Интервју со Жељко Бабиќ: Вардар е фаворит, но Еурофарм Пелистер ќе биде подготвен

Жељко Бабиќ ја прекина соработката со битолската екипа/ фото: Слободен печат: Драган Митрески

Предводникот од клупата на битолскиот клуб е задоволен од досега оствареното сезонава на домашен и на европски план. Сега во игра е што повисок пласман во Европската лига и можноста да му се помрсат сметките на актуелниот шампион Вардар на домашен план

Еурофарм Пелистер бележи успешна сезона на сите фронтови. Во Европската лига го оствари зацртаниот план, влез во нокакут фазата, каде во осминафиналето наскоро ќе се сретне со хрватскиот клуб Нексе. На домашен план битолчани веќе освоија еден трофеј, на почетокот на сезоната дојдоа до титулата во Суперкупот, совладувајќи го Вардар.

Според сите предвидувања Еурофарм Пелистер е најсериозен претендент да го предизвика акеуелниот шампион Вардар за домашната титула во првенството. Со тренерот на битолчани Жељко Бабиќ зборувавме за досегашниот тек на сезоната и за европските и домашни амбиции во финишот на сезонава.

* Како сте задоволен со досегашниот тек на сезоната?

– Се оди според нашите планови и цели. Ако се вратиме на почетокот на сезоната, го освоивме Суперкупот и донесовме трофеј во Битола по 17 години. Тоа е во самиот старт еден огромен резултат. Втората цел што ја имавме како клуб е пласирање во осминафиналето на Европската лига. Тоа го остваривме, игравме многу добро, сите сме задоволни со тие резултати. Сега продолжуваме понатаму. Ни доаѓаат важни натпревари, во плејофот со Вардар во Скопје и првиот меч во Европската лига, осминафиналето со Нексе.

* Како го оценувате Нексе, вашиот противник во осминафиналето Европската лига?

– Играме со противник кој има слични квалитети како и ние. Тука шансите се 50-50. Секако, веруваме, се надеваме да направиме историски резултат и да дојдеме меѓу осумте најдобри во Европската лига. Тоа би бил фантастичен резултат за нашиот клуб и за нашиот град. Ќе дадеме се од себе, на чело со мене, да го добиеме тој дуел.

* Со успесите растат и апетитите. Можете ли да го видите вашиот тим во полуфиналето на ЕЛ?

– Секогаш размислуваме натпревар по натпревар. Сега ни е битно да го минеме овој круг, па потоа ќе размислуваме што понатаму. Секогаш е меч по меч. Првата и главна цел е постигната, а тоа е да ја минеме групата.

* Вие сте хрватски стручњак, а Нексе е хрватски тим. Дали тоа може да биде предност за вашиот тим, да го „прочитате“ противникот подобро?

– Нексе е тим кој е многу силен дефанзивно и многу трчаат. Тоа се тие карактеристики на Нексе. Во нападот имаат извонредни лев и десен надворешен напаѓач кои доминираат, одлични шутери се и играат квалитетен ракомет. И тие како и ние имаа добра групна фаза во Европската лига. Тоа ќе биде многу интересен дуел. Не верувам дека е некоја предност што јас сум Хрват. И јас ги гледам нив на ТВ или преку видео-записи како што не гледаат и тие нас. Нема тука голема предност.

Фото: instagram.com/rkeurofarmpelister/

* Има ли сила Еурофарм Пелистер сезонава да му ја одземе домашната титула на Вардар?

– Вардар е актуелен првак и игра во Лигата на шампионите. Ја мина групата во ЛШ и тој е сигурно фаворит за освојување на првенството во Македонија. Нам тоа ни е јасно. Вардар има играчи кои освојувале првенства, кои ја освоиле Лигата на шампионите. Ние немаме такви играчи во нашиот тим. Ние во Еурофарм Пелистер ја прифаќаме фаворитската улога на Вардар, но сигурно ќе дадеме се од себе да победиме во таа трка.

* Многу важните мечеви кои ви следуваат, со Вардар во првенството што може многу да реши во борба за титулата и со Нексе во ЕЛ, се само неколку дена еден од друг…

– Прво играме со Вардар во Скопје (26 март, н.з.), а набргу потоа со Нексе (29 март н.з.) во Нашице. Тежок е распоредот, мечевите се многу близу. Ние ќе одиме по ред, ќе се подготвуваме за Вардар, а потоа, колку имам време, ќе се подготвуваме и за Нексе. Сигурно е многу густ распоредот, но ќе мора да се снаоѓаме.

* Како се чувствувате во Битола, како на вас реагираат луѓето во секојдневието?

– Имам голема поддршка од луѓето, од навивачите. Често сум во градот. Луѓето ме сопираат, разговараат со мене, ме прашуваат, сакаат да се фотографираат. Се чувствувам многу убаво во Битола, тоа е така да се каже, мој роден крај. Речиси станав дел од Битола. Тука сум многу добро примен и се надевам дека ќе останам уште долго во овој град и дека со клубот ќе постигнеме уште многу добри резултати. Битола е прекрасен град.

* Која е најсилната страна на вашиот тим?

– Не верувам во поединци туку во тим. Имаме многу добри карактерни играчи и затоа имаме многу добри односи меѓу нас и таа несебична игра е едно од најсилните оружја на Еурофарм Пелистер. Тоа е една од главните причини зошто играме добро.

* Дали за Еурофрам Пелистер сезонава е поважна домашната или европската сцена?

– Тоа е прашање за претседателот на клубот и за спортскиот директор. Јас знам дека убаво е да се победува, сакам да победувам без разлика дали е во прашање Европската лига или националното првенство.

фото: Еурофарм Пелистер

* Кој период од сезонава ви беше најтежок?

– Имавме неодамна петмина повредени играчи и некои играчи со коронавирус. Како тренер ми беше тешко, но помина и тој период од три недели. Во тешки моменти како тој, седнуваме во клубот и се договараме, заземаме став и се држиме до тој став. Сега чекаме да се вратат сите играчи и да бидеме подготвени за Вардар. Сега Периќ и Велковски имаат повреди и не знаеме кога ќе се вратат.

* Правите ли планови за иднината, би останале ли во Битола подолго?

– Јас се надевам дека ќе останам подолго. Имам договор на уште две години и ако бидат луѓето од клубот задоволни, јас ќе останам. Условите секогаш можат да бидат подобри, одошто се, но јас како тренер сум задоволен. Гледам дека и играчите се задоволни. Се функционира добро, ништо не недостига. Можеби да имаше аеродором поблизу, да не мора да патуваме до Скопје, тоа би била предност. Но се друго е тука, што ни треба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот