ИНТЕРВЈУ СО БОШКО СТАМЕНКОВСКИ: Светски шампион во „пауерлифтинг“, рекордер со 2525 склекови за еден час!

„Слободен печат“ направи интервју со Бошко Стаменковски (47) кој се занимава со пауерлифтинг пет години, негова дисциплина е бенч. Учесник на голем број европски и светски натпревари, меѓународни турнири.

Голем број на први места, признанија, медали од бодибилдинг стрит воркоут и пауерлифт бенч прес. Воедно пред една недела направи 2525 склекови за еден час (неофицијален светски рекорд).

Што значи пауерлифтинг, колку човек треба да важба, за самите успеси на Стаменковски, неговите амбиции во блиска иднина, желби, препораки, сето тоа прочитајте во продолжение.

Колку години се занимавате со „пауерлифтинг“, што ве поттикна да бидете дел овој спорт?

– Со пауерлифтинг се занимавам пет години, дисциплина ми е бенч. Претходно имам учествувано шестпати на боди билдинг. Почнав активно да се занимавам после 40 година од животот, претходно бев доста дебел и имав потешкотии во секојдневниот живот. Сега последните две години активно се занимавам со „стрит воркоут“ или поточно улично натпреварување, вратило, разбој и склекови (непобеден).

Да појасниме пред јавноста, што значи тоа „пауерлифтинг“ и самата дисциплина бенч-прес?

– Пауерлифтинг е презентација на сила, се состои од три дисциплини: Мртво дигање од земја, клекнување и бенч подигање од клупа. Мојата дисциплина е бенч и сум во категоријата до 75 килограми. Пред две години (67.5 кг) направив светски рекорд во Трутнов (Чешка) на Светското првенство во пауерлифтинг.

Што е потребно кај човекот во овој спорт, што треба да го краси, од аспект на исхраната?

– Кај овој спорт се потребни предиспозиции особено да се бидеш развиен во горниот дел од телото, градниот кош. Потребно е макотрпно вежбање. Квалитетна исхрана, најмногу месо, протеини, јаглехидрати и внесување минерали и витамини како превентива за побрзо заздравување и одржување на мускулатура, сила и одржување на килажа. Исто така и возење велосипед, вечерен тежински тренинг и трчање околу стадионот, секој ден во збир од 5-6 часа вежбање.

– Во слободно време исто така сум голем љубител на планинскиот велосипедизам и редовно возам велосипед и организатор на тура околу Калиманско езеро. Секој ден по два утрински тренинзи, имам направено справи дома на таван и сум ги крстил „Tavan Gym“, под кое име и настапувам на сите натпревари. Малку комично, но тоа е бидејќи оттаму ги направив првите успеси пред да се инвестира во општински фитнес каде Рудник Саса го опреми со справи и е бесплатно за секој.

Кои се вашите најголеми успеси оваа година и во минатото?

-Оваа година имам досега 12 натпреварувања, позади себе имам 5 европски и 5 светски натпревари, два светски купа и околу 50 турнири.  Имам медали од бодибилдинг стрит воркоут и пауерлифт бенч прес.

Како најголеми успеси ми се настапот на Европско во Чадка (Словачка) 1 место и европски рекорд во категорија до 75 кг. со подигнати 137.5 кг.

Потоа, Светското првенство 2015 година во Лас Вегас (САД), 1. место во категоријата до 75 кг. и светски рекорд.

Светско, Атланта (САД), 1 место со подигнати 140 кг., светски рекорд во категоријата до 75 кг. и прогласен за најдобар лифтер.

Во Одеса (Украина) две први места во бенч од кои едно е повторување со сопствена килажа (73 кг., 62 повторувања и прогласен за најдобар лифтер.

Балканско во Бјелина, 1. место, категорија до 75 кг.

ТУРНИРИ: „КРОАТИЈА ОПЕН“, Задар 1 место , „ЦРНА ГОРА ОПЕН“ 1 место, „СРБИЈА ОПЕН“ ЛЕСКОВАЦ 1 место, „СВРЛЈИГ ОПЕН“ 1 место,  „ТРОФЕЈ БЕОГРАДА“, 1 место и „ВОЈВОДИНА ОПЕН“ 1 место, сите во категоријата до 74 кг.

Стрит Воркоут, Валјево (Србија) 2 место, пауер со 10 бода исто со првиот загуби на коефициент од 5 дисциплини.

Пула, склекови 1 место  – чучњеви со 60 кг., трето место.

Светски куп, стрит воркоут, Нови Сад 1 место. Склекови со панцир од 20 кг. и трето место чучњеви со сопствени килажа и 75 кг. повторувања.

Што ве очекува во наредниот период, дали имате нови најавени настапи до крајот на 2019 година?

-За оваа година останува уште Светскиот куп во Одеса кој што ќе се одржи од 6-8 декември во бенч.

Вие сте и светски рекордер во правење склекови, кажете ни колкав е рекордот..?

-Светски рекордер во склекови за една минута во сала, 77 со заклучување (декември 2018), а 139 склекови за 1 мин. со пумпање. Исто така пред една недела направив 2525 склекови за еден час (неофицијален светски рекорд). Сакам да најавам во сала пред публика и камери за Гинисов рекорд за 1 час, само не знам како да го изведам тоа.

Што си посакувате лично и професионално во 2020 година, дали би можел повторно македонскиот спорт да има нови позитивни резултати?

-За 2020 година се имам квалификувано за „Арнолд Класик“ во Охајо Коломбос (САД) во периодот од 5-8 март во бенч. Исто така ќе се подготвувам за сите турнири до Светско, исто и во „стрит воркоут“ каде што ќе гледам да ги подобрам сите резултати. Веќе имам услови за тренинг, како во сала, така и улично каде што ја обезбедивме најдобрата улична справа за натпревари од светски ранг.

-Во мојата Општина Македонска Каменица се трудам да и се овозможи кој сака да тренира било што, тоа да им биде бесплатно. Затоа голема благодарност до генералниот спонзор Рудник Саса и Општина Македонска Каменица и сите помали фирми кои веруваат во моите способности и помогнаа да ги подигнам овие успеси.

Која е вашата порака до помладите кои имаат намера во блиска иднина да се занимаваат со спорт и бидат дел од победничкиот подиум?

-Мојата порака до младите е да тренираат поактивно и да не брзаат со брзи резултати. Само без откажување резултатите ќе дојдат сами по себе, само тоа е подолг процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот