Зградата на МТВ/Фото: МИА

Истражување: МРТВ треба итно да го ажурира Етичкиот кодекс и да имплементира ВИ

Македонската радио телевизија располага со обемен Етички кодекс, кој претставува солидна основа за професионално новинарство. Сепак, документот не е ажуриран од 2017 година и не ги опфаќа современите предизвици поврзани со дигиталното новинарство, социјалните мрежи, алгоритмите, синтетичките содржини и вештачката интелигенција. Дополнително, иако дел од документите формално се јавно достапни, нивната прегледност и лесна достапност за граѓаните е ограничена, што ја намалува практичната транспарентност.

Ова го нотира регионалниот извештај за транспарентноста и подготвеноста за вештачка интелигенција (ВИ) на јавните радиодифузни сервиси во Западен Балкан, објавен од Центарот за медиумски иновации на Балканот.

Истражувањето ги опфати јавните сервиси во седум земји, меѓу кои и Македонската радио-телевизија (МРТ), и дава јасна слика за тоа каде се наоѓаат јавните медиуми во однос на етичките стандарди, отчетноста и справувањето со новите технолошки предизвици.

Според наодите од извештајот, МРТ остварува вкупно 50 од можни 100 поени, со резултат од 30/50 за транспарентност и 20/50 за дигитална и ВИ-подготвеност. Овој резултат ја позиционира Македонија во групата јавни сервиси со умерено ниво на подготвеност, но и со јасно идентификувани области за унапредување.

Во делот на подготвеноста за вештачка интелигенција, извештајот констатира дека иако МРТ располага со формално усвоен Етички кодекс, тој не содржи јасно дефинирани интерни правила или политики за користење на ВИ алатки во редакциската работа, ниту пак насоки што би важеле за вработените новинари, уредници и надворешните соработници. Како резултат на тоа, не се систематски уредени ризиците поврзани со синтетички генерирани содржини, автоматизирана обработка на информации и различни форми на технолошка манипулација.

– Овој извештај не е критика, туку алатка за унапредување. Јавниот сервис во Македонија има основа врз која може да се надгради, но без навремено ажурирање на етичките и транспарентните рамки, ризикот е да се заостанува зад технолошката реалност и очекувањата на јавноста – се наведува во заклучоците на истражувањето.

НаративАИ препорачува ажурирање на Етичкиот кодекс на МРТ, воспоставување јасна и видлива страница за транспарентност, подобрување на механизмите за јавни претставки, како и усвојување посебна политика за етичка употреба на вештачка интелигенција. Овие чекори се клучни за зајакнување на довербата на граѓаните и за позиционирање на јавниот сервис како лидер во одговорното користење на новите технологии.

Резултатите од регионалната анализа покажуваат дека јавните радиодифузни сервиси во Западен Балкан се наоѓаат во зона на умерена подготвеност, со вкупни оценки меѓу 50 и 65 поени од можни 100, што укажува дека постојат основни етички и институционални рамки, но без целосна подготвеност за дигиталните и ВИ-предизвици. Највисок вкупен резултат од 65 поени оствариле БХРТ и РТК, по што следат РТЦГ и РТШ со по 60 поени, како и РТС со 55 поени, додека ХРТ и МРТВ оствариле по 50 поени, со што се позиционираат на долната граница од регионалниот распон.

Највисоко рангираните сервиси во регионот имаат побалансиран пристап кон транспарентноста и дигиталната подготвеност, со подобра достапност на документи и пофункционални механизми за јавни претставки. Сепак, и кај нив недостигаат јасни политики за етичка употреба на вештачката интелигенција, што укажува на поширок регионален проблем. Во овој контекст, резултатот на МРТ од 50 поени ја позиционира институцијата на долната граница од регионалниот просек, со најизразени слабости во делот на дигиталната и ВИ-подготвеност, но и со јасен простор за унапредување преку модернизација на етичките и транспарентните рамки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот