ИНО ФАБ ЛАБ: Иновативно крило за мали летала и еколошки „мрзливи фотелји“ – нови проекти на младите умови

Фото: ИНО ФАБ Лабораторијата

ИНО ФАБ Лабораторијата организираше настан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на којшто беа промовирани иновативни проекти креирани од страна на перспективни млади умови.

Беше презентирана работата на тимовите „Дизајнирање и прототипирање на аеродинамичен објект” и на тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ кои во изминатите месеци под менторство на професори и асистенти на Технолошко-металуршкиот и Машинскиот факултет ги креираа своите проекти.

Првиот тим работеше на дизајнирање на иновативно крило за мали летала кое е инспирирано од природата. Како што информираат организаторите, овој тим врз основа на повеќе истражувања и математички пресметки дојде до заклучок дека аеродинамичкиот објект (крило) направено според крилото на гуска има најдобри перформанси.

Крилото инспирирано од гуската има најголема заштеда на гориво поради помалиот отпор и има и поголема носивост на товар во тек на подолго време и долги растојанија. Прототипот на ова иновативно крило, кое може да најде примена и во ветерниците, беше испечатен на 3Д принтер во ИНО ФАБ ЛАБ, а неговите перформанси беа тестирани во специјална лабораторија на Машинскиот факултет, велат од ИНО ФАБ ЛАБ.

Производот на тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“, како што велат, привлече големо внимание, а гостите имаа можност и да го тестираат.

Станува збор за еколошки „lazy bags“ наполнети со различни полнила, вклучително и текстилен отпад од текстилната индустрија кој вообичаено завршува на депонија и креира големо загадување, додаваат од Лабораторијата.

Тимот „Green lazy bags oд текстилен отпад“ креираше еколошки „lazy bags“/Фото: ИНО ФАБ ЛАБ

 

На настанот се обратија и го споделија искуството Весна Иваноска генерален менаџер на Сеавус едукативен и развоен центар и Горан Митревски, сопственик и директор на КАБТЕЛ, компанија со експертиза и решенија за сајбер-безбедност, автоматизација и интеграција, бекап на податоци, мрежи и техничко обезбедување.

ИНО ФАБ ЛАБ е првата лабораторија за производство и прототипирање, а се наоѓа на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје. Основана е од страна на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Факултетот, а со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, амбасадата на САД и неколку македонски компании.

Под менторство на академски професори, стучни лица од реалниот сектор, младите лица на возраст од 15 до 29 години имаат можност да развиваат и тестираат иновативни идеи и да создадат продукт-прототип.

Овој настан е поддржан од Американската амбасада во Скопје и Фондот за иновации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот