Фото: EPA/SHAHZAIB AKBER

Иран се обидува со помош на Пакистан да изнајде начин да заврши војната со САД

Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Мохсин Накви, одржа уште една средба со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, за да ги разгледаат предлозите насочени кон ставање крај на војната меѓу САД и Иран, објавија иранските медиуми, пренесува Анадолу.

На состанокот главно се разгледувале предлози за тоа како Иран и Америка да продолжат да преговараат индиректно преку посредници.

Доцна синоќа, полудржавната иранска новинска агенција ИСНА јави дека размената на пораки меѓу Иран и САД преку посредувањето на Пакистан сè уште трае, додека продолжуваат напорите за постигнување рамковен договор, но сè уште имаат некои несогласувања што треба да ги решат.

Според ИСНА, Накви, кој по вторпат неделава отпатува за Техеран, им пренел порака од американската страна на иранските официјални претставници.

Пакистански извори цитирани од ИСНА наведуваат дека ќе се реализира посета на началникот на пакистанската Армија, Асим Мунир, доколку двете страни ја финализираат предложената рамка.

Според иранскиот предлог од 14 точки, за кој претходно извести Анадолу, Техеран бара посебни преговори за својата нуклеарна програма, вклучително и за прашањата со збогатениот ураниум, во рок од 30 дена по постигнувањето траен прекин на огнот.

Вашингтон, пак, сака за нуклеарното прашање да се „разговара и тоа да се реши“ пред каков било договор за траен прекин на огнот.

Иран: Нашите нуклеарни права немаат никаква врска со Америка

Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран во февруари. Техеран возврати со напади насочени кон Израел, како и кон сојузниците на САД во Персискиот Залив, заедно со затворањето на Ормускиот Теснец.

Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април преку пакистанско посредување, но разговорите во Исламабад не успеаја да обезбедат траен договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна го продолжи прекинот на огнот на неодредено време, додека ја задржа блокадата за бродовите што патуваат кон или од иранските пристаништа преку стратешкиот воден премин.

Иран сака постојана наплата за премин низ Ормускиот Теснец, разговара со Оман

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот