Фото: илустрација / Царинска управа

ВИДЕО: Историски најголема заплена на Царината — половина милион евра се пронајдени во возило на „Табановце“

Овие пари завршија во Буџетот на Македонија. Тоа се нови патишта, нови болници…, рече директорот на Царинската управа

Во возило на Граничниот премин „Табановце“ пронајдени се и одземени половина милион евра. Директорот на Управата, Бобан Николовски, рече дека парите се пронајдени во специјално монтиран бункер во минибус и дека ова е историски најголема заплена на девизи.

– Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот е државјанин на Албанија  и веќе има изречено судска пресуда во судот во Куманово. Минибусот е сопственост на туристичка агенција од Албанија, а биле превезувани седум патници – вели Николовски.

Тој појасни дека за обидот за нелегално пренесување на пари немале дојава, туку дека тоа е чиста заслуга на вработените во Царинска управа.

– Обидот е откриен во акција од Оделенито за оперативни работи на влез на државниот граничен премин Табановце по извршена контрола на минибус во сопственост на туристичка агенција од Албанија во која биле превезувани седуммина патници. Мобилниот тим кој поседува огромно искуство веднаш забележува преправки на возилото, по што е пуштено царинското куче, кое укажало на индиции за криумчарење на истото место. Сомнежите се потврдија и со скенирање на возилото од страна на службата за мобилни скенери, по што инспекторите од мобилниот тим го отстраниле профилот, во кој биле пронајдени 14 проѕирни кеси со спакувани 500.000 евра – рече Николовски.

Половината милион евра што се запленети на граничниот премин „Табановце“ влегуваат во државната каса. Директорот рече дека сè уште се истражува дали воопшто крајната дестинација била Македонија, но дека е факт дека парите се фатени при влез во државата, дека се запленети и дека сега му припаѓаат на буџетот на државата.

– И да била крајна дестинација Македонија и да не била, едно е јасно – овие пари завршија во Буџетот на Македонија. Тоа се нови патишпта, нови болници… – рече директорот.

Тој појаснува дека тука завршува работатата на Царинската управа и дека делото е предадено на Обвинителството, потоа во судот, и е пријавено во надлежната институција. Секако, рече Николовски, има соработка и со албанската страна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот