Нова планета во облик на лимон/Фото: NASA, ESA, CSA, Ralf Crawford STScI)

Има облик на лимон, од небото паѓаат дијаманти, а една година трае 8 часа! Најчудната планета некогаш откриена

Новооткриена егзопланета се чини дека ја доби титулата најчуден свет што некогаш сме го забележале во нашата галаксија Млечен пат. Астрономите што го користат вселенскиот телескоп Џејмс Веб открија зачудувачка планета што го проширува нашето разбирање за тоа што е можно во вселената толку многу што гравитацијата буквално ја растегнала во форма на лимон, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Објектот со маса колку Јупитер, официјално наречен PSR J2322-2650b, има атмосфера што никогаш порано не е видена, а самота негова егзистенција ги доведува во прашање сите познати теории за формирање планети.

Откритието е толку необично што научниците на почетокот беа целосно изненадени.

– Тоа беше апсолутно изненадување. Се сеќавам дека нашата колективна реакција, откако ги добивме податоците, беше: „Што е ова, по ѓаволите?“. Екстремно е различно од она што го очекувавме – рекол коавторот на студијата Питер Гао од институтот Карнеги.

Овој бизарен свет кружи околу пулсар, еден вид брзо ротирачка неутронска ѕвезда. Станува збор за неверојатно густи ѕвездени јадра кои останале по експлозијата на супернова, а ја содржат масата на нашето Сонце во тело со големина на град. Овој пулсар емитува снопови зрачење во правилни интервали, како вселенски светилник. Меѓутоа, зрачењето што го емитува претежно се состои од гама зраци и други високоенергетски честички, што го прави невидлив за инфрацрвените инструменти на телескопот Веб. Таа маана се покажа како неверојатна предност. Бидејќи телескопот не ја гледа заслепувачката светлина на ѕвездата, може непречено да ја проучува планетата.

– Овој систем е уникатен затоа што можеме да видиме планета осветлена од нејзината ѕвезда, без притоа воопшто да ја видиме самата ѕвезда – објаснила Маја Белезнеј, докторантка на Универзитетот Стенфорд.

– На овој начин добиваме неверојатно чист спектар и можеме да го проучуваме подетално од обичните егзопланети.

Облаци од саѓи и дожд од дијаманти

Анализирајќи го тој чист спектар, тимот бил шокиран. Наместо очекуваните молекули како вода, метан или јаглерод диоксид, тие откриле атмосфера во која доминира хелиум и молекуларен јаглерод. Ова никогаш порано не е видено.

Молекуларниот јаглерод е исклучително редок бидејќи на високи температури, кои на оваа планета достигнуваат и до 2.000 степени Целзиусови, тој обично се врзува со другите елементи. Неговото присуство сугерира дека кислородот и азотот се речиси и да ги нема.

Таквиот бизарен состав подразбира и подеднакво бизарно време. Научниците претпоставуваат дека облаците од саѓи лебдат низ атмосферата. Длабоко во планетата, под огромен притисок, овие облаци од јаглерод би можеле да се кондензираат и да формираат дожд од вистински дијаманти.

Планетата PSR J2322-2650b е исклучително блиску до својата ѕвезда, на растојание од само 1,6 милиони километри, што е речиси сто пати поблиску отколку што Земјата е до Сонцето. Поради оваа неверојатна близина, една година на неа трае само 7,8 часа. Интензивната гравитација на масивниот пулсар ја растегнува оваа планета со маса колку Јупитер во издолжена, речиси гротескна форма на лимон или рагби топка.

Загатка што никој не може да ја реши

Сè во врска со оваа планета е мистерија, а најголемата од сите е како воопшто настанала. Нејзиниот состав ги исклучува сите познати механизми на формирање планети. Една од идеите била дека станува збор за таканаречен систем „црна вдовица“, во кој пулсарот полека „голта“ материјал од својот помал ѕвезден сопатник. Меѓутоа, ваквите процеси не создаваат чист јаглерод.

– Дали ова се формирало како нормална планета? Не, бидејќи составот е сосема различен – рекол Мајкл Жанг од Универзитетот во Чикаго, главен истражувач на студијата.

– Дали е создадено со „лупење“ на надворешниот дел од ѕвездата, како што настануваат системите на црните вдовици?

Веројатно не, бидејќи нуклеарната физика не создава чист јаглерод. Многу е тешко да се замисли како се добива таков состав.

Засега, PSR J2322-2650b останува фасцинантна загатка што би можела да претставува сосема нова класа на вселенски објекти.

– Убаво е да не се знае сè – заклучил коавторот на студијата, Роџер Романи.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот