Италија во баражот без одбраната со која го освои Евро 2020

Италијанците се актуелни европски шампиони/Фото: EPA-EFE/Andy Rain

Цврстата одбрана на Италија беше еден од клучните сегменти за освојување на титулата на Европското првенство лани, само двајца играчи од таа одбрана се очекува да започнат против Македонија во четврток.

Минатото лето избраниците на селекторот Роберто Манчини примија само четири голови во седум натпревари за втора европска титула на Италијанците во нивната историја. Џанлуиџи Донарума, Леонардо Бонучи и Леонардо Спинацола беа во најдобриот тим на ЕП, но само голманот Донарума ќе стартува против нас во полуфиналето од баражот.

Бонучи сè уште се опоравува од повредата на потколеницата и не настапи во победата на Јувентус (2:0) над Салернитана вчера. Неговиот соиграч Џорџо Кјелини штотуку се опорави од сличен проблем и вчера одигра само 45 минути. Бонучи и Кјелини најверојатно ќе го пропуштат натпреварот против Македонија, но би можеле да бидат достапни за потенцијалното финале против Португалија или Турција.

Според „Ла Гаѕета дело Спорт“, играчот на Интер, Алесандро Бастони ќе биде еден од почетните централни бекови во четврток, додека Џанлука Манчини од Рома е фаворит пред Франческо Ачерби од Лацио за другото место во централната одбрана.

Влезници за дуелот Италија – Македонија можат да се купуваат до вторник

Џовани Ди Лоренцо исто така ќе биде отсутен, десниот бек на Наполи заработи повреда на саботниот натпревар од Серија А против Удинезе и беше заменет од Матија Де Шиљо од Јувентус. Ди Лоренцо стана почетниот десен бек за „аѕурите“ по повредата на Алесандро Флоренци на воведниот натпревар против Турција на ЕП.

Емерсон Палмиери ќе стартува како лев бек повторно заменувајќи го Спинацола кој допрва треба да се врати на теренот по неговата повреда на Ахиловата тетива против Белгија во јули. На хартија, Емерсон и Донарума се единствените стартери од Евро 2020 во одбраната на Италија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот