Ива Кацарска Саздовска, креаторка која ја приближи топлината на дрвото за луѓето да ја примат во своите домови и срца

Сè започнало со трупчиња и гранки на кои Ива постојано им наоѓала своја примена, за цвеќе, за алишта, како столна ламба…, и додека се освестила дома имала шанк-плотна од орев, клуб маса, полици, даски за храна…

Ива Кацарска Саздовска по професија е шумарски инженер, работи пејзажно и просторно планирање, а љубовта кон дрвото ја следи од одамна со постојано вметнување на некој природен дрвен елемент во домот, а во последните години сè почесто.

– Отсекогаш ме привлекувал бохо стилот со елегантна рустичност и „трајбал“ (tribal) форми. Нијанси на бело и сиво со вметнување на природни елементи од дрво во домот и по некој детаљ во боја доволно за да го разиграат просторот.

Па така почнав да експериментирам со дрвени трупчиња и даски за сервирање. Идеите само надоаѓаа и со леснотија ги креирав и решив да ги објавам. Повеќе ме интересираше реакцијата за нив и за среќа беше мотивирачка, така продолжив во тој правец – ни вели Ива.

 Материјалите главно ги зема од пилани и од столари кои препродаваат масивно сушено дрво. Тие се необработени и потребно е неколкудневна подготовка за да се дојде до финалниот изглед.

– Сè започнува со креирање на формата и постојано мазнење – шмирглање. Потоа нахранување на дрвото и заштита со премази, сушење, персонализирање и повторно лакирање. Бидејќи се работи за природен елемент, дрвото „дише“, се движи, потребно е трпеливо да се работи за да му се дозволи да ги апсорбира сите подготовки. Да напоменам, јас не сум експерт и кажувам за моето искуство – објаснува таа.

Вели дека поголемиот дел е физичка работа и треба енергија, љубов и трпение. Покрај домашните активности и професијата, Ива секогаш нема време, но за среќа, тука се нејзините пријатели и соработници и многу ѝ олеснува кога ќе ја сподели работата. Се смее дека кога работи изгледа како градежен работник.

Природата за Ива е најголема инспирација, од една страна – скриени песочни плажи каде што природните влијанија совршено го дизајнирале екстериерот и „осветлувањето“, а од друга страна животот на планина.

– Сè што е природно има енергија што го храни човечкиот дух, и во зависност од тоа што сакам да го постигнам, се служам со тие форми, бои и текстури. Може да е одредено цвеќе што цвета во сезоната, може да се сенки, може да е нежно песочно утро, шара на инсект, и така до бескрај – ни раскажува оваа креативка.

Во понудата на Ива се и персонализираните изработки за секој да има шанса да ја преслика својата замисла и да ја доживее на свој начин.

Во моментов, освен на даските (посетете ја Фејсбук страницата на Ива – ТУКА), Ива работи на нешто ново што го нема во нашите домови. Дрвени мозаици, ѕидни елементи, лизгачки врати, масички, послужавници, и тоа мултифункционални, со цел да ја приближи топлината на дрвото, а луѓето да ја примат во своите домови и срца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот