Интервју со Ивана Горичан, тату-артистка: Чувството е прекрасно кога нечија кожа станува платно за мојата уметност
Тетовирањето одамна не е само уметност на кожата – тоа е израз на идентитет, приказна впишана со мастило која трае цел живот.
Препорачано
Една од најпрепознатливите македонски тату-артистки, Ивана Горичан, веќе неколку години ги претвора своите креативни визии во уметност што клиентите на студиото за тетоважи „Нејмлес“ гордо ја носат засекогаш. Покрај тетовирањето, таа е авторка и на неколку боенки за возрасни, кои со години им помагаат на многумина да пронајдат мир преку креативниот процес.
Во интервју за „Слободен печат“, со неа разговаравме за нејзиниот пат до тату-уметноста, предизвиците со кои се соочувала и влијанието на уметноста врз менталното здравје.

Ивана, кога сфати дека тетовирањето е нешто со што сакаш да се занимаваш? Што беше таа пресудна искра?
– Точно се сеќавам – тоа беше кога ја направив првата тетоважа и си помислив дека е многу полесно отколку што очекував. Си реков: „Тоа е тоа! Ако од првпат ми е лесно, сигурно со вежбање ќе биде уште полесно и поинтересно“. А и тетоважата испадна супер, па веќе не помислив да работам нешто друго.
Во свет каде што уметноста често се гледа како хоби, а не како кариера, што те одржуваше фокусирана и мотивирана?
– Ме одржуваше тоа што се изолирав од светот и од коментарите на луѓето кои воопшто не беа поврзани со уметноста, а секогаш имаа нешто да кажат. И сè уште е така – само што сега сум опкружена со луѓе кои или се занимаваат со уметност во некаква форма или се љубители на истата. Почнав да консумирам исклучиво содржина од областа на тетовирањето и уметноста, и полека, но сигурно, немав допир со луѓе кои немаа верба во тоа што го правам. Такви луѓе имаше многу, особено додека студирав на Факултетот за ликовна уметност – „Што ќе работиш?“, „Нема во Македонија пари од тоа“ итн. Но, одамна веќе не ги слушам.
Мотивирана ме одржуваа уметниците кои ми се допаѓаа во различни периоди и кои беа подобри од мене. Така ми е и денес со тетовирањето.
Како би го опишала твојот стил во тетовирањето? Што ги прави твоите тетоважи препознатливи?
– Мојот стил би го опишала едноставно како „American Traditional“, иако во последно време ме влече и „Japanese Traditional“. Претпочитам да тетовирам мои дизајни, а ако некој има идеја за тетоважа, се обидувам да го убедам да ја направиме во традиционален стил. Тие стилови се едни од ретките кои и по многу години ќе изгледаат исто, поради јасните форми, дебелите линии и ограничениот колорит. Она по што се препознава дека тетоважата е моја е тоа што гледам да имплементирам модерни или необични мотиви, и покрај тоа што е во традиционален стил.

Твојата уметност останува засекогаш на нечија кожа. Какво е чувството кога знаеш дека твојата креативност станува дел од туѓ идентитет?
– Чувството е прекрасно! Многу сум им благодарна на сите клиенти кои доаѓаат кај мене и ми дозволуваат да бидам дел од нешто што ќе го носат засекогаш. Најмногу се радувам кога ќе ја завршам тетоважата и клиентот се гледа во огледало 15 минути, пресреќен. Посебно ми значат клиентите кои избираат мои дизајни, бидејќи не се одлучиле за тетоважата поради некое значење, туку чисто од естетски причини – затоа што им се допаѓа мојата работа.
Кој е најнеочекуваниот или најемоционалниот момент што си го доживеала во студиото? Дали некоја тетоважа ти останала во срце како посебна приказна?
– Има неколку приказни што ми се драги. Најчесто се поврзани со клиенти кои дошле да се тетовираат по 60-тата година и прават тетоважи за своите внуци, или кога родител и дете ќе се тетовираат заедно. Исто така, секогаш ми се преслатки детските цртежи што родителите ги тетовираат од своите мали деца.
Дали има нешто што никогаш не би тетовирала, без разлика на цената или популарноста на барањето?
– Јас сум позната по тоа што ги разубедувам или премислувам клиентите. Одбивам тетоважи што сметам дека некој од моите колеги би ги направил подобро, како на пример реалистичен портрет. Ако клиент дојде со идеја за тетовирање на прсти, дланки или нешто што е во тренд, а знам дека за две години ќе му биде криво, давам сè од себе да најдеме решение со кое ќе биде задоволен долгорочно. Но, на крајот, ако некој навистина има желба за нешто, ќе направам сè тоа да изгледа најдобро што може.

Имаш направено и неколку боенки за возрасни. Како дојде до идејата за таква креатива?
– Имам направено четири боенки за возрасни во Македонија и уште десетици за странскиот пазар, но „Боенка за креативен ден“ стана највирална, со речиси 10 тиражи. Во тоа време, пред девет години, боенките за возрасни беа многу популарни, а дополнително помогна тоа што сè уште немаше македонска верзија. Јас цртав во тој стил – мандали, многу детали, форми што се предизвик за боење – и така се поклопија работите.
Многумина веруваат дека боенките за возрасни имаат смирувачки ефект и помагаат во намалување на стресот и анксиозноста. Дали си добивала реакции од луѓе кои твоите боенки ги користеле како начин за опуштање и справување со секојдневните предизвици?
– Да, сум добила безброј пораки од луѓе кои велат дека боенките им помогнале, им го разубавиле денот и ги релаксирале. Особено се сеќавам на една девојка која ми напиша дека ѝ помогнале за нов почеток и ја извлекле од тежок период. Токму ваквите пораки ме мотивираат да продолжам да создавам, иако сега во друга насока.
Дали сметаш дека креативните процеси, како боењето и цртањето, можат да имаат терапевтско дејство врз менталното здравје? На кој начин уметноста ти помогнала тебе во периоди на стрес или лични предизвици?
– Апсолутно сметам дека цртањето, боењето и општо уметноста имаат терапевтско дејство врз менталното здравје посебно за луѓе на кое не им е секојдневие. Мене ми помага цртањето зошто тоа е моментот кога не мислам на ништо и заборавам на што и да ми се случува.


