Интервју Андон Бошковски: Младите ракометари изгледаат подобро од нивните претходници

Младите играчи кои во мометов се на ракометната сцена антрополошки изгледаат можеби и подобро од нивните претходници кои направија сериозен успех во континуитет на индивидуално, клубско и репрезентативно ниво. Колку овие играчи ќе ги имаат условите и можноста да настапуваат во квалитетни натпреварувања, од тоа ќе зависи и нивниот напредок во иднина – вели Бошковски за „Слободен печат“.

Македонската ракометна суперлига во наредната сезона наместо 12 ќе брои 16 екипи поради прекинот на првенството предизвикано од пандемијата на коронавирусот со што место обезбеди и тимот на капитенот на македонската репрезентација Кире Ларазов, РК Голден Арт КЛ7.

Екипата на РК Голден Арт КЛ7 по само една година натпреварување во сениорска конкуренција успеа да со обезбеди место под сонцето во македонскиот ракомет, да биде препознаен како тим кој форсира млади и талентирани ракометари и тоа беше доволно добар предизвик за „Слободен печат“ да направи интервју со тренерот Андон Бошковски.
Бошковски ги сумира резултатите од прекинатата сезона во која тимот беше второпласиран во првата лига.

–  Ако целта кога го почнавме овој проект беше да овие играчи на крајот од сезоната се 10% подобри, јас сум задоволен, а тоа што влеговме во супер лига само може да ме прави посреќен. Но морам да напоменам дека главна цел на клубот не беше влез во суперлигата, иако тоа со резултатите до прекинот на првенството апсолутно го заслуживме, туку тоа што го спомнав на почетокот, овие млади играчи да на крајот од сезоната бидат подобри барем за 10% – анализира Бошковски.

Како што тимот напредуваше резултатски, така напредуваше и на другите полиња, КЛ7 се ребрендира во Голден Арт КЛ7, а засилен е и тренерскиот тим со Билјана Црвенкоска како и со Димитар Маневски кои доаѓаат од Вардар и токму тоа се и целите на тимот, од година во година да расте.

– Целите се исти, да станеме подобри играчи и клубот да се подигне на уште едно повисоко ниво. Нормално, првата година резултатски ќе се стремиме да останеме во супер лигата. Доаѓањето на двајцата спортски работници само ја подига сериозноста и решеноста да овој клуб заедно со луѓето што го водат и логистиката која ја формира околу клубот оди чекор погоре – смета тренерот на новиот суперлигаш.

Играњето со ракометари од сопствената школа е добар знак за уште поголемо кревање на нашиот ракомет во земјата, односно зголемување на конкуренцијата.  Неизбежно е прашањето до Бошковски за неговото видување на состојбите во ракометот , односно колку брзо Македонија може да добие нови Лазаров, Ристовски, Миркуловски….

– Сигурно дека има ракометари кои надоаѓаат, а дали ќе бидат квалитетни како оваа генерација треба да покаже времето и истите треба многу повеќе од нивните претходници да работат. Младите играчи кои во мометов се на ракометната сцена антрополошки изгледаат можеби и подобро од нивните претходници кои направија сериозен успех во континуитет на индивидуално, клубско и репрезентативно ниво. Колку овие играчи ќе ги имаат условите и можноста да настапуваат во квалитетни натпреварувања, од тоа ќе зависи и нивниот напредок во иднина – смета тренерот на РК Голден Арт КЛ7 кој заедно со клубот се подготвени да одговорат на било какви барања од селекторот Данило Брестовац.

– Работа на селекторот е да се грижи националниот тим да ја преставува оваа наша држава на највисоко ниво. Дали ќе бидат млади или повозрани, тоа воопшто не е важно. Многу поважно е нивната моментална играчка форма и карактер. И ние како клуб секогаш стоиме на располагање на сите национани селекции.

И во дебитантската сезона во Суперлигата, РК Голден Арт КЛ7 ќе остане доследен на својата филозофија, ќе се игра со млади и талентирани ракометари како од својата академија така и со засилување на одредени позиции како што е ангажманот на кадетските репрезентативци од Металург, Виктор Василевски и Глигор Гајиќ.

–  Кај нас се е природен процес. Направивме база од доволен број на ракометари, кои мислиме дека се најблиску до нашиот систем на сфаќање на ракометната игра. Истата, во сезоната која што следува планираме да ја надоградиме со млади македонски играчи кои во иднина може да прераснат во квалитетни сениорски ракометари – вели Бошковски.

Пандемијата на коронавирусот ги запре на момент активностите на Бошковски и на РК Голден Арт КЛ7, но веќе се започнати плановите за реализација на подготовките за наредната сезона во која клубот ќе остане доследен на својата ракометна филозофија.

– Нормално како и цел свет и ние бевме во изолација. Играчите секоја недела добиваат план и програма за истата и ја одработуваат. Нормално е дека се придржуваме до препораките од здравствената комисија и се надеваме дека ова ќе се смири и ќе почнеме редовно, сите, да ги извршуваме своите обврски. Како што напоменав и претходно, прва и основна цел е да добиеме што повеќе ракометари со поголема ракометна едукација, а следствено на тоа би требало да дојдат и резултатите. Што се однесува до планот тој зависи од моменталната ситуација во која се наоѓа државата – зборува Бошковски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот