Влатко Лозаноски со синот Марко / Фото: Приватна архива

Интервју со Влатко Лозаноски, пејач: Преку очите на мојот син повторно ја доживувам магијата на животот

Поп-пејачот Влатко Лозаноски со години е дел од домашната музичка сцена градејќи кариера препознатлива по емоција, искреност и силна поврзаност со публиката.

Во разговор за „Слободен печат“, Лозано зборува за празничните денови, татковството и променетите животни приоритети, но и за концертот што го најавува во март во Скопје. Настанот, насловен „Километри љубов“ ќе донесе вечер исполнета со добро познати песни, нови изненадувања и силна емоционална атмосфера.

Божиќните празници поминаа. Колку овие денови од годината будат кај тебе посебно чувство и како ги прославивте?

– Божиќните празници секогаш носат едно посебно, тивко чувство на мир и благодарност. Тоа се денови кога човек природно се враќа кон себе, кон семејството и кон вистинските вредности. Кај мене будат и носталгија, но и радост, потсетник колку е важно да се биде присутен, искрен и благодарен. Ги прославивме во кругот на најблиските, без голема помпа, со топла атмосфера, разговори и моменти што не се мерат со време. За мене, тоа е суштината на празниците – љубов, спокој и споделување.

Сега кога си татко, колку празниците имаат поголемо значење?

– Откако станав татко, празниците добија сосема поинаква димензија. Сега тие не се само датуми во календарот, туку моменти што се паметат и се градат за цел живот. Преку очите на детето повторно ја доживуваш магијата, искрената радост и возбуда што некогаш и самиот си ја имал. Празниците станаа уште поважни затоа што преку нив се пренесуваат вредности, љубов, традиција, блискост… Се трудам тие денови да бидат исполнети со топлина и убави спомени, бидејќи токму тие моменти остануваат најдлабоко врежани.

Влатко Лозаноски со синот Марко / Фото: Приватна архива

Ајде малку за татковството и за семејството, како се снаоѓаш во улогата на татко?

– Татковството е најодговорната, но и најубавата улога што сум ја имал досега. Те менува од корен, те учи на трпение, на безусловна љубов и на тоа да ги гледаш работите од поинаква перспектива. Секој ден е ново учење и, искрено, уживам во секој момент, без разлика дали е лесен или предизвикувачки. Се трудам да бидам присутен и вистински вклучен, затоа што верувам дека времето и вниманието се најголемиот подарок што можеш да му го дадеш на своето дете. Семејството ми е темел и сила и токму од таму црпам инспирација и рамнотежа во сè што правам.

Колку те промени Марко? Успеваш ли да ги усогласиш настапите со времето поминато дома?

– Марко ме промени повеќе отколку што можев да замислам. Ми ги сменија приоритетите, ме направи поприсутен во моментот и ми даде поинакво чувство за одговорност и смисла. Со него научив дека вистинската сила е во тивките секојдневни моменти, а не само во големите сцени.
Не е секогаш лесно да се усогласи работата со семејниот живот, особено поради настапите и патувањата, но се трудам да направам баланс. Кога сум дома, се обидувам тоа време да биде целосно посветено на семејството. Верувам дека квалитетното време, искреното присуство и поддршката се клучни и тоа ми помага и како татко и како уметник.

Фото: Стефан Самаданов

Во март најави концерт во Скопје. Што подготвуваш за твојата публика и како одат подготовките и пробите?

– Концертот во март во Скопје за мене има посебна тежина и значење. Подготвуваме еден искрен и емоционален музички настан, со внимателно избран репертоар што ќе ги опфати песните што публиката ги сака, но и неколку изненадувања. Сакам тоа да биде вечер во која сите ќе се препознаат во музиката и емоцијата. Подготовките се во полн ек, пробите се интензивни, но исполнети со добра енергија и инспирација. Работиме на звукот, аранжманите и целокупната атмосфера, за концертот да биде комплетно доживување. Се радувам што ќе ја споделам таа вечер со публиката во арената, бидејќи токму таму ќе има посебна поврзаност.

Концертот е насловен „Километри љубов“… Колку песната „Километри“ ти остави посебен белег како музичар и зошто?

– „Километри“ е една од оние песни што тивко, но длабоко се врежуваат и кај уметникот и кај публиката. Таа ми остави посебен белег затоа што зборува за љубовта што опстојува и покрај дистанцата, времето и животните околности – тема во која многумина се пронаоѓаат.

Со текот на годините сфатив дека „Километри“ не е само песна, туку приказна што луѓето ја живеат на свој начин. Реакциите, пораките и емоциите што ми ги пренесува публиката околу оваа песна ѝ дадоа дополнителна тежина и смисла. Токму затоа и концертот го носи тој наслов – како симбол на љубовта што поврзува, без разлика на сите километри помеѓу.

Фото: Стефан Самаданов

Кога ќе се вратиш наназад, тешко ли беше да се наметнеш на домашната сцена и од кого имаше најголема поддршка?

– Кога ќе се навратам наназад, патот воопшто не беше лесен. Како и секој млад артист, морав да поминам низ многу предизвици, докажувања и моменти на неизвесност. Домашната сцена знае да биде предизвикувачка, но токму тоа ме натера да бидам истраен, искрен во тоа што го работам и да не отстапувам од својот музички идентитет. Најголемата поддршка секогаш доаѓала од семејството и од најблиските луѓе што веруваа во мене уште од самиот почеток. Секако, огромна улога има и публиката, нивната поддршка, доверба и љубов се она што ми даде сила да продолжам и да растам како музичар низ годините.

Денес, како изграден пејач, а сега веќе и татко, што би му рекол на младиот Лозано, кој првпат се појавува на сцената?

– Би му рекол да верува повеќе во себе и да има трпение. Да не се плаши од грешки и од падови, затоа што токму тие го градат и како човек и како уметник. Би му кажал да остане искрен кон музиката и кон себе, без разлика на трендовите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот