај нив прагот е 10 проценти, но не од вкупниот број избирачи, туку од освоените гласови на листата, што значи тој кандидат, иако е подолу на листата, ако добил ваков процент гласови да оди погоре и да биде избран – објаснува Морачанин.

Либерално-демократска партија се залага за отворени листи со цел да се обезбеди поголемо право на избор на граѓаните, што би значело и унапредување на демократијата, но додаваат дека прагот не треба да биде повеќе од 1 процент.

– Заложбата е граѓаните директно да ги изберат своите претставници во советите, советниците да имаат поголема одговорност пред граѓаните и партиите да се стремат кон поголем квалитет. Можеби и граѓаните што не се партиски членови ќе имаат мотив да се најдат на советничките листи со цел да придонесат за поефикасно функционирање на советите и за претставување на граѓаните во своите општини. Оттука ваков закон со процентуален праг според нас не ги исполнува во целост предвидените цели – ни изјави Моника Зајкова, пратеничка на ЛДП.

Таа нагласи дека ЛДП не гледа потребата за ставање какви било изборни прагови. Но, доколку е неопходно да се има такво ограничување, прагот да не биде повисок од еден процент. Партијата ќе се обиде преку амандмани да се избори за оваа цел.

И Левица на Димитар Апасиев е против вакви измени на Изборниот законик.

– Го демантираме премиерот Зоран Заев. Не е точно дека сите партии дале согласност за нивниот план. Левица смета дека ова договор помеѓу големите партии направен зад затворени врати. Нашиот став е дека приоритетна измена на Изборниот законик е промената на изборниот модел во една изборна единица – ни рече Апасиев.

Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово!“ која најави своја независна листа за Советот на Општина Тетово, смета дека одлуката на владејачките политички партии за измени на Изборниот законик е тенденциозна.

– Ние сме длабоко убедени дека измените се само за заштита на интересите на најголемите политички партии и елиминација на помалите независни граѓански групи, кои се подготвени да учествуваат на локалните избори. Владејачките партии ја донесоа оваа одлука веднаш по објавувањето дека организации како „Зелен хуман град“ – Скопје, „Подобро за Тетово!“ – Тетово, „Поинаку“ – Битола, „Зелени кандидати“ – Гази Баба и други ќе се натпреваруваат со списоците како независни кандидати – изјави за „Слободен печат“ Елмедина Абдулахи од иницијативата „Подобро за Тетово!“.

Според предложените измени независните кандидати за општински совети за да учествуваат на локалните избори ќе треба да обезбедат потписи од најмалку 2 процента од вкупниот број гласачи во иопштината. Врз основа на оваа квота, независните кандидати во некои општини ќе треба да соберат 10 пати повеќе потписи отколку што се бара со сегашниот Изборен законик, што беше донесен и не е променет од 2006 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот