ИНТЕРВЈУ | Марија Николов: Имаше и тешки моменти, останавме сплотени и на крајот трудот се исплати

Тие се нашите спортски хероини, македонските кошаркарки со трофејот во Тбилиси/Фото: facebook.com/macedonianbasketball

Женската селекција на Македонија, за кошаркарки „Под 16“ години го освои трофејот на ФИБА „Челенџер“ турнирот кој се одржуваше во Тбилиси, Грузија.

Тие се нашите нови спортски хероини, предводени од селекторот Никола Златев на патот кон остварување на целта имаа четири максимални победи против Малта (91:53), Албанија (72:46), Ерменија (92:22) и Грузија (104:36).

Ова е нов момент за македонската женска кошарка, кој треба да се почитува и вреднува, и натаму да се продолжи во вложувањето на младите перспективни играчи, од било која категорија, кои претендираат во иднина да ги бранат и боите на нашата најсилна сениорска репрезентација, но секако чекор по чекор.

По повод овој успех женската У16 селекција беше на прием во Агенцијата за млади и спорт, како и во Македонската кошаркарска куќа заедно со претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар, Владимир Георгиевски и спортскиот директор Тодор Гечевски.

Една од кошаркарките која имаше значаен придонес на успехот во Тбилиси беше Марија Николов (на последниот дуел со Грузијките имаше 20 поени) која ги сподели радосните моменти и што значи овој врвен резултат за нашата земја и кошарката кај нас.

Остваривте четири победи на ФИБА Челенџерот во Тбилиси, заедно предводени од селекторот Златев го освоивте трофејот, што значи овој момент за македонската женска кошарка?

– Турнирот во Грузија е едно ново искуство и доживување за нас како играчи, како екипа и како репрезентација. Го освоивиме првото место што е еден голем чекор напред во македонската женска кошарка и докажавме дека сепак во Македонија има женска кошарка во која треба и која заслужува да се вложува и развива. Се надеваме дека овој после овој успех ќе се обрне повеќе внимание кон младинската женска кошарка – ни изјави Николов.

На ФИБА „Челенџерот“ нашата У16 женска селекција оствари четири победи/Фото: facebook.com/macedonianbasketball

Што беше клучно во остварувањето на целта, тоа обединување во селекцијата, сите како едно семејство?

– Ние како репрезентација сме заедно од 14 годишна возраст исто како со играчите, така и со тренерите. Клучно за овој медал беше меѓусебна хемија, почитта и поддршката која многу ни значеше за време на натпреварите. Уште на почетокот на припремите ние имавме претчувство дека можеме да направиме добар резултат. Знаевме дека нема да биде лесно, но ние имавме преголема желба за игра и надигрување. Кога видовме дека сме доволно спремни, мотивацијата се искачи на едно повисоко ниво, а исто така и нашата борбеност. Во текот на подготовките имаше некои тешки моменти, но останавме сплотени, дававме максимум на крајот трудот се исплати – вели македонската кошаркарска репрезентативка.

ВИДЕО: Македонските кошаркарки го освоија трофејот на ФИБА „Челенџерот“ во Тбилиси

Кои се вашите следни цели кои сакате да ги остварите оваа сезона, секако и на клупски план?

– Како репрезентација ние сме една прекрасна генерација која изобилува со многу талентирани кошаркарки. Како што кажав и претходно повеќе години сме заедно и добро се познаваме и сметам дека со едно континуирано добро развиена програма ќе успееме да се задржиме заедно и понатаму ќе постигнуваме добри резултати. Што се однесува на клупски план, после две поминати прекрасни сезони во ЖКК Бадел 1862 каде што освоивме титула м18 и второ место во м16, оваа сезона планирам да ја продолжам во ЖКК БаскетКам од Македонска Каменица. Се надевам на година каде што ќе постигнам одлични резултати во новиот клуб – рече Николов.

Не беше лесен патот кон успехот, но постоеше желбата за игра и надигрување/Фото: facebook.com/macedonianbasketball

Според вас, што треба да го краси еден кошаркар, воопшто спортист за да може да се надева и верува во добар резултат?

– Секој спортист треба прво да биде добар човек, да се краси со високи морални вредности и секогаш да верува во себе и своите способности. Да го сака својот спорт и постојано да работи напорно, за да се надгради и како спортист и како личност. Професионалното занимање со спорт е многу тешко, бара откажување од многу работи со цел да се успее. Во секоја работа си одат тешки моменти што е многу нормално, но тие треба да се издржат и тука е вистинската борба. Најважно е тоа што го работите да го правите со љубов и да сте максимални посветени – се зборовите на нашата кошаркарка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот