Интервју со Блаже Миневски, сопственик на бутик винаријата „Бади“: Виното е синоним за веселите моменти за кои наздравуваме

Фото: Приватна архива

Постојат малку работи на овој свет кои со годините стануваат сè подобри и поубави. Едно од нив е виното. Приказната за виното постојано се развива, пулсира како вистински жив организам. Виното било и останува ценет пијалaк на многу цивилизации. Може да се каже дека сè поминува, останува само доброто вино.

Кога зборуваме за добро вино, неминовно е да ги спомнеме врвните и квалитетни вина произведени од бутик винарија „Бади“ која се наоѓа во Кавадарци. „Бади“ расте од година на година и веќе 18 години ги усовршува своите производи, истовремено секојдневно нудејќи идеални услови за дегустација на вината за своите бројни, верни и задоволни клиенти.

Често велите дека во секое шише вино од винаријата „Бади“ е отсликано богатството и природните убавини на Тиквешкото виногорје. Меѓутоа, како винари кои ги познавате сите тајни на виното, верувате ли во тоа дека пијалакот е толку добар колку што Вие сте подготвени да се дадете себеси во целиот процес на неговото создавање?

– Виното е пијалак на боговите. Во Македонија пред 5.500 години се одгледувало грозје и се негувала винската култура, што укажува дека лозарството и винарството оставиле длабоки корени во нашиот живот и култура. Виното е дел од христијанството, дел е од секојдневниот живот и како такво треба да го почитуваме. Производството на виното е природен процес и затоа спаѓа во групата на храна, но бидејќи содржи алкохол треба одговорно да го консумираме.

Македонија има прекрасно поднебје за производство на најразлични квалитетни вина. Вие произведувате органско вино. Колку долго постоите и која е разликата меѓу конвенционалното и органското вино?

– Винарија „Бади“ се наоѓа во Кавадарци – срцето на Tиквешкиот вински регион, каде имаме идеални услови за производство на врвни и квалитетни вина. Ние го негуваме производството на 100 проценти природни и еколошки вина, тоа значи дека во одгледувањето на грозјето не користиме пестициди, инсектициди, хербициди, ниту вештачки ѓубрива, додека во производството на виното не користиме препарати од животинско потекло – веганско производство. Првата берба е 2005 година, а оваа година славиме полнолетство – 18 години усовршување на нашите вина, вињак, ракија и маџун.

Фото: Приватна архива

Со што располага винаријата „Бади“, какви настани организирате, со кои специфичности во понудата ги привлекувате вашите гости, што им кажувате, зошто треба да се проба токму вашето вино? Што значи бутик винарија?

– Дегустациите се најголемиот промотор. Винарија „Бади“ има капацитет од 10.000 литри годишното производство на вино, со што спаѓаме во групата на бутик винарии, како едни од најценетите и најпочитуваните винарии на светскиот пазар. Винаријата е отворена за посета, располага со сала за дегустација од 20 гости, секој ден организираме дегустација на вино, пикник дегустации на нашите лозови насади, приватни и комбинирани бизнис забави, мастер класови со храна и вино и слично, целата продажба се одвива во винаријата, а со тоа создаваме доверливи и редовни купувачи.

Која е палетата на вина на Вашата семејна винарија?

– Нашата палета се состои од производство на премиум бело, розе и црвено вино, од наши и светски сорти на грозје: Бисера, Бисера касна берба, Совињон Блан, Пасија Розе, Каберне Совињон, Мерло, Вранец и Кратошија, исто така произведуваме вињак, ракија, мастика и маџун.

Кои вина Македонците најмногу ги бараат, дајте ни основни информации – кое вино со што оди, што треба да се знае и кон што треба да се насочи вниманието при изборот на вино?

– Македонија како вински пазар најмногу консумира вина со доминантни овошни и цветни ароми, од белите сорти: Смедеревка, Ризлинг, Шардоне, Траминец, а од поново време Темјаника, Виоње и Совињон Блан, од црвените сорти: Вранец, Кратошија, Мерло, Каберне Совињон и сл., додека како нов тренд се розе и пенливите вина.

Фото: Приватна архива

Знаеме дека виното има третман на еликсир на нашите простори, но дали народот има оформено сенс што е квалитетно и добро вино, всушност, постои ли винска култура кај нас?

– Иако кажавме дека на овие простори одамнина се прави и пие виното, најголем подем винската култура доживува последните 20 години. Тоа се должи на отворањето на приватните винарии, модернизацијата на технологиите, маркетингот и развојот на винскиот туризам, рестораните воведуваат вински карти, новите генерации доста читаат за винарството, за здравствените придобивки од пиењето вино, дегустираат, комбинираат со храната, едноставно хедонизмот е надалеку раширен…

Би сакале ли накусо да ја споделите со нас вашата најдрага винска приказна!

– Винските муабети ни немаат крај, виното е навлезено во нашата култура и човек секогаш се труди да го спореди со убавите и веселите моменти за кои наздравуваме… За мене лично, најубавите вински приказни ги слушам секојдневно од странските туристи, кои се импресионирани од убавини на Македонија, надополнети со вкусната храна и нашите врвни вина, со кои можеме да се пофалиме на секаде.

Виното е еликсир на љубовта и животот.

На здравје!

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот