Илјадници луѓе на протест во Приштина побараа Хаг да ги ослободи поранешните водачи на ОВК
Илјадници граѓани денеска маршираа низ улиците на Приштина барајќи правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) на кои им се суди пред Специјализираните совети за Косово во Хаг, јавуваат косовските медиуми.
Препорачано
Во организација на групата „Слободата има име“, граѓани од сите земји што зборуваат албански јазик се собраа на плоштадот „Скендербег“ барајќи фер судење за поранешните водачи на ОВК, бидејќи постапката влезе во завршна фаза и се очекува да заврши во наредните недели или месеци.
Заедно со бројни граѓани од Косово, Албанија, Македонија и други региони, на маршот учествуваше и претседателката на Косово Вјоса Османи, која беше со синот на Хашим Тачи, поранешниот претседател кој е на судење во Хаг.
Поранешни членови на ОВК се обратија на толпата барајќи „правда за ослободителите“.
Васфије Красниќи, преживеана од сексуално насилство за време на војната, се обрати на толпата, велејќи дека слободата е она што го обединува албанскиот народ.
На 9 февруари оваа година, специјализираните совети почнаа да ги презентираат своите завршни зборови во случајот против поранешните водачи на ОВК, што ја означи последната фаза од најголемото судење пред тој суд во Хаг.
Одбраните на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи побараа ослободителна пресуда по сите точки од обвинението, наведувајќи дека нема докази што ги поткрепуваат тврдењата на Специјализираното обвинителство за воени злосторства.
Главната специјална обвинителка Кимберли Вест побара казна од 45 години затвор за секој од обвинетите поранешни водачи на ОВК.
Судењето на поранешните водачи на ОВК започна на 3 април 2023 година, речиси три години откако беше потврдено обвинението, во кое време тие беа притворени во притворен центар во Хаг.


