Илустрација - заљубен пар / Фото: Pexels

Истражување откри која земја треба да ја посетите на меден месец ако сакате среќен брак

Изборот на дестинација за меден месец, како прво заедничко патување како брачна двојка, може да постави основа за долг и среќен живот.

Ново истражување покажува дека клучот за брачната среќа може да лежи токму во изборот на вистинската локација.

Според студијата на хотелскиот синџир „Хајат“, Италија се издвојува како апсолутен победник. Нејзините романтични пејзажи, богата историја и гастрономска понуда не се само рецепт за совршено патување, туку, се чини, и за трајна љубов, пишува „Мирор“.

Студијата, насловена како „Завети и места за состаноци“, опфати две илјади брачни двојки, поврзувајќи ги нивните дестинации со нивниот брачен статус. Резултатите покажаа јасна корелација: дури 88 проценти од паровите кои го поминале медениот месец во Италија сега се опишуваат како „среќно венчани“.

Со ова, Италија ги надмина другите популарни дестинации. На второ место е Тајланд, каде што 87 проценти од паровите потврдиле истото за среќен брак, по што следува Индонезија со 85 проценти од паровите. Јамајка (84,6 проценти) и Португалија (84,2 проценти) исто така се на врвот.

Многу парови го припишуваат долготрајното позитивно влијание на Италија врз брачната среќа на посебните искуства и атмосфера што ги нуди земјата.

Нина Мотилински Дејвис, која е среќно мажена 14 години по медениот месец во Соренто, ја опишува Италија како „земја на љубовта“.

– Сè изгледаше романтично, луѓето изгледаа заљубени и се чувствувате како да сте целосно обвиткани во таа енергија. Тоа е место каде што љубовните приказни се живеат со векови и се чувствувате како да одите по нивните стапки – рекла таа.

Беки Стентон, која се омажила на езерото Гарда, сподели слично искуство. Таа верува дека опуштениот и побавен италијански начин на живот ги охрабрува паровите повеќе да уживаат еден во друг и во секој заеднички момент.

– Нашите пријатели сè уште велат дека тоа беше најдобрата свадба на која некогаш биле, но мислам дека не беше до нас, туку до местото – се присетила Беки.

За Антонија Гилеспи и нејзиниот сопруг Крис, патувањето во Италија ја продлабочило нивната врска. Таа вели дека таму повторно ја открила романтичната страна на својот сопруг – преку мали знаци на внимание и нежни гестови кои честопати се потиснати во втор план од секојдневниот живот.

Истражувањето покажа и дека навиките на младенците постепено се менуваат. Иако речиси половина од паровите сè уште избираат класичен одмор на сончева дестинација, при изборот на патување, најважните работи за нив се доброто време и добрата вредност за парите. Во исто време, се појавуваат нови трендови, а повеќе од една третина од паровите се отворени за таканаречениот „месец на пријателот“ (buddy moon)– меден месец каде што им се придружуваат пријатели.

Трендот на таканаречениот „мал месец“ (mini moon) – пократки романтични патувања по свадбата, исто така, станува сè попопуларен.

Мишел Морау од „Хајат“ нагласува дека медениот месец е првото големо заедничко искуство во брачниот живот, поради што паровите го паметат особено.

– Без разлика дали избираат сончева дестинација, урбан одмор или луксузно скривалиште, најважно е да се создадат заеднички спомени подалеку од секојдневниот стрес и обврски – заклучила таа.

Иако самата дестинација не е гаранција за среќен и успешен брак, резултатите од ова истражување укажуваат на важноста на споделените искуства и спомени што паровите ги создаваат додека патуваат.

Италија, со својата безвременска романса, богата култура и единствена убавина, се чини дека обезбедува идеална позадина за започнување заеднички живот и создавање спомени што траат цел живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот