Интервју со Инес Станковска, успешна нашинка во Париз: Работи за Шанел, барана е од луксузните модни марки

Од изработката на силуети направив луксузна уметност. Мојата визија беше на силуетата да ѝ додадам женственост. Сега најмногу работам за „Шанел“, зашто и логото на Карл Лагерфелд е, всушност, силуета.

Во 1963 година на Монмартр, на прочуениот рид каде што се собирале и се собираат познатите сликари, писатели и уметници, уметничкото париско гнездо кое било инспирација и за Брак, Пикасо и Модиљани, Македонецот Исмет бил еден од првите уметници кој ја покажал вештината на изработка на силуети.

Љубовта кон оваа уметност ја наследил неговиот син, Валентин, кој ја продолжил традицијата и ја пренел на својата ќерка Инес, истовремено отворајќи ги вратите на изработка на силуети на елитни и важни настани. Така Инес Станковска природно се посветила на оваа стара и ретка уметност. По стекнувањето на уметничка диплома, Инес заминала во Барселона за да студира сликарство и фотографија. Паралелно со студиите, таа ја усовршила изработката на силуетата на славната улица „Рамбла“ во центарот на каталонската престолнина.

Со враќањето во Франција, Инес станала магистер по визуелни уметности и историја на уметност. Веќе повеќе од една деценија, таа ги следи стапките на татко ѝ и дедо ѝ, надминувајќи го тоа уметничко наследство со елеганција и шарм и додавајќи сопствен, женствен белег.

Освен женственост, Инес носи гламур и оригиналност во изработката на силуети, фокусирајќи се и на деталите. Гостите на настаните на кои оваа Македонка работи, си заминуваат трогнати и воодушевени од нејзините силуети, а барана е од светските луксузни брендови како „Луј Витон“, „Сен Лоран“, „Блгари“, „Картие“, „Хермес“, „Ролекс“… Моментно најмногу работи за модната марка „Шанел“. Меѓу славните пак, кои добиле своја силуета изработена од Инес се вбројуваат и Мајкл Даглас, Џон Траволта, Џенифер Лопез, Хју Грант, Форест Витакер…

Накусо, Инес е канета и барана од цел свет, а можеби некогаш ќе ја поканат и во Македонија.

Мислам дека на силуетата ѝ недостасуваше нешто женствено, нешто нежно, гламурно, бидејќи беше направена од маж.

Здраво Инес, како си? Како се живее денес во Париз?

– Добра сум, благодарам. Со коронавирусот малку е сè пореметено. Се шетаме со маски што за мене е неприродно, не можат да се видат експресиите на лицата на луѓето. Минатата недела работев на еден настан, и работев со маска, првпат после коронавирусот. Тешки денови се, многу е скапо, дефинитивно животот не е бајка.

Како дојде во Париз, од кога си таму?

– Отсекогаш живеам во Париз. Дедо ми дојде во Париз на 18-годишна возраст, по промена на првото работно место, нашол нова работа – конечно дошол на Монмартр со другите уметници и ги запознал силуетистите кои го научиле како се изработуваат силуети. Дедо ми работел за многу познати луѓе, вклучувајќи го и кралското семејство на Монако. Цел живот работел во Сен Тропе, насекаде бил повикуван и баран. Потоа, татко ми го продолжи занаетот и работеше главно за настани. И двајцата работеа на Монмартр, имаа и членска карта, а Монмартр е институција за уметниците. Јас пак, основав Агенција за изработка на силуети.

Направив луксузна уметност, за елитата да може да види дека оваа уметност е специфична.

Што му додаде на наследеното, на семејната традиција?

– Мислам дека на силуетата ѝ недостасуваше нешто женствено, нешто нежно, гламурно, бидејќи беше направена од маж. И мислам дека е одлично да се биде жена во овој свет на хартиена уметност. Мојата визија беше на силуетата да ѝ додадам женственост. Татко ми и дедо ми работеа малку погрубо, јас работам малку повеќе во детали, додадов малку гламурен дух, а кога работам – работам облечена во тоалета. Мислам дека внесов друг став и пристап кон оваа уметност. Дедо ми и татко ми не работеа за луксузни марки, повеќе беа ориентирани кон уличната уметност, а јас направив да може да се работи за гламурни настани. Направив луксузна уметност, за елитата да може да види дека оваа уметност е специфична. Сега најмногу работам за „Шанел“, зашто и логото на Карл Лагерфелд е, всушност, силуета.

Како се усовршува техниката?

– Техниката се усовршува само и единствено со пракса. И треба да се има визија… Да се има рака, очи и визија, и многу тренинг.

Нема млади, како мене и сестра ми, што изработуваат силуети. Па така, имаме доста понуди.

Има ли интерес за силуетите?

– Откако почнав да работам за луксузните марки, а тоа се веќе речиси десет години, станав славна во мојата бранша. Луѓето имаат голем интерес за оваа уметност зашто не се гледа насекаде, ретко можат да ја најдат и да ја видат оваа стара уметност. Нема млади, како мене и сестра ми, што изработуваат силуети. Па така, имаме доста понуди.

Колку време е потребно за изработка на една силуета?

– Изработката на силуетата се случува во две-три минути. Ја сечам силуетата на хартијата и за две-три минути излегува фигура, профилот од лицето кое го работам. И затоа станува збор за хепенинг – луѓето гледаат и аплаудираат, само тој што го „сечам“ не гледа што се случува. Пристапот е многу интересен.

Со кои македонски уметници кои живеат во Париз се дружиш, контактираш?

– Немам многу контакти со македонските уметници, не се дружам многу со Македонци од причина што не ги познавам. Татко ми има еден пријател на Монмартр, мислам дека се презива Матевски, познат е. Инаку, повеќе се дружам со интернационални уметници од целиот свет, од Аргентина, од Шпанија, од цел свет… Бидејќи живеев некое време и во Њујорк и во Барселона.

Каде може да ја видиме твојата уметност?

– Може да се види мојата уметност ако нормално, ме викнат на некој настан во Македонија, доколку сакаат да направам силуети за нивните посебни клиенти или на телевизиска емисија. Или може да се сретнеме кога ќе дојдам во Македонија на одмор, без проблем може да ви направам силуета, со задоволство.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот